Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, од редовите на Алијансата за Албанците, синоќа бил физички нападнат во ресторан во Тетово. Нападот, според неговата пријава во полиција, го извршил Кренар Османи, водач на навивачката група „Балисти“. Небиу вели дека не го познава Османи, но, според него, мотивот може да биде или неговата професија или партијата, пишува Порталб.мк.
„Никогаш не сум имал никакво недоразбирање и не ни знам кој е тој, потоа од вработените во ресторанот разбрав кој е. Сигурно има нешто зад оваа работа бидејќи јас лично не го познавам. Очекуваме органите на прогонот што поскоро да го лишат од слобода бидејќи тој напад имаше за цел моја елиминација. Ме нападна со боксирач“, изјави Небиу за Порталб.мк.
На прашањето дали имало друго лице со него, Небиу вели дека не видел никој друг. Во меѓувреме, на прашањето дали нападнал и некој друг, тој рече дека и покрај тоа што имало 40 лица, Османи го нападнал само него.
„Бевме 40 души, само мене ме нападна. Бев со мои сопартијци, но што ако утре се погоди да сум излезен со семејството и децата. Никому ништо не должам, никому не сум направил зло. Ова сега значи дека не сум слободен, не знам кој друг може да ме нападне утре“, додава Небиу.
Според него, Османи ја споменал и неговата професија, поточно функцијата директор на Агенцијата за управување со одземен имот.
„Ми ја спомна и вика кој си ти да продаваш туѓи имоти, кој си да се занимаваш со ВМРО. Не знам и не можам да тврдам што се случило, но нападот е поврзан или со професијата или со политиката“, додава Небиу.
Порталб.мк се обиде да го контактира и Кренар Османи, но тој не одговори на нашиот телефонски повик и СМС пораки.
Според соопштението на полицијата, инцидентот се случил во 19 часот и 40 минути, во угостителски објект на улицата „Илирија“ во Тетово.
„Лицето Н.Д. бил физички нападнат од К.О. од Тетово. Се преземаат мерки“, се наведува во синоќешното соопштение, а најавено е дека ќе има дополнително соопштение денеска.
Инцидентот, иако официјално не се познати мотивите, се случил во време кога лидерот на Алијансата за Албанците, Aрбен Таравари е во отворен спор со поранешниот претседател на партијата, Зијадин Села, за прашањето за коалицирање во редовните парламентарни избори на пролет.
Небиу отворено го поддржува Зијадин Села, кој синоќа побара разрешување на Таравари, а Османи е поддржувач на Таравари.