Факултети на УКЛО ги зголемија трошоците за летна работа за студентите – илјада денари за заверка на документ

Студентите што се обратија до нас велат дека ова не било случај до лани, а според информациите што ги добивале во службите за студентски прашања, некои факултети донеле одлука за да ги наплаќаат потписот и печатот што ги ставаат на документите потребни за сезонска студентска работа во Германија

Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, фото: ftu.uklo.edu.mk

Неколку факултети на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола им ги зголемија трошоците на студентите што подготвуваат документација за летна студентска работа во странство, и тоа повеќекратно. Потпис и печат на документ што е потребен за студентска работа во Германија, студентите на Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) и Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) сега ги чини илјада денари. За споредба, повеќето државни универзитети, меѓу кои и УКИМ во Скопје, за заверка на истите документи воопшто не наплатуваат.

Студенти на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се обратија до редакцијата на Мета.мк и страницата „Студентарија“ на Инстаграм со реакција што факултетот од годинава им ги зголемил трошоците за документите што им требаат за летна студентска работа.

Македонските студенти во моментов имаат можност за сезонска студентска работа во две земји – САД и Германија. Американската програма го носи името „Work and Travel (Работи и патувај), а германската – „Ferienbeschäftigung“ (Сезонска студентска работа) – и двете се владини програми кои им овозможуваат на странски студенти да работат сезонски за време на одморот меѓу семестрите.

Двете програми со години наназад се популарни меѓу нашите студенти – секое лето, илјадници студенти од Македонија заминуваат да заработат, работејќи за германски и американски компании.

За да можат да работат сезонски во некоја од овие две земји, најлесниот пат за студентите е да се пријават преку специјализираните посреднички агенции, кои ги водат низ целиот процес – од подготовка на документацијата, до пристигнувањето во одбраната земја.

Потребната документација за двете програми е различна, според барањата на владините агенции во САД и Германија, но она што е заедничко и потребно и за двете, се документи со кои македонските универзитети потврдуваат оти студентите што аплицираат навистина се запишани на факултет.

За сезонска студентска работа во Германија, покрај останатите документи, студентите треба да го поднесат и формуларот наречен „Декларација за потврда на упис“, кој студентот треба да го пополни и завери на факултетот каде студира. Според податоците што се бараат во документот, со него, всушност, факултетот потврдува дека подносителот е запишан студент на институцијата.

Овој документ, кој содржи податоци за студентот и одбраната студиска програма, треба да биде заверен со печат и потпис од овластено лице на факултетот. За ваква заверка повеќето македонски државни универзитети воопшто не наплаќаат, а годинава исклучок се неколку факултети во рамки на битолскиот УКЛО, кои на студентите оваа учебна година решиле да им наплатуваат по илјада денари.

Студентите што се обратија до нас велат дека ова не било случај до лани, а според информациите што ги добиле во службите за студентски прашања, факултетот донел одлука да почне да ги наплаќа потписот и печатот што ги ставаат на документите.

„На студентски прашања ни кажуваат дека сумата за да ни дадат потврда дека сме студенти и да му стават печат на потребниот документ е 1.000 денари. Ни рекоа дека е донесена некаква одлука, но кога побаравме да ни ја покажат одлуката, не го направија тоа“, вели еден од студентите што се обрати до Мета.мк и „Студентарија“, а кој побара да остане анонимен.

Студентите велат дека зголемувањето на трошоците многу од нив ги поколебало, па годинава размислуваат да се откажат од сезонската работа.

„Многу студенти се откажаа, зoшто трошоците се навистина големи. Инаку обична потврда за редовен студент, без потребниот документ за студентска работа, чини 150 денари“, вели друг студент.

Мета.мк се јави на студентски прашања на ФТУ во Охрид и на ФИКТ во Битола, од каде вработените ни потврдија дека за потврда за редовен студент и за документот потребен за студентска работа во Германија, наплаќаат по 1.000 денари.

Од друга страна, на Факултетот за безбедност во Скопје, кој исто така е дел од УКЛО, ни кажаа дека заверката на документот не ја наплаќаат.

Според ФТУ, сезонската работа за студенти во Германија не e „студентска работа“?

Се обративме и официјално до раководството на ФТУ со прашање од кои причини на студентите кои сакаат да заминат на студентска работа во странство им се наплаќаат дополнителни 1.000 денари за да се потврди оти се запишани на факултет.

Во одговорот од ФТУ на почетокот ги објаснуваат разликите меѓу Потврда за редовен студент и Други наменски потврди, притоа наведувајќи податоци што се чинат погрешни. Според Факултетот за туризам и угостителство, Потврдата за редовен студент се издавала системски, а надоместокот за истата бил идентичен на целиот универзитет, па овој факултет ја наплаќал 150 денари.

Оваа информација се чини неточна. Како што сведочат студенти на Техничкиот факултет во Битола и Факултетот за информатички и комуникациски технологии при УКЛО, а што го потврдивме и ние со телефонско јавување на службите за студентски прашања на овие два факултета, обична потврда за редовен студент на овие две единици на УКЛО се издава бесплатно, без никаков надомест.

Покрај обичната потврда, од ФТУ велат дека излегувале во пресрет и за „сите други специфични и наменски барања на студентите“, алудирајќи и на документот што на студентите им треба за да работат сезонски во Германија.

Според факултетот, ваквите документи не биле редовни потврди и се издавале исклучиво по наменско барање на студентите.

„Станува збор за документи во кои треба да се наведат голем број на специфични податоци кои Факултетот ги има во евиденцијата која ја води во согласност со ЗВО (член 158 – Водење и заштита на личните податоци). Во тој случај, не станува збор само за „печат и потврда за редовен студент”, туку секое барање е индивидуализирано според податоците кои се бара да бидат наведени во документот кој го издаваме, а на секое барање се постапува со должно внимание да послужи за точно специфицирана потреба и со законска одговорност и етичка внимателност во ракувањето со личните податоци“, велат од охридскиот Факултет за туризам и угостителство.

За потврдата што им треба на студентите за сезонска работа во Германија, од ФТУ велат дека станува збор за документ за работа во странство „надвор од програмите за Work and Travel“.

„Во однос на документот за работа во странство (надвор од програмите за Work & Travel), станува збор за надворешен формулар со кој студентот бара да се пополнат голем број на податоци (претпоставуваме дека тој документ го бараат aгенциите кои посредуваат за работа во странство), а службите на факултетот внимателно ракувајќи со евиденцијата ги наведуваат сите специфични и наменски податоци кои се бараат. Таквиот документ овозможува права за работа во странство и признавање на стаж во странство за годините кои студентот ги поминал студирајќи, без оглед дали дипломирал, тековно студира или се откажал од студирање. Надоместокот за издавање на ваквите специфицирани наменски документи на барање на студенти е определен со Одлука на Наставно – научниот Совет на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, а врз основа на член 110, точка 21 од Законот за високо образование“, велат во својот одговор од ФТУ.

Според овој одговор, се чини дека овој факултет во Охрид има различни правила за сезонска студентска работа во САД и во Германија.

На документот што треба да го завери факултетот, а кој е јавно достапен и го издава германската Сојузна агенција за вработување, покрај другите информации, јасно се посочува дека бараните податоци служат за сезонска студентска работа.

Во Декларацијата за потврда за запишаност на факултет јасно е наведена намената за која се издава

Од агенцијата „Контекст“, која посредува за летна студентска работа во САД и Германија, велат дека станува збор за информативен документ – потврда, која не служи за долгорочно вработување, туку е документ само и единствено за студенти и сезонска студентска работа.

„За студентот да ги оствари своите права додека работи во Германија како студент, односно за да не плаќа пензиско, здравствено и социјално осигурување, мора да приложи документ дека е студент во матичната држава. И во тој случај не се работи за редовно вработување, туку за летна студентска работа или летна пракса, што е наведено и во документот што го заверуваат факултетите. Ако студентот не може да докаже дека навистина е студент, нема да може да ги ужива овие законски олеснувања“, вели Александра Божиновска од агенцијата „Контекст“.

Таа објаснува дека студентите што заминуваат во Германија добиваат посебна работна дозвола, која е наменета само за студенти и која е различна од онаа за редовно вработените лица.

„Програмата за студентска работа во Германија има даночни олеснувања баш поради тоа што е наменета за студенти. Класичното вработување е нешто сосема друго – за класично вработување нема потреба да се потврди статусот на редовен студент. На крајот на краиштата, според нашиот закон, студентите не ни смеат класично да се вработат, затоа што уживаат бенефиции од државата, односно државата покрива дел од трошоците за студирање. Така што, објаснувањата дека на студентите им се наплаќа за овие документи поради некаква класична работа во странство, се нелогични“, вели Божиновска.

Покрај дел од факултетите на УКЛО, овој документ скапо се наплаќа и на некои приватни универзитети, како и на државниот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Инаку, студентите кои заминуваат на сезонска работа во Германија или САД, најчесто работат во областите гастрономија, хотелиерство и малопродажба.