fbpx

ФИКТ при УКЛО демантира дека оваа година почнале да наплаќаат по илјада денари за документи за студентска работа во странство

Ја објавуваме реакцијата на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при УКЛО, како и одговорот на новинската агенција Мета.мк

-

Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) утрово испрати демант на написот на новинската агенција Мета.мк насловен „Факултети на УКЛО ги зголемија трошоците за летна работа за студентите – илјада денари за заверка на документ“.

Доставената реакција ја пренесуваме во целост.

„Почитувани,

Во новинарскиот текст на Новинската агенција „Мета.мк“ од Гоше Иванов, објавен на линкот https://meta.mk/fakulteti-na-uklo-gi-zgolemija-troshocite-za-letna-rabota-za-studentite-iljada-denari-za-zaverka-na-dokument/ наведени се неколку невистинити и полувистинити тврдења поврзани со Факултетот за информатички и комуникациски технологии. Имено, наведено е дека сте се јавиле во службата за студентски прашања на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, а досега во службата се нема јавено новинар од Вашата новинска агенција.

Во насловот на текстот од 01.02.2024 година наведено е дека „Студентите што се обратија до нас велат дека ова не било случај до лани, а според информациите што ги добивале во службите за студентски прашања, некои факултети донеле одлука за да ги наплаќаат потписот и печатот што ги ставаат на документите потребни за сезонска студентска работа во Германија“ и  „Неколку факултети на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола им ги зголемија трошоците на студентите што подготвуваат документација за летна студентска работа во странство, и тоа повеќекратно. Потпис и печат на документ што е потребен за студентска работа во Германија, студентите на Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) и Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) сега ги чини илјада денари“, што не е точно за Факултетот за информатички и комуникациски технологии, и сметаме дека ова е тенденциозно, затоа што алудирате дека ваквото зголемување е од сега.

Имено, документите што се според обрасците на агенциите и се на странски јазик, и не се генерираат во iKnow системот.

Услугата за вакви потврди се наплаќа според Одлука на Факултетот од 10.06.2019 година во висина од 1000 денари, а не од оваа академска година, како што Вие наведувате.

Додека, потврдите за редовен студент, како што правилно наведувате, Факултетот за информатички и комуникациски технологии не ги наплаќа.

Поздрав,

Факултетот за информатички и комуникациски технологи- Битола“

 

Одговор од новинската агенција Мета.мк:

Новинската агенција Мета.мк ја цени и почитува реакцијата на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при УКЛО – Битола. Би сакале да се осврнеме на грижите што институцијата ги има искажано во својот демант.

За почеток, не е точно дека новинарот – автор на написот не се обратил до службата за студентски прашања на ФИКТ. Новинарот Гоше Николов во четвртокот (1 февруари 2024 година) се јави во службата за студентски прашања на факултетот и телефонски побара информација за тоа колку чини заверката на документите што на студентите им требаат за летна студентска работа во Германија, но и колку чини обична потврда за редовен студент, при што доби одговор од вработената во службата.

Во интерес на транспарентноста и точното информирање, би сакале да појасниме дека барањето на информацијата од страна на Николов беше направено без тој експлицитно да се идентификува како новинар. Оваа одлука се засноваше на минати искуства со сродни служби за студентски прашања, каде што, штом се претставите како новинар, или долго ќе ве префрлаат од еден локал на друг, или потребната информација ќе ја добиете предоцна, или, пак, ќе инсистираат едноставните прашања што често може да се одговорат со „да“ или „не“ да ги испратите преку официјален мејл. Намерата на новинарот беше да добие навремена потврда за јавно достапна информација (колку чини документот) која е од јавен интерес, особено од интерес на студентите на институцијата.

Понатаму, никаде во написот „Факултети на УКЛО ги зголемија трошоците за летна работа за студентите – илјада денари за заверка на документ“ не се посочува експлицитно дека студентите што ја контактирале Мета.мк студираат на Факултетот за информатички и комуникациски технологии. Во делот што факултетот правилно го цитира во својата реакција, стои Студентите што се обратија до нас велат дека ова не било случај до лани, без притоа во овој дел да се прецизира за кој факултет станува збор.

Но, веќе во вториот пасус на новинарскиот напис пишува Студенти на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се обратија до редакцијата на Мета.мк и страницата „Студентаријана Инстаграм со реакција што факултетот од годинава им ги зголемил трошоците за документите што им требаат за летна студентска работа“.

Според ова, новинарот во својот текст јасно и недвосмислено наведува дека студентите што се обратиле до Мета.мк се студенти на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а никаде не пишува дека тие се дел од ФИКТ.

Оттука, сметаме дека реакцијата во овој дел е неоснована и прекумерна.

Во врска со тврдењето дека написот сугерира оти зголемувањето на трошоците за потребните документи за летна студентска работа на ФИКТ е од оваа академска година, пак, го потврдуваме и го почитуваме појаснувањето.

Повторно, во текстот, според информациите на изворите – студенти на ФТУ во Охрид, пишува дека на конкретниот факултет цената на документите е покачена од оваа година.

Студентите што се обратија до нас велат дека ова не било случај до лани, а според информациите што ги добиле во службите за студентски прашања, факултетот донел одлука да почне да ги наплаќа потписот и печатот што ги ставаат на документите“, се вели во текстот каде што се објаснуваат информациите доставени до нас од страна на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, но не од ФИКТ.

ФИКТ во новинарскиот текст се спомнува како институција која исто така има зголемени трошоци за документацијата што на студентите им е потребна за летна студентска работа во Германија, без притоа во воведниот дел да се наведе од кога овие трошоци на овој факултет се зголемени.

Во секој случај, ја почитуваме загриженоста на ФИКТ дека поради поврзувањето со ФТУ кој исто така е дел од УКЛО, читателите можеби се наведени да донесат заклучок оти поскапувањето на трошоците и на ФИКТ е од годинава. Сепак, факт е дека цената за овие документи и на ФИКТ и на ФТУ е 1.000 денари.

Според она што е наведено во реакцијата на ФИКТ, не е точно дека во написот на Мета.мк се наведени „неколку невистини и полувистини“. 

Намерата не беше читателите да се доведат во заблуда, туку да се истакне загриженоста изразена од студентите околу високата цена на документите.

Во духот на правичното и точно информирање, остануваме посветени на почитување и одржување на највисоките новинарски стандарди.

Факултети на УКЛО ги зголемија трошоците за летна работа за студентите – илјада денари за заверка на документ

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...