МОФ со Повик за млади истражувачи во пет тематски области

За време на повикот, на учесниците ќе им биде обезбедена стипендија во висина од 2.000 долари

Младинскиот образовен форум (МОФ) во соработка со Центарот за наука и иновации од Албанија и Иницијативата за човекови права од Србија објавија повик за апликации на Регионалната програма за мобилност на младинско лидерство (RYLMP), наменет за студенти, активисти и млади истражувачи од Северна Македонија, Албанија и Србија, кои имаат интерес за истражување и застапување за прашања поврзани со младите.

Како што велат од МОФ, програмата е одлична можност за професионален и академски развој на студентите и има за цел да ги научи како да истражуваат.

Заинтересираните кандидати треба да аплицираат со свои индивидуални предлози (акциски планови) за застапување базирани на факти, со помош на формуларот за предлози кој е прикачен на повикот достапен на овој линк и со пополнување на формата за апликација, во рамките на една од приоритетните тематски области: регионална соработка и европска интеграција, образование и можност за вработување, миграција и одлив на мозоци, младинско учество и младинска активација кон двојна транзиција – дигитална и зелена.

Од МОФ ги охрабруваат кандидатите да аплицираат со конкретизирани и специфични планови во една од наведените области. По евалуацијата, избраните учесници – стипендисти на RYLMP ќе бидат поделени во групи од тројца, по еден учесник од секоја земја во согласност со нивните полиња на интерес. Тие ќе работат со своите врсници и менторска поддршка на нивните акциони планови базирани на факти, а планирани се два двонеделни периоди на истражувачка мобилност во секоја земја.

За време на повикот, на учесниците ќе им биде обезбедена стипендија во висина од 2.000 долари од страна на Фондацијата Отворено општество со цел покривање на патните трошоци, сместувањето и други поврзани трошоци за успешно завршување на активностите за истражување и застапување.

Работниот јазик на сите активности на програмата е англиски, а краен рок за аплицирање е петок, 29 декември 2023 година.

Целосниот повик за апликации може да се најде овде.