Целосно затемнување на сонцето во САД, Канада и Мексико

Затемнувањето прво ќе може да се види на западниот брег во Мексико, па ќе се „придвижи“ североисточно низ САД и Канада

NASA's Scientific Visualization Studio

Милиони луѓе низ Мексико, САД и Канада ќе патуваат да го видат целосното затемнување на сонцето, кое ќе започне ова попладне, пренесува Гардијан.

Затемнувањето прво ќе може да се види на западниот брег во Мексико, па ќе се „придвижи“ североисточно низ САД и Канада, по т.н. „патот на тоталноста“. Патот на сенката на месечината од запад кон исток ќе трае околу еден час. Околу 31 милион луѓе живеат во патот на тоталноста на затемнувањето.

Целосно затемнување во Северна Америка нема да може да се види уште 21 година, а тоа ќе биде видливо само во три држави во САД, за разлика од сегашното затемнување кое ќе биде видливо во 13 држави.

Тие кои сега си го планираат патот до една од локациите каде може да се види затемнувањето најверојатно нема да најдат сместување бидејќи во многу градови речиси 100 отсто од становите се веќе букирани. Љубители на затемнувањето раскажуваат како уште пред повеќе од година закажале сместување за да го видат астрономскиот настан.

Гардијан исто така ја пренесе приказната на Мајкл Зајлер, кој изработува мапи за затемнувањето на сонцето. Зајлер често ја има менувано својата локација во последниот момент, за да најде подобри временски услови за опсервирање на затемнувањето.

„Ние сме целосно обратни од тие кои бркаат торнада – секогаш бараме ведро небо“, вели Зајлер.

Целосното затемнување на сонцето нема да биде видливо од Македонија или од која било друга земја од Балканот.