„Дали е корисна училишната униформа?“ – дебата меѓу средношколци и студенти организирана од МОФ

Фото: Мета.мк

Во просториите на невладината организација Центар за балканска коорперација ЛОЈА, вчера во Тетово се одржа дебата меѓу студенти и средношколци на тема „Личен стил или еднаквост: Дали е корисна училишната униформа?“, организирана од страна на Младински образовен форум (МОФ).

Дебатата беше спроведена од учесници кои се дел од два од едукативните клубови или програми на МОФ: Дебатен клуб и клубот Учиме право. Замислата овозможена да се проследи јавно, пред публика и медиуми претставуваше парламентарна дебата составена под мотото „Што ако вашите другари станат политичари?“.

Двата тима со по три члена ја застапуваа „владата“, односно владејачката партија и „опозицијата“, во која секој член од тимовите излезе со свои аргументи на афирмирање на одлуката и побивање на ставот на претходниот, што имаше свое обраќање како на една собраниска седница.

Дебатерите не ги претставуваа директно сегашните актуелни пратеници и министри, туку се работеше за фиктивна претставка на иницијатива која присутните можеа да ја проследат и да гласаат за ставот кој повеќе им се допаѓа, со тоа што ќе се донесе финална одлука.

Ваквиот тип на иницијативи ги поттикнуваат младите да размислуваат за промени, реформи и нивни спроведувања, при што јавно се откриваат потенцијални факти и мислења при донесување на една одлука.

Координаторот на отсекот во Тетово за МОФ, кој беше и организатор на настанот, за Мета.мк сподели како ја избрале оваа тема и зошто.

„Баравме некоја тема што ќе биде најблиска до средношколците и таа испадна да биде униформата и прашањето дали треба да се воведе. Ние дојдовме и до многу други

Фото: МОФ, користење со дозвола

различни идеи кои се испостави да бидат многу покомплицирани и повеќе локални и сакавме да смислиме нешто подостапно за сите“, открива Ристо Савески, координатор на тетовското членство во МОФ.

Тој рече дека за подготовката на оваа дебата им биле потребни две недели, во кои сите членови макотрпно работеле на развивање на тезите.

„Суштината е што денес имаме членови кои завршиле курс или сè уште членуваат во Дебатниот клуб и во клубот Учиме право. Некои од членовите никогаш не дебатирале, а од другата страна „дебатерите“ не ги знаат аргументите што треба да се искористат од типот на слобода и еднаквост па тука потпомогнаа членовите на Учиме право. Така успеавме да склопиме еден добар тим што соодветно ќе ја претстави оваа дебатна иницијатива“, вели Ристо.

Според него, во рамките на МОФ овие овие две програми се сметаат како дијаметрално различни, односно Учиме право се смета како клуб кој го посетуваат „бубалици“, додека Дебатниот клуб е за „креативци“. Сепак, тој додава дека не можела да се изостави нивната меѓусебна поврзаност, па затоа се одлучиле да искомбинираат заедничка дебата.

Паралелната разлика во македонското и сечие друго младинско општество е многу видлива споредено со оваа идеја. Покрај поттикот за размислување на младите за свое имплементирање во одлуките што се носат во општеството, ваквите настани овозможуваат младите да ги проценат своите способности и да увидат дека своето насочување може да го одредат, освен кон една, и кон повеќе насоки.

Фото: МОФ, користење со дозвола

На „седницата“, членовите на владата ја изнесоа одлуката за воведување на униформа во училиштата како би се намалило чувството на класна определба, со која секое дете според нив, прв пат во животот се среќава меѓу училишните клупи. Опозиционерите аргументираа против, истакнувајќи дека надвор од училиштето повторно децата се тие што се и се облекуваат различно, со што беше истакнато дека личниот стил на секое дете му дава најголема слобода на изразување и тоа не треба да се одзема, а покрај тоа, тие додадоа дека во прашање е огромен буџет кој треба да се оддели за воведување на униформи.

Конструктивното и однапред размислено искажување на секоја од страните и на секој од дебатерите поединечно наведува на размислувањето дека постои засегнатост меѓу младите кога доаѓа до расветлување на сите страни на една одлука, што се носи во парламентот во земјава. Во Македонија постои младина која е спремна да се бори да го искаже својот став, што понатаму може да резултира во донесување на одлуки кои државата би ја придвижиле кон подобар правец и насоки на развивање.

Фото: МОФ, користење со дозвола

На настанот, свое обраќање имаше и претседателот на Младински образовен форум, Петар Барлаковски, кој посочи дека МОФ е организација што овозможува програми на неформално образование што нашиот образовен систем не ги опфаќа.

„Во рамките на нашата организација има четири програми: Дебатна програма, програмата Учиме право, Младински активизам и Истражување и анализа кои овозможуваат професионално и лично надоградување на младите лица“, кажа тој.

На крајот, тој рече дека повикот за учество во програмите на МОФ сè уште е отворен за сите оние кои се заинтересирани, кое притоа е бесплатно.