УСАИД со нов проект: Младите имаат потенцијал, но не и поддршка

Станува збор за Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности - петгодишна активност која ќе им помогне на повеќе од 10.000 млади да се поврзат со можностите коишто им се потребни за да бидат конкурентни во денешната економија

Фото: УСАИД

Младите во земјава имаат многу потенцијал, а решението не е во иселувањето во странство, туку е потребно е да се поддржат и да се вклучат во заедницата. Ова беше пораката од настанот кој се одржа денеска во „Нетавил“ во Скопје на кој официјално се потпиша меморандум меѓу УСАИД и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

Станува збор за Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности – петгодишна активност која ќе им помогне на повеќе од 10.000 млади да се поврзат со можностите коишто им се потребни за да бидат конкурентни во денешната економија. Проектот е со вредност од 7 милиони долари и цели да воспостави партнерства за привлечни економски можности за младите, да ги зајакне вештините на младите за успешна кариера и да промовира вредности како одговорност, етика и граѓанско учество.

Настанот го отворија министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, директорката на УСАИД за Европа и Евроазија, амбасадорката Ерин Е. МекКи. Меморандумот беше потпишан од проф. д-р Биљана Ангелова, ректорката на УКИМ и Небојша Мојсоски, раководителот на Активноста на УСАИД.

Нивните говори беа проследени со панел-дискусија со четири млади инспиративни говорници, меѓу кои имаше претприемачи кои зборуваа за своите искуства обидувајќи се да придонесат во својата заедница и да направат некакви промени во Македонија.

Министерката Тренчевска во својот говор истакна дека младите имаат многу потенцијал, но често се одлучуваат да се иселат од државата. Како да се задржат тука е едно прашањата кое е од особена важност за МТСП, рече Тренчевска, посочувајќи го оперативниот план за активни програми и мерки за вработување изработен од министерството.

Ерин Е. МекКи, која денес имаше средба и со премиерот Димитар Ковачевски, во нејзината изјава за медиумите рече дека и покрај потенцијалот и желбата кај младите во Македонија да се амбициозни, свесна е оти постојат и многу препреки.

„Младите се соочуваат со многу предизвици, вклучувајќи недостиг на атрактивни кариери, како и ниска стапка на вработеност, за која се смета дека стои околу 25 проценти кај младите. Водејќи се по статистиките, но и по тоа што сум видела и чула за време на мојата посета на државата досега, младите тука се чувствуваат разочарано од владата, од економските предизвици и од тоа каде се гледаат себеси во иднината на државата“, рече МекКи.

Фото: УСАИД

Амбасадорката истакна дека половина од младите во Македонија не гласале и планираат да си заминат од државата. Таа вели дека ваквата состојба претставува сериозна закана за демократијата, за која е потребна ангажираност од граѓаните, а особено од младите. Една од најважните пораки кои таа сакаше да ги пренесе е тоа дека едно општество не може да просперира ако младите не се ангажирани, поддржани и вработени.

Фото: УСАИД

Откако меморандумот беше официјално потпишан, почна дискусијата на која присуствуваа четворица млади луѓе – Тоше Трајанов, кој од Охрид ја раководи мултимилионската ИТ фирма „Адева“, Сања Митровска – основачка на „Нетворкер“, стартап кој им помага на други стартапи, Мартин Ангелов, сопственикот на првото кафуле во Македонија за лица со оштетен слух и Адора Лимани, млада девојка која тукушто завршила средно училиште и која е примена на престижниот американски универзитет Браун, но си ги одложила студиите за една година со цел да биде активна во граѓанскиот сектор во Македонија.

Трајанов е претприемач, еден од основачите на „Адева“ – фирма која работи во повеќе од 40 земји во светот и чија главна цел е да помогне на компании кои се во фаза на брз раст и развој, да се стекнат со квалитетен ИТ кадар. „Адева“ била проценета за една од 500-те најбрзорастечки фирми во светот во периодот од 2019-2022 година. Тој вели дека неговата компанија креира голема вредност за клиентите, но и за заедниците во државите во кои оперираат.

Во своите средношколските денови Трајанов бил инволвиран во проект од УСАИД кој целел да ги поддржи младите во средните стручни школи. Со тој проект развивале реални и виртуелни компании во стручните школи, каде што правеле бизнис планови. Тој вели дека таквата активност била клучна во неговиот развој како претприемач и се надева оти слични проекти ќе ги поттикнат младите да влезат во претприемништвото.

Сања Митровска, како основачка на „Нетворкер“, им помага на други стартапи. „Нетворкер“ е успешна фирма која го држи гинисовиот рекорд за најдолга бизнис презентација. Но, Митровска истакна дека не сакала да зборува само за нивните достигнувања, туку да сподели лична приказна и искуство.

Таа раскажа приказна од своето детство, кога имала 13 години и требало да држи говор на школскиот патронат, кој испаднал голема манифестација на која присуствувале и некои министри. Митровска била самоуверена пред говорот, и покрај тоа што нејзините родители имале страв дека нешто можело да се случи, како тоа да падне или да зборува пребрзо. Сè било во ред сè додека не стигнала до сцената, кога светлата силно ѝ блескале во очите. Во тој момент на сцената ѝ се привидела стара жена, при што сфатила оти всушност жената претставува како таа самата се замислувала во иднината.

Митровска ја искористи приказната за да илустрира дека од најмала возраст имала јасна визија што сака и дека имала потреба од некаков импакт. Вели дека секоја одлука што ја носи, на некој начин, пробува да ја задоволи визијата на таа 13-годишна Сања. Таа им порача на младите да не се обесхрабрат од своите неуспеси и да се обидат што е можно најавтентично да си ги следат своите визија и сон, велејќи дека полесно се спие навечер со неуспех отколку со тоа да се прашуваш „што ако пробав?“.

„Не е неуспех да ти пропадне бизнисот. Математички гледано, од десет бизниси, десеттиот да го погодиш е успех“, охрабрувачки изјави Митровска.

Следен зборуваше Мартин Ангелов, основачот на првото кафуле за глуви лица и лица со оштетен слух во Битола. Во барот може да се користи знаковен јазик за комуникација. Ангелов, кој и самиот е лице со оштетен слух, објасни дека во државата постои малку поддршка за глуви лица откако тие ќе завршат средно образование. Имено, тој седум години работел во печатница, а неговата девојка, која исто има оштетен слух, работела како шнајдерка.

Сакајќи да направат некаква промена во својата заедница, тие отишле на четиримесечен проект во Холандија, каде научиле како да почнат бизнис од нула. Таму биле охрабрени да се вратат во Македонија и да започнат бизнис овде. Откако се вратиле и размислувале една година, одлучиле да го отворат кафулето за лица со оштетен слух.

Последна говореше матурантката Адора Лимани. Таа завршила во меѓународното училиште „Нова“ и е примена да студира на престижниот американски универзитет „Браун“, каде претходно присуствувала и на летни школи. Но, иако таа навидум е, како што самата рече, „жртва“ на трендот на одлив на мозоци, вели дека отсекогаш целела да ѝ помогне на својата заедница. Имено, таа ги одложила своите студии за една година, за да работи во граѓанскиот сектор во Македонија.

Лимани ги охрабри присутните да се трудат да делуваат во своето општество, користејќи свои примери од најмала возраст. Кога имала само 15 години, започнала феминистички клуб во своето средно училиште. Тие аплицирале за грант за снабдување на училиштето со бесплатни менструални производи, кој го добиле.

Лимани раскажа за нејзиното искуство на еден од летните кампови на кој присуствувала во САД, каде имала за задача да напише новинарски текст. Таа одлучила да пишува за проблемот на абортус за полова селекција, кој го забележала во својата заедница, но не и во медиумите. Се работи за абортуси кои се извршени поради традиционално преферирање на машки деца. Нејзиниот напис потоа бил објавен на „Рес Публика“ , а Лимани со гордост кажа дека тој е вториот резултат кој излегува на „Гугл“ кога ќе се пребара општо за абортуси за родова селекција.

Настанот неформално го затвори координаторот на активноста на УСАИД, Небојша Мојсоски, кој за време на целиот настан со многу топлина ги претставуваше сите гости. Тој им се заблагодари на присутните млади луѓе и посочи дека „младинскиот витамин“ е клучот што го држи ентузијастичен и ведар.

Активноста ја спроведува американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со CEED Hub Скопје и Младинскиот образовен форум (МОФ).