Скопје се подготвува да се кандидира и за Европска престолнина на млади

Секоја година, еден европски град има можност да ги презентира и покаже иновативните идеи и проекти направени од и за младите, подобрувајќи ја вклученоста на младите во светски рамки

Фото: Калерна (kallerna), CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

На иницијатива на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и бројни младински организации, Град Скопје отпочна со подготовки за престижната титула за град на млади, која ја доделува Европскиот младински форум со цел да ги охрабри младите да го зголемат младинското учество во градовите кои конкурираат за оваа титула.

„По големиот успех со изборот на Град Скопје за Европска престолнина на културата за 2028, оваа кандидатура ќе претставува афирмација на меѓународно ниво за градот и на посветеноста и иновативните проекти и активности што се реализираат за младите“, велат од Град Скопје.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска одржала состанок со претставници од младинскиот сектор, кои споделиле свои идеи.

Со вклучувањето во процесот за Европска престолнина за млади, секоја година, еден европски град има можност да ги презентира и покаже иновативните идеи и проекти направени од и за младите, подобрувајќи ја вклученоста на младите во светски рамки. Градовите ја потврдуваат својата заложба младите да имаат еднаква можност да учествуваат во креирањето на политики во социјалната и економска сфера.

Како најголемо претставничко тело на младите, од НМСМ изразија задоволство да го дадат својот придонес во кандидатурата на Скопје за Европска престолнина за млади.

„Град Скопје настојува да овозможи уникатна можност за младите активно да дејствуваат во различни области на општественото живеење и да ја гледаат својата иднина во Скопје и Македонија. Преку промоцијата на младинскиот активизам важно е да се креираат можности за младите и преку нивно поврзување со културните и образовните институции, како клучни партнери на Градот, тие да бидат активни носители и креатори на голем број градски активности и проекти“, велат од Град Скопје во соопштението во која ја најавуваат подготовката на кандидатурата.

Македонскиот главен град во септември беше прогласен за Европска престолнина на културата за 2028 година. Стекнатата титула е од огромно значење, бидејќи ќе донесе афирмација на македонската култура во сите нејзини сегменти, од културното наследство до современата архитектура и изведувачките уметности.