fbpx

Само лани во Струга се затворени 154 бизниси, останатите едвај преживуваат

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) велат дека Струга всушност има многу потенцијал за развој, но овој град е заобиколен во економскиот план на државата, пишува Порталб.мк

-

Зголемувањето на трошоците за живот, доминацијата на пазарот од гигантските компании и пред сè миграцијата на младите предизвикала затворање на многу мали бизниси во Струга, а оние кои продолжуваат да дејствуваат на пазарот велат дека се соочуваат со големи потешкотии. Во текот на 2023 година во Струга се затворени 154 бизниси. Кај младите има многу мал интерес за учење и развој на занаетите во овој град. СКСЗМ оценува дека РСМ е типичен пример како не треба да се градат основите за економски раст и развој, пишува Порталб.мк.

 

Регресот на економскиот развој се повеќе се продлабочува во малите градови низ државата. Причина за ова се низа фактори, но на листата предничи намалувањето на движењето како резултат на масовното заминување на граѓаните во западните земји. Струга е еден од градовите во Северна Македонија чие население значително се намалило со текот на годините. Според пописот од 2002, во општина Струга имало над 63.000 жители, додека последниот попис покажал дека населението во оваа општина е значително намалено, и моментално во општина Струга живеат 50.980 жители. Оваа реалност се одразила и на опстанокот на многу бизниси во овој град, отежнувајќи го нивното функционирање, а во многу случаи го направило и невозможно.

Бленда Луфи е сопственичка на мал бизнис во Струга. За Порталб.мк таа вели дека работата се намалила многу во споредба со другите години.

„За малите бизниси егзистенцијата стана многу тешка. На пазарот сме долги години и имаме воспоставено наша редовна клиентела, но ако се спореди продажбата со претходните и со оваа година, можам да кажам дека продажбата е значително помала. Овде одвреме-навреме се отвораат нови продавници, но многу брзо се затвораат затоа што не можат да ги покријат ни месечните трошоци , а камо ли да остварат профит“, вели Бленда, сопственичка на текстилна продавница.

„Од она што го гледаме и анализираме, главните фактори кои влијаеле на намалувањето на нашата работа и на многу други бизниси овде во Струга се високите цени на месечните давачки, како високите кирии, даноците кон државата, високи сметки за струја и други комунални услуги, и така натаму. Голем проблем е и заминувањето на младите, кои се нашата главна куповна сила. И несомнено друг важен фактор е зголемувањето на трошоците за живот, а платите се толку ниски што едвај ги покриваат основните трошоци за храна и месечни давачки. На луѓето не им остануваат пари за други дополнителни трошоци“, додава Бленда за Порталб.мк.

Според податоците објавени на порталот „Пари”, во текот на 2023 година во градот Струга под клуч се ставени 154 бизниси.

Од друга страна во Струга се повеќе се намалува и бројот на занаетчии. Многу продавници и занаетчиски работилници се затвораат, а бројот на регистрирани занаетчии во Струга е околу 150-160.

Занаетчиите велат дека се соочуваат со многу тешкотии поради последователните кризи. Кујтим Ајдо, претседател на здружението на занаетчии во Струга, вели дека голем дел од занаетчиите опстојуваат само во летната сезона и дека сите нивни надежи за да ги покријат годишните трошоци и да обезбедат макар и мал профит зависат од сезоната кога и раздвиженоста на луѓе во градот се зголемува благодарение на доаѓањето на многу иселеници во нивната татковина.

„Впрочем, бројот на занаетчии постојано се менува бидејќи одвреме-навреме има прекини или затворања на дуќаните. Во текот на месеците септември и октомври во Струга имаше нови пријавувања на занаетчии како резултат на неповратните дотации што ги доделува Агенцијата за вработување. Најголем број занаети кои се отвораат преку овие грантови се салоните за убавина, главно за жени. Генерално, младите во нашиот град имаат многу мал интерес за учење и развој на занаетите. Има голема разлика, за време на летната сезона работиме многу добро, но за жал не трае долго, само околу месец и половина, а останатиот дел од годината е многу слабо со работа. Во зимата е многу слабо и тешко ја поминуваме“, вели за Порталб.мк Ајдо.

Фото: Порталб.мк

СКСЗМ ги критикува политиките за економски развој во РСМ

Во однос на стагнацијата на економскиот развој во малите градови, Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) оценува дека „Република Северна Македонија е типичен пример како не треба да се градат основите за раст и економски развој, каде што за жал имаме екстремна диспропорција на развој меѓу планските региони во земјата”.

„Како целина, како држава, се соочуваме со значителен недостаток на работна сила, додека во однос на развојот на градовите од различни региони, не можеме да не го споменеме недостатокот на инфраструктура за секој град, без разлика на карактеристиките кои ги има. Струга како туристички град се соочува со недостиг од соодветна инфраструктура, што е сериозна пречка тој град да биде уште поатрактивен за посетителите. Недостигот од инфраструктура го пенализира и од едно право кое е универзално за сите градови без разлика, а тоа е создавањето на можности за бизнис, имајќи предвид дека овој град ужива и поволна географска положба, со оглед на тоа што е многу блиску до пристаништето Драч, но недостатокот на соодветни автопати го оневозможува капитализирањето на оваа одлична можност. Не треба државата да го третира само како туристички центар, туку овој град треба да се трансформира во атрактивно место за инвестиции. Но, на сето ова мора да му претходи голема работа за изградба на инфраструктура и подобрување на поврзаноста со другите градови и населени места за да им се даде деловна предност во однос на оперативниот аспект на бизнисот“, изјавија за Порталб.мк од СКСЗМ.

Од СКСЗМ додаваат и дека Струга всушност има многу потенцијал за развој, но овој град е заобиколен во економскиот план на државата.

Дека овој град има потенцијал покажуваат и бројните демографски податоци, каде овој град има значителен број иселеници кои со парите што ги испраќаат во нашата земја го оживуваат овој дел од државата. Стопанската комора на северозападна Македонија верува дека државата треба да создаде механизми и стратегии за материјализирање и капитализирање на средствата на сограѓаните кои доаѓаат од дијаспората, преку стимулирање на инвестициите од нивна страна, со цел промовирање на здрава економска конкурентност. Според последните статистички податоци, денес градот Струга брои нешто повеќе од 19.123 жители кои се иселиле од државата, а оваа статистика најдобро објаснува како овој град е занемарен од економскиот план на државата“, додаваат од СКСЗМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...