сабота, 18 април, 2026
Meta.mk

Каматните стапки за дозволено пречекорување достигнаа 10 отсто со што се зголемија давачките на граѓаните

Најголем дел од домашните банки од неодамна речиси ги изедначија каматните стапки на дозволениот и недозволениот минус на банкарските сметки на граѓаните. Така, сега и кога трошите од т.н. „дозволено пречекорување“ плаќате камата од 10 отсто на годишно ниво за потрошениот износ. Во некои банки, оваа каматна стапка пред покачувањето изнесуваше само 2 отсто.

При покачувањето на каматата, граѓаните беа единствено известени преку кратка порака од самите банки.

Две од трите најголеми банки велат дека во зголемувањето на каматните стапки тие ги следат чекорите на НБРСМ, додека од Народната банка велат дека станува збор за пазарна одлука на самите банки.

Поточно, од НЛБ одговорија дека покачувањето на каматните стапки за дозволено пречекорување е извршено согласно покачувањето на каматните стапки на благајничките записи од страна на Народната банка.

Последната промена во НЛБ Банка е направена на 1 јули годинавакога каматната стапка за дозволено пречекорување е зголемена за 0.75 процентни поени. Промената на каматната стапка на дозволеното пречекорување произлегува од промената на каматната стапка на благајничките записи, бидејќи истата е варијабилна и е составена од вредноста на благајничките записи зголемена за фиксен додаток“, гласи одговорот. 

И од Комерцијална Банка АД Скопје посочија дека каматната стапка на дозволеното пречекорување на трансакциските сметки на физичките лица директно зависи од референтната стапка за казнена камата, која ја објавува НБРСМ два пати годишно.

„Поради промена на референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, почнувајќи од 01.07.2022 година, каматната стапка што се применува при пресметување камата на искористениот дел од дозволеното пречекорување изнесува 9,95%. Каматната стапка што се применува при пресметка на камата за недозволено пречекорување изнесува 10,00% на годишно ниво“, прецизираат од Комерцијална банка.

Оттаму додаваат дека тие висината на каматните стапки ја утврдуваат врз основа на нивните трошоци, во кои е вкалкулирана и стапката на инфлација, како и целите кои си ги имаат зацртани и, секако, очекувањата на акционерите во Банката.

„Кај надоместоците, најголемо влијание имаат директните трошоци за обезбедување на одредени услуги или функционалности. А, каматните стапки се условени од референтните каматни стапки за соодветни инструменти, каматните стапки на меѓународниот и на домашниот пазар на пари, кредитната способност на кредитокорисникот и квалитет на обезбедувањето, трошоците на задолжителната резерва кај Народната банка, трошоците за пренос на средства (МИПС), рокот на орочување или рокот на кредитот, стапката на инфлација, како и од останати трошоци согласно барањата кои произлегуваат од законската регулатива и
останатите состојби во економијата“, велат од Комерцијална банка.

Мета.мк прашања испрати и до Стопанска банка АД Скопје, но до денот на објавување на оваа статија одговори не добивме.

Од НБРСМ пак, информираат дека банкарските надоместоци за дадените услуги, во основа се деловна и пазарна одлука на самите банки.

„Нашите официјални статистички податоци, засега не покажуваат поголеми промени во каматните стапки, како основна цена којашто населението и корпоративниот сектор ја плаќаат за кредитите коишто ги користат од банките. Но, се разбира, централните банки, водејќи се од интересот на граѓаните и компаниите, делуваат индиректно врз цената на банкарските услуги преку поттикнување на поголема конкуренција, особено во делот на платежни услуги, а поголемата конкуренција секако носи поширока понуда на производи по поповолни услови за граѓаните и компаниите“, велат оттаму.

Според податоците наведени на официјалните веб-страници на банките, каматната стапка за дозволено пречекорување на годишно ниво за сите клиенти изнесува 10 отсто од вкупниот пречекорен износ.

Согласно тоа, доколку еден граѓанин којшто месечно зема просечна нето плата, што според Државниот завод за статистика по пресметките во месец јули изнесува 31.812 денари, пречекори една цела плата, на годишно ниво тој треба плати 3.181,2 денари.

Управителот на Aгенцијата за даночен и финансиско-сметководствен консалтинг „Про Агенс“ и магистер по Монетарна економија, Павле Гацов смета дека ниту еден пропис не наложува зголемување на овие каматни стапки.

„По 2015, 2022 година е прва година со позитивни еурибор каматни стапки. Народната банка соодветно ја зголеми основната каматна стапка на 3 отсто во обид да влијае на намалување на побарувачката и кредитниот мултипликатор на комерцијалните банки, а заради зауздување на растечката инфлација“, укажува Гацов.

Тој објаснува дека ваквото зголемување на каматните стапки е следено и со минимално зголемување и на депозитните камати, но и каматата на благајничките записи, односно државните записи и обврзници.

Според Гацов, за банките во моментов е креиран простор за зголемување на стапките на дозволени пречекорувања што претставуваат нивен приход.

„Ниту еден пропис не наложува зголемување на овие каматни стапки и истите не се утврдени со посебен пропис, а од друга страна тие ја користат својата пазарна позиција за подобрување на финансискиот резултат за сметка на своите клиенти“, посочува тој.

Приходот што го добиваат банките на сметка на граѓаните е резултат на зголемувањето на референтната каматна стапка, од која како што посочува и Гацов, се пресметува казнената камата за задоцнети плаќања и која од јули 2022 година наваму изнесува 11 отсто за граѓани и 13 отсто за компании.

Народната банка решението што ќе води кон повторно намалување или нормализирање на каматните стапки за дозволено пречекорување го гледа во новиот Закон за платежни услуги, што треба да стапи на сила од 1 јануари 2023 година.

Оттаму велат дека имплементирањето на истиот треба да поттикне влез на нови даватели на платежни услуги.

„Со тоа ќе се зголеми и конкуренцијата имајќи предвид дека банките тековно се единствени даватели на платежни услуги. Конкуренцијата со појавата и на други даватели на платежни услуги се очекува да влијае кон намалување на цените за услугите“, велат од НБРСМ.

Во одговорот се додава дека од Законот се очекува да обезбеди поголема транспарентност со цел заштита на потрошувачите.

„Преку воведувањето на платежна сметка со основни функции граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за подмирување на нивните вообичаени обврски а за истите ќе плаќаат разумна висина на надоместоци која не смее да биде повисока од 0,1 отсто од просечната исплатена нето плата во земјата за претходните 12 месеци (околу 30 денари)“, велат од НБРСМ.

И Гацов се согласува дека за да се случи намалување на каматните стапки потребно е зголемување на конкуренцијата во банкарскиот сектор.

„Имено, платежните услуги не се форма на депонирање и кредитирање на парични средства за камати, туку форма на трансфер на пари за што ќе се наплатуваат провизии. Во македонскиот финансиски систем освен банките и штедилниците се вклучени и финансиските друштва, но за жал тоа не беше причина за подобрување на позицијата на клиентите од аспект на намалување на активните каматни стапки, и оттука останува состојбата македонските банки да работат со највисока каматна маргина што ја прави нивната позиција во овој сегмент да биде извесно комотна“, забележува Гацов.

(Овој текст е изменет на 26.10.2022 година во 9:45 ч. при што се додадени одговори од Комерцијална банка АД Скопје)

Наместо како природно богатство, граѓаните Кањонот Матка го третираат како отпадна канта

Додека е на пат кон прогласување на споменик на природата, Кањонот Матка се гуши во смет по завршувањето на летната сезона.

За скопјани, но и за другите граѓани на државава посетата на селото и Кањонот како простор за рекреација беше можност за ладење од топлиот асфалт во текот на летото и за одмор во природа со чист воздух.

Сепак, при посетата на подножјето во пределот што води кон патеките за пешачење има многу отпадоци оставени од несовесни посетители.

Конзерви од храна, пластични шишиња, па дури и отпадоци од памперси и хартии од измет се меѓу најбројните што може да се забележат во грмушките, а некои оставени дури и на неколку метри од поставените корпи.

При последната посета увидовме дека просторот и од двете страни на реката Треска е чист, а исчистено беше и за време на летото. И покрај напорите за зачувување на живописната природа, се чини дека екипите на Јавното комунално претпријатие не можат да допрат до деловите каде граѓаните го фрлаат ѓубрето.

Во однос на тоа колку често работи на терен Комуналното претпријатие Сарај, Мета.мк минатата недела испрати прашања до Општина Сарај од каде не добивме одговор.

„Колку често се чистат селото и патеките што водат до Кањонот Матка? Кој е вашиот став во однос на свеста и невнимателноста на луѓето кои своите отпадоци ги оставаат во природата и покрај бројните поставени корпи за отпадоци? Дали во текот на летниот период загадувањето на околината е поголемо доколку се земе предвид дека месноста е попосетена? На кој начин може да се влијае на граѓаните за да се подигне еколошката свест?“, се прашањата што останаа неодговорени до денот на објавување на оваа статија.

По објавувањето на Нацрт законот за репрогласување на Кањонот Матка за споменик на природата што беше објавен на 26 септември, јавната расправа за разгледување на неговата содржина е закажана за 17 октомври.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека богатиот биодиверзитет, разновидноста на природните вредности и геодиверзитеот, се основните причини Кањонот Матка да биде рангиран како еден од најзначајните локалитети на природно наследство во државава.

И покрај вклучувањето на оваа природна знаменитост во Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската Унија, негувањето од страна на домашното население останува на ниско ниво, а со тоа директно се загрозуваат живеалиштата на флората и фауната распространети во целата област.

Објавен е Нацрт законот за репрогласување на Матка како споменик на природата

 

И по пласманот на светскиот „Турнир на шампиони“ не добивме поддршка од властите, велат ученици од Скопје

Учеството на светскиот „Турнир на шампиони“ што секоја година се одржува при Универзитетот „Јеил“ во САД е прилика што ја уживаат ученици ширум светот коишто посветено работат на повеќе научни области, дебатираат и се подготвуваат за колаборативно пишување и заедничко излагање со точно дефинирани тези.

Соња, Теа и Гала од Општинското основно училиште „Братство“ – Карпош формираат еден од петте тимови кои годинава гордо ја претставуваа земјава на меѓународниот натпревар по знаење и критичко мислење „Светски куп на научници-ученици“ што се одржа во Прага, Чешка по што обезбедија пласман на претстојниот „Турнир на шампиони“.

Фото: Соња Ивковиќ / Лична архива

Покрај тоа што за да се стигне до таму потребни се исклучително знаење и подготвеност во многу области, потребни се и финансии што ќе покријат патни трошоци, сместување и храна за учесниците.

Натпреварите функционираат по принцип што тимовите сами ги обезбедуваат потребните средства. Иако ја претставуваат Македонија пред учесници од целиот свет, оваа година ученичките тимови не добиле никаква системска поддршка од земјава за охрабрување на нивните достигнувања.

„Ниту државата, ниту градот ниту пак некоја друга институција нѝ има помогнато за било кој од досегашните натпревари. Сите трошоци ги покрија нашите родители, на кои сме им многу благодарни“, вели Соња Ивковиќ, деветтоодделенка во ООУ „Братство“.

Истото го забележува и Теа Соколовска, а додава дека по завршувањето на Глобалната рунда во Прага, единствено градоначалникот на Општина Карпош им приложил симболична помош.

„Општината Карпош и Градоначалникот Стевче Јакимовски нѐ информираа дека ќе ни доделат симболична парична награда, којашто сепак многу ја цениме, пред сѐ поради тоа што претставува признание за нашите достигнувања“, истакнува таа.

Освен нивниот тим, како што претходно пишуваше Мета.мк, за учество на Турнирот се квалификуваа уште две групи ученици од скопското училиште ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и Колеџот „Јахја Кемал“.

Највисоко пласиран тим од Северна Македонија беше тимот означен со бр. 249 од ООУ „Ј. Х. Песталоци“, составен од Лина Јанеку, Срна Поповска и Дамјан Стојановски. По тој повод, тројцата ученици беа поканети на разговор кај од градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски. Тој при средбата изјави дека се гордее со нив и им посакува голем успех, а воедно им благодари „што се вистински амбасадори и ја промовираат државата истакнувајќи ги своите квалитети“.

Дел од патните трошоци за Прага за една од менторите на овој тим беа покриени со грант од Општина Центар, но како што изјавија родителите, за да се обезбеди целосна транспарентност и овозможување учество на сите деца кои со својот труд ќе се квалификуваат, потребно е да се обезбеди системска поддршка.

Квалификацијата на „Турнирот на шампиони“ се постигнува со поминување на т.н глобални дебатни рунди, во годинешниот случај натпреварот во Прага што се одржа во периодот од 18 до 23 август.

Македонските екипи таму се натпреваруваа против повеќе од 400 дебатери од 18 држави во светот. За да го заслужат своето место најпрво на Глобалната рунда, а сега веќе да се меѓу 20-те најдобри тимови за пласманот на светскиот турнир, сите учесници требало да поминат тестови и локални дебатни сесии.

„Тестот што сите дебатери требаат да го полагаат ги соедини сите предмети: историја, наука и технологија, литература и медиуми, социјални студии, уметност и музика и социологија. Истиот се состои од 120 прашања и штом се вкупно шест предмети, значи дека има околу 20 прашања за секој предмет“, раскажува Ивковиќ.

Фото: Соња Ивковиќ / Лична архива

Ученичките нѝ раскажуваа дека подготовките за овие натпревари опфатиле проширување на нивните знаења во теми од природни науки, психологија, а меѓу нив постојано вежбале и со правење квизови и тестови, дебатирање и пишување есеи.

„Почнавме да се подготвуваме уште од мај на начин што еднаш неделно имавме по еден приватен час со искусен наставник што ги познава критериумите и барањата на овие натпревари“, вели Соколовска.

Освен ваквите часови, како што велат ученичките, често имале и дискусии и дебатни со други тимови, како и посебни домашни задачи за вежбање.

„Нашиот ментор е професорот Цветанка Томевска која предава во приватното училиште ‘Јахја Кемал’ во Карпош. Без нејзината поддршка, ориентација, предавање и помош ние не би можеле толку да постигнеме. Таа за секои од настаните што се во натпреварот ни има помогнато со спремање поради тоа ние сме ѝ и повеќе од благодарни“, споделува Соња.

„Во свет како денешниот, дури и своите желби се потценети и тоа поради очекувањата од економската и финансиската ситуацијата на народот“ – Соња Ивковиќ, ооу „Братство“

И двете девојчиња раскажуваат дека нивните цели во животот се постојана работа и влог во себе си, за како што велат постојано подобрување на нивните знаења, а пред сѐ и личност.

„За 10 години се гледам како човек со комплетирано високо образование и со голем ентузијазам и желба да помогне во решавање на секојдневните предизвици за подобра сегашност и иднина. Верувам дека вложувањето во себе и едукацијата е најважниот влог кон кој секој млад човек треба да цели“, вели Теа.

Соња вели дека денес никој не може да наведе само еден одговор за својата кариерна слика во иднина.

„Едниот одговор е кариерата од нашите соништа, додека другиот одговор е кариерата што обезбедува повеќе пари. Во свет како денешниот, дури и своите желби се потценети поради очекувањата од економската и финансиската ситуацијата на народот. Се мисли дека една професија треба да има помалку почит од другата и поради тоа понекогаш е тешко да се одлучи за иднината бидејќи сите сакаат да се здобијат со чувство на припадност во околината“, вели таа.

Овие два светли ума, што гордо ја претставуваат земјава во светот и тоа со излагања на англиски јазик, покажувајќи ги своите вештини во многу различни области, досега немаа никаква финансиска поддршка за истото од страна на надлежните институции.

Покрај тоа, како што велат тие, сѐ уште не им е навестена ниту најава за поддршка и за претстојниот голем и светски натпревар „Турнир на шампиони“ што треба да се одржи од 11 до 14 ноември во Универзитетот „Јеил“.

Млади активисти преку Фејсбук изградија куќа на семејство во социјален ризик

Две и пол години по првата објава со повик за потребни материјали објавена на социјалната мрежа Фејсбук, семејство под социјален ризик од скопската Општина Чучер Сандево доби нова куќа и, со тоа, нови услови за живот.

Станува збор за дом каде, според активистите вклучени во акцијата, недостасувале егзистенцијални услови за живот, недостаток на елементи од бела техника, наместен под и соодветни кревети за сите членови на семејството.

„Кога кажувам никакви елементарни услови мислам на немање ниту еден елемент од бела техника, стар кревет, под кој се тресеше при чекорење како да има земјотрес, перење облека во казан на дрва во дворот, немаа тоалет, а покривот беше целосно уништен“, раскажува социјалната работничка и иницијатор на идејата, Моника Чекаловиќ.

Куќата претходно / фото: Моника Чекаловиќ

Чекаловиќ, која е вработена во јавната установа за згрижување и воспитување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение и социјален работник во Женскиот центар – Тетово, вели дека првото нешто што се обидела да го направи по средбата со семејството било отворање постапка за остварување на правата на семејството во доменот на социјалната заштита.

„Овие права, за жал, до моментот кога разговаравме не им беа остварени. Потоа добив идеја која беше нелогична за луѓето околу мене, а тоа беше да почнеме да градиме куќа преку Фејсбук објави. По првата објава се појавија луѓе кои се нафатија волонтерски да ја започнат изградбата а тоа се златниот Златко и неговата сопруга. По секоја завршена фаза, пуштав објави за потребни материјали и мајстори и така продолжувавме. За жал се случи пандемијата па целиот план малку се одолжи, но за среќа, сепак се заврши нашиот дел“, вели активистката.

Поставување на темелите / Фото: Моника Чеклаовиќ

Обврската на надлежните институции за поврзување на куќата со водоводна и одводна мрежа останува не исполнета, но активистите имаат надеж дека и тоа ќе се реши во скоро време.

Процесот на изградба / Фото: Моника Чекаловиќ

Кон споделување на објавите за потребната помош, средства и материјали за градба на куќата се приклучиле уште луѓе, меѓу кои и млади. Сепак, како што вели Чекаловиќ, освен со објави многу од нив доброволно волонтирале и со своја помош на терен кога тоа било најпотребно.

„Многу млади луѓе кои не беа во можност да помогнат финансиски, но нивната помош беше преголема од типот на споделување објави, лобирање, чистење шут, помош при пренесување материјали и мебел, дефинитивно некогаш е потребна само желба за што беа доказ овие млади луѓе“, истакнува таа.

Моника Чекаловиќ / Лична архива

На ова, нашата соговорничка се надоврзува и на младинскиот ентузијазам што преку социјалните мрежи неодамна доведе до изградба на тоалет на баба која се грижела за две малолетни деца, од кои едното со попреченост.

„Принципот за користење објави за собирање на донации и средства го користам во случаеви за кои претходно имам добиено реални информации и лично имам увидено дека нивните потреби се повеќе од реални. Така реновиравме дом на една самохрана мајка, помогнавме да се подмири школарина за факултетско образование на девојка од еднородителско семејство. Да нагласам дека ниту една од овие акции не е моја заслуга, туку на лицата кои имаат можност и желба да помогнат“, забележува Чекаловиќ.

Поттикнувањето на активизмот кај младите токму на платформите каде што тие го поминуваат најголемиот дел од своето време го влече од желбата за вмрежување на младите со цел креирање на општествен бенефит.

„За ментално и физички здрав човек секогаш постојат можности на пазарот на трудот. Во овие случаеви се стремам кон мотивирање и некаква доквалификација. Но во каде што лицата не се работоспособни, а позади себе носат тешко бреме пробувам системски да ги вмрежам сите ресурси. Избегнувам медиумска експонираност на лицата во социјален ризик, но постојат и случаеви каде што видливоста е неопходна“, вели таа и додава дека ништо не е невозможно па дури ни градењето на дом преку Фејсбук објави.

Тоалет изграден со ентузијазам и желба на група млади активисти

„Ваквата свесност кај младите лица и вклучување во вакви акции или акции од сличен карактер овозможува развој на емпатијата и алтруизмот, како и разбирањето на различностите“, вели Чекаловиќ.

Активистката, заедно со други млади активисти спроведува и дополнителни акции како „Наместо софри на гробиштата – храна за бездомниците” за што интересот од година в година расте и се приклучуваат нови млади луѓе, а тука е и тековниот повик за ангажирање во акцијата за доделување на новогодишни пакетчиња за деца во социјален ризик.

„Традиционално продолжуваме и оваа година и ги повикувам сите да се приклучат со донирање, со давање предлози или волонтирање при достава“, апелира Чекаловиќ.

Пандемијата проаѓа, цените на горивата се стабилизираа, но автобуските билети останаа скапи

Еден ден по започнувањето на академската 2022/23 година, цените на меѓуградските автобуски билети што зимава се покачија, остануваат непроменети.

Студентите кои од другите градови патуваат до главниот град или до градовите каде има универзитет, се оставени сами на себе во однос на зголемените трошоци за патување. За некои тоа значи двојни давачки, а за некои три пати поголеми отколку минатата година ова време.

Така, на пример, студент што патува од Куманово до Скопје, ако некогаш плаќал 100 денари за автобуски билет во еден правец, зимава истиот го чинеше 150, а во моментов истиот го чини 170 денари.

Слична е ситуацијата и со билетите од Тетово до Скопје и обратно, минатиот октомври просечната цена беше 120 денари, а сега цената е фиксна за сите превозници и покачена на 200 денари.

За релацијата Охрид – Скопје, претходно повратниот билет изнесуваше 860 денари, а сега толку чини билет во еден правец, додека повратниот изнесува 1.100 денари. Покачен е и билетот на линијата Битола – Скопје што од 680 денари повратен скокна на 980, а во моментов билетот во еден правец чини 630 денари.

Мета.мк за време на минатата учебна година, во неколку наврати пишуваше за влијанието што растот на цените на автобуските билети го има врз студентите, а за истото реагираше и Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Претходната академска година, најголем дел од факултетите на универзитетите во земјава практикуваа онлајн настава, па за дел од студентите наместо враќањето на студентскиот живот со физичко присуство да значи позитивна вест, значеше паника и грижа за трошоците за превоз до факултет.

Утре, 3 октомври, сите студенти наставата ќе ја следат со физичко присуство како и пред пандемијата. Сепак, еден ден на факултет студентот и неговите родители ќе ги чини три пати повеќе отколку во 2018 година.

Превозниците со врзани раце

Иако бензините во последниов месец бележат пад, цената на дизелот и метанот што го користат најголемиот дел од превозничките компании останува висока.

„Нашата компанија прави анализа за сите трошоци поврзани со превозот, и не е само горивото во прашање. Во најбрзо време ќе донесеме одлука за цените на патните билети“, гласи одговорот што Мета.мк минатиот месец го доби од „Руле турс“.

На прашањето дали е донесена нова одлука во тековниов месец, до денот на објавување на оваа статија не добивме одговор.

Превозникот АД „Галеб“ – Охрид, пред пандемијата и пред поскапувањето на билетите нудеше одлична можност за студентите, попуст на билетот за 50 денари. Ако патникот е студент и патува во периодот од 17:45 до 21:00 часот од Охрид до Скопје, билетот наместо со регуларна цена од 490 денари го купуваше за 440 денари. Оваа можност повеќе не постои. Оттаму за Мета.мк информираа дека истата е укината и дека сега за сите патници билетот изнесува 860 денари.

Иако Владата на Република Северна Македонија, по долги напори на студентските организации, повторно го врати во функција бесплатниот железнички превоз за студентите секој четврток како и секој втор викенд од месецот, возовите не се во функција во сите градови.

Некои студенти како оние кои патуваат од Тетово до Скопје каде во моментов нема воз што редовно сообраќа се принудени да патуваат со автобус.

Денес започнува хакатонот „NASA Space Apps Challenge“

Денес во Скопје по 10-ти пат започнува одржувањето на хакатонот „NASA Space Apps Challenge“ што ќе донесе можност за двајца учесници од победничкиот тим да патуваат во посета на NASA Kennedy Space центарот, во Флорида, САД заедно со нивниот ментор.

Официјалното отворање ќе започне денес во 12:00 часот во „Нетвил“ со бесплатна подготвителна работилница за поттикнување на работа во тим, решавање на проблеми и лидерство.

Натпреварувањето ќе се одржува на 1 и 2 октомври (сабота и недела) од 9:00 до 22:00 часот, а на агендата е ставено решавање на Stem/Space предизвици.

Во вторник (4 октомври) од 13:30 минути ќе се одржи националното финале, а националниот победник ќе добие можност за 10 дневен престој во седиштето на НАСА во Флорида, САД како и можност за гледање на полетување на ракета.

Оваа година за прв пат и менторот на националниот победничкиот тим ќе може да отпатува заедно со својот тим во NASA Kennedy Space центарот.

Менторите на сите финалисти ќе добијат и NASA трофеи, а финалистите ќе се стекнат со награди и сертификати, како и можност за учество во експеримент со лансирање на WEATHER BALLONS во Вселената од спортскиот аеродром Стекновец

Дополнително, најдобрите решенија што ќе се креираат во 2022 година ќе се прилагодат за да можат во иднина да бидат користени и од страна на македонските основни и средни училишта како едукативен материјал кој ќе има за цел да ја поттикне љубовта кон STEM дисциплините кај помладите генерации.

Организаторите информираат дека покрај присуството во живо, на хакатонот е отворена и можноста за приклучување онлајн за сите оние кои не се во можност да дојдат во Скопје.

Досега над 1500 млади таленти од нашата земја на возраст од 15 до 29 години имаат земено учество, а три наши тимови досега беа прогласени меѓу 40те финалисти на натпреварот во глобална конкуренција од над 2000 тимови.

Хакатонот „NASA Space Aapps Challange“ традиционално е во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс, во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје, и во соработка со домашни компании, ментори експерти од индустријата, професори и наставници.

Продолжен рокот за пријавување за признанието „Успешни млади“

Рокот за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ продолжен до 14 октомври 2022 година, информираат денес од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.

Признанието се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе од нашата земја, како и за создавање на перспективи за младите и успешни кадри.

Признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на 2021 година, во следните осум категории: најдобар/а млад/а научник/чка во општествените/хуманистичките/природно-математичките и техничките/ медицинските науки, најдобар/а млад/а иноватор/ка, млад талент (за ученици и ученички од средните училишта), признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост) и најдобар/а млад/а уметник/чка.

На јавниот повик може да се пријават сите лица што заклучно со 2021 година навршиле 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен признанието за млад талент, за кое може да се пријават само ученици од средните училишта.

Сите услови и начинот за доставување на пријавите се достапни на веб-страницата на Претседателот, на овој линк.

Кантавторот Јон Иди утре со мини-концерт на досега необјавени песни

Македонскиот пејач Јон Иди утре (18 септември) во кафулето „Макка“ во Скопје со почеток во 21 часот ќе одржи мини-концерт, на кој ќе испее 12 необјавени песни во акустична верзија.

За најавениот концерт, Иди вели дека публиката што ќе биде присутна ќе има можност да гласа кои песни се најдобри, а најтесниот избор ќе влезе во рамките на неговиот деби албум.

„Ја ценам мојата публика и нејзиното мислење многу ми значи. Го избрав ваквиот метод на селекција на песни затоа што е според мене најдобар начин да покажам почит и доверба кон моите слушатели и фанови,“ вели Иди.

Распишан конкурсот за стрип наградата „Лифт“

Издавачката куќа Темплум по петти пат го распишува конкурсот за македонски стрип, „Лифт“.

Право да конкурираат за наградата имаат сите граѓани на Република Северна Македонија кои ќе испратат сопствени досега необјавувани авторски стрипови, до 16 табли (или страници).

„Почитувани автор(к)и, можете да ни испраќате и стрипови од една или две страници, но не повеќе од 16 страници. Стриповите треба да ни ги испраќате, скенирани, по електронска пошта, до 1 ноември 2022 година, на следнава адреса: [email protected]. Ќе се потрудиме да организираме и изложба и објава во публикација на најдобро оценетите дела“, информираат од „Темплум“.

Наградниот фонд изнесува 500 евра, но во книги и стрипови. Фондот со свои изданија го обезбедија издавачките куќи „Темплум“ и „Бункер“. Во рамки на тоа, предвидени се три награди од 250, 150 и 100 евра.

Мејлови за контакт се: [email protected] и [email protected]Петтата стрип награда „Лифт“ е поддржана од Град Скопје.

[Галерија] „Exhibitions vol.“ – просторен одѕив на младите локални уметници

Платформата „Exhibitions vol.“ во организација на „ShortBus“ или како што уште се нарекува, суб-културен центар ја претстави најновата, четврта изложба во низата за промовирање на млади уметници.

Овој пат, на „Exhibitions vol.4“, посетителите може да видат уметнички дела од Душан Стефановски, Искра Чарли и Елена Гелева.

„Оваа изложба е составена од разни видови на стилови, не е ограничена во однос на тоа како нешто треба да ѝ се пренесе на публиката“, изјави организаторот Ѓорѓи Додев на денот на отворањето.

Во делата на младиот графичар од Скопје, Душан Стефановски се препознава ставот за излегување од стегите на традиционалните медиуми за изразување, па неговите идеи често може да се пронајдат „истурени“ врз најдени објекти, врати или дрвени штици и рамки. Во неговите методи на работа се провлекуваат и маркери и спрејови.

„Делото е направено од четириесетина ренгени и скенови направени во периодот од откривање на сколиозата, сѐ до операцијата. Медицинската евиденција е изложена во придружба со илустрации и текстови кои ја воведуваат човечноста во одна состојба – Искра Чарли, млада уметница.

Современата уметница Елена Гелева чиишто дела можевме да ги погледнеме на оваа изложба за себе вели дека при дизајнот на одредено дело обрнува внимание на методите за анализа на дело.

Организаторот на овие своевидни изложби посочи дека оваа изложба е поорганизирана од претходните, од причина што самиот настан е пораснат и, како што рече, интересот за него е значително зголемен.

„Веќе не се држи само за едниот објектив што го имавме од почетокот, односно не е идејата да биде промовирање на млади уметници, туку концептот сега е повеќе на локални уметници, луѓе коишто се тука“, изјави нашиот соговорник.

„Изложбите се инспирирани од секој што е тука, што доаѓа во Шортбас“ – Ѓорѓи додев

Додев додава дека во самите изложби има органски елемент токму поради тоа што и самиот учи од искуствата на другите. Како што ни изјави, и нему му е прв пат да организира изложби, а сепак преку истите научил многу во однос на говорот на кој ќе комуницира самата изложба со присутните.

„Да се сподели локалната уметност, затоа што многу малку луѓе ги знаат луѓето што се тука. Уметниците што се тука без разлика на тоа колку изложби прават, не се познати на сите, а треба да бидат“, вели тој.

Меѓународниот салон на стрип викендов по 19-ти пат во Велес

Утре (22 септември) со почеток од 20:00 часот во Ликовниот салон во Велес ќе се одржи 19. издание на Меѓународниот салон на стрип „Велес 2022“.

На отворањето ќе бидат прогласени победниците и доделени наградите во повеќе категории, информираат организаторите.

Паралелно, од 22 до 25 септември во Спомен куќата на Касапови ќе се одржи и четвртата Стрип колонија „Велес 2022“ што е втора колонија од ваков вид во Европа и во која учество ќе земат петнаесетина стрип артисти од Македонија, Србија, Романија и Албанија.

Изложбата на Меѓународниот салон ќе биде отворена за посета до 30 септември, секој работен ден од 08:00 – 16:00 часот.

Инклузивниот настан „Играме заедно различни, а исти“ во недела во Градски парк

Во недела, на 25 септември ќе се одржи инклузивниот настан „Играме заедно различни, а исти“.

Како што информираат организаторите, настанот е трет од ваков тип, а овој пат е конципиран во вид на голема игротека со многу разновидни активности, забавни, тактилни игри, со музичка и ликовна работилница.

„Она што сакаме да докажеме и покажеме, како и секогаш на нашите дружби, е тоа дека и децата со атипичен развој сакаат да играат, да се смеат, да пеат, да другаруваат. И тие сакаат да бидат поканети на родендени, но и другите деца да доаѓаат на нивните. Но најважното од сè – сакаат да бидат заедно со другите деца. Сакаат да растат заедно“, се вели во најавата.

Настанот ќе започне во 11 часот и ќе се одржува на Школка во Градскиот парк.

Организатори се здруженијата „Играме заедно“ – Аутизам ААМК и Колектив Ветерница.

[ВИДЕО] Социјален експеримент за насилство врз бездомни мачки

Здружението за згрижување на бездомни мачки, Енџелкетс санктуари“ направи социјален експеримент за тоа како луѓето реагираат на насилство врз мачките.
На експериментот снимен на видео и споделен на социјалните мрежи е претставена најлонска кеса во која е ставен мал звучник од кој се слуша како вреска мачка и „неодговорни луѓе“ што ја малтретираат.
Погледнете како реагираат луѓето кога во нивна близина „се напаѓа“ улична мачка.

Советувалиштето ЕХО од Штип успешно обезбедува помош на жртвите на насилство во целиот источен регион

Специјализираното советувалиште за жртви на родово засновано и семејно насилство ЕХО – Штип веќе 9 месеци е пример за обезбедувањето квалитетни, доверливи и бесплатни услуги за најзасегнатите од насилство.

Денес во посета на организацијата беше министерката за труд и социјална политика м-р Јованка Тренчевска, претставници на канцеларијата на UN Women во Скопје и претставници од ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување.

„Изминатите 9 месеци над 170 жени и девојки жртви на насилство се обратиле за бесплатна психолошка поддршка и правна помош ЕХО – Штип што повеќе од 20 години работи на обезбедување поддршка на жени и девојки жртви на родово засновано и семејно насилство, а од ноември минатата година успешно раководи и со специјализирано советувалиште“, велат од ХЕРА.

Бесплатните услуги на ЕХО освен во Штип се достапни за луѓето од целиот источен регион.

„Заложбата на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, особено по ратификацијата на Истанбулската конвенција и донесувањето на Законот за спречување и заштита врз жените и семејното насилство, е проширување на ваквите сервиси за жртвите на насилство во сите плански региони, но од големо значење е и воспоставувањето на сервиси кои ќе работат со сторителите на семејно насилство, затоа што семејното насилство е комплексен проблем“, истакна министерката Тренчевска при денешната посета.

„ХЕРА посветено работи на развивање на капацитетите на локалните даватели на услуги, за нудење услуги и поддршка на жените и децата што преживеале насилство. Меѓу нив се и жени и девојки со попреченост, како и жени и девојки од рурални средини кои најверојатно не би можеле да добијат помош доколку таа не е локално достапна“, нагласи Елизабета Божиноска, програмска директорка на ХЕРА.

Бети Пејева, претставничка од ЕХО посочи дека постои потреба од овие услуги, поради што  е исклучително важно да се обезбеди нивната одржливост.

„Нашите услуги ги користат не само жени од Штип, туку и од околните места во регионот. Работиме и со лица со попреченост, при што спроведуваме посебен протокол за работа, како и со лица од локалните малцински заедници“, забележи Пејева од ЕХО.

Бесплатните специјализирани услуги се овозможени преку проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи“. Притоа, особено е значајно општината и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат континуитет во давањето на овие услуги и по завршувањето на проектот.

„Сите на оро“ – продажна изложба и изведба на песни и ора со „Доза среќа“

Дневниот центар „Доза среќа“ утре (17 септември) го организира интерактивниот настан со децата со Даунов синдром, „Сите на оро“.

Активностите ќе започнат во 11:45 часот со продажна изложба на изработките и традиционална храна за дегустација.

„Сите на оро е настан каде ќе бидат претставени народни носии и кукли-марионети во народни носии. Посетителите ќе можат да си ги испробаат вештините со водење кукла – марионета“, се вели во најавата.

Од „Доза среќа“ информираат дека групата за фолклор ќе изведе неколку песни и ора, тимот кој работи со д-р Драган Јованов ќе го понуди чајот за имунитет на дегустација на посетителите.

Настанот се реализира во поддршка на Министерството за култура.

Отворање на 13-ти ЕХО Фестивал на планински филм на 19 септември во МКЦ

Со доделување на постхумно признание за животно дело на режисерот Кочо Недков и проекција на негов краток филм, годинава на 19 септември официјално ќе биде отворено 13. издание на Фестивалот на планински филм „ЕХО“ .

На првата фестивалска вечер по проекцијата на краткиот филм на Неделков во 19:00 часот ќе бидат прикажани филмовите „Последната планина“ од британскиот режисер Крис Терил и „Оганот на љубовта“ од американската режисерка Сара Доса.

Годинешното издание предвидува програма од 50 различни филмови што ќе се емитуваат на три кино локации, киното Фросина, Џепното кино и Парк киното МКЦ.

Исто така, во рамки на програмата ќе има 10 предавања на разни теми од кои едната е од наградуваниот режисер Дарек Залуски од Полска на темата  „Алпинизам и документаристика“, 3 работилници за најмладите, и една наменета за студенти во полето на филмот модерирана од Илија Тирицовски (ОХО Продукција) со наслов „Споделување приказни за креирањето на Планински Филмови“.

Програмата и распоредот на филмските проекции може да се види тука.

Фестивалот ќе трае до 23 септември.

Патувачкото кино на „Македокс“ утре продолжува со вториот дел од програмата

Патувачкото кино на „МакеДокс“ утре (13.09) продолжува со вториот дел од програмата, која ќе се реализира во Преспанскиот регион.

„Преспа е повторно во фокус, бидејќи (агро)културата во тој регион е тотално девастирана, а таа е основа за сите понатамошни сегменти на современото живеење“, вели извршниот продуцент на фестивалот, Бранд Феро.

Во рамки на програмата најавени се четири проекции на документарни филмови што ќе се одржат во Ресен (Сарај) на 13.09, село Дрмени (кај самопослугата) на 14.09, село Лавци (кај џамијата) на 16.09 и село Подмочани (на игралиштето) на 17.09

Од организацијата информираат дека сите проекции започнуваат во 19:30 часот.

Патувачкото кино „МакеДокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Националната фондација за демократија од Вашингтон.

Повик за средношколци за развивање на еко-решенија

Здружението ЛЕАД го отвора својот втор повик за средношколци за развој на еко-решенија со фокус кон подобрување на квалитетот на воздухот.

„Младите со овој повик имаат можност да формираат тим од пет врсници, да го опишат проблемот/ предизвикот поврзан со квалитетот на воздухот и да аплицираат за имплементација на иновативното решение“, информираат од здружението.

Повеќе информации околу процесот на аплицирање може да се видат тука.

За две години впишани се само 43 компании со капитал од едно евро, а за „Македонското стартап село“ нема ниту „темели“

По две години од поднесувањето на предлог-мерките за измени и дополнување на Законот за трговски друштва од страна на Министерството за економија (МЕ) и по една година од нивното усвојување, можноста за основање на трговско друштво со основна главнина од едно евро се чини како сѐ уште да останува во сенка за младите и другите граѓани во земјава.

Целта на воведување на овој нов тип на друштво, односно можноста за формирање на Поедноставено друштво со ограничена одговорност (ПДОО), според актуелниот министер за економија Крешник Бектеши беше да се даде можност на сите граѓани кои имаат идеја за бизнис да се охрабрат да започнат со основање на свое трговско друштво каде би вложиле капитал од само едно евро.

Согласно податоците што Мета.мк ги доби од Централниот регистар на Република Северна Македонија од септември 2021, кога овој предлог беше воведен во Законот, досега запишани се вкупно 43 поедноставени друштва со ограничена одговорност.

Дејан Алексов, претседателот на организацијата „Стартап Македонија“ кој беше дел и од националниот стартап совет што ги подготвуваше Предлог-мерките за забрзан раст за македонскиот стартап екосистем смета дека ниската заинтересираност на граѓаните за користење на оваа можност се должи на тоа што истата е релативно нова.

Освен воведување на ПДОО, на прес-конференцијата одржана во септември 2020 година Министерството за економија (МЕ) го спомена и уште тогаш најавениот проект за „Македонско село“ во Нерези што требаше да се претвори во стартап село, каде младите од земјава и странство би имале можност да основаат бизниси без да плаќаат режиски трошоци. Тогаш беше кажано дека планот за исполнување на проектот е предвиден да се случи во следните четири години.

Мета.мк упати прашање до министерството во врска со развојот на процесот за реализирање на оваа идеја, но до денот на објавување на овој текст не добивме одговор.

Прелог-мерка на која работеше националниот стартап совет, МЕ ја предложи да влезе во измените на Законот за трговски друштва и е воведена од април оваа година е и можноста за конвертибилен заем. Станува збор за правен механизам којшто ќе им овозможи на инвеститорите да вложуваат парични средства во стартап компании без да влегуваат во сопственичката струкутра со самата инвестиција.

„Со овој механизам инвеститорите ќе можат во подоцнежните фази од развојот да одлучат дали ќе влезат во сопственичката структура преку конверзија на заемот во влог и добивање на удел во компанијата“, објаснува адвокатот и претседател на Стартап Македонија, Дејан Алексов.

Алексов вели дека стартап компаниите имаат висок потенцијал за брз раст и поради тоа ги привлекуваат инвеститорите, но, како што вели, често може да се случи истите тие компании да забележат голема стапка на неуспех. Поради тоа, привлекувањето на странски инвеститори во земјава преку можноста за конвертибилен заем може значително да го забрза растот на македонскиот стартап екосистем.

„Во Македонија има потенцијал да се развие овој механизам затоа што во последно време се бележи поголем интерес и зголемување на бројот на индивидуални инвеститори или инвеститори организирани во клубови, да инвестираат во стартапи“, посочува Алексов.

Тој вели дека младите и сите други кои имаат иновативни идеи преку комбинирање на двете измени во Законот, за основање на ПДОО и конвертибилен заем ќе можат без почетен капитал да ја основаат својата фирма, а подоцна да побараат соодветен инвеститор за развој на истата.

„На овој начин се очекува да се охрабрат потенцијалните претприемачи кои поради финансиски потешкотии можеби сеуште не започнале да работат на реализирање на својата идеја“, забележува Алексов.

Илјадници Руси му оддадоа последна почит на Михаил Горбачов, Путин не присуствуваше на погребот

Илјадници луѓе во Русија излегоа денес да оддадат последна почит на последниот советски лидер, Михаил Горбачов кој почина во вторникот на 91 година.

Би-би-си јавува дека редици луѓе чекаа со часови да поминат покрај ковчегот во историската сала каде почиваат претходните советски лидери.

Сепак човекот кој го надгледуваше распадот на СССР и кој стави крај на студената војна не доби државен погреб. Претседателот Владимир Путин кој распадот го опиша како најголемата геополитичка катастрофа на векот, не присуствуваше на погребот со причина дека неговиот распоред веќе бил преполн.

Многу руси го обвинуваат Горбачов за воведувањето на реформите што според нив предизвика големи економски хаос и за дозволувањето да се распадне Советскиот Сојуз. Сепак, денес на улиците околу Домот на синдикатите, млади и возрасни излегоа да ја оддадат својата почит.

Либералниот политичар Григори Јавлински кој беше меѓу нив порача: „Овие луѓе дојдоа за да му се заблагодарат на Горбачов; да кажат – Ти ни даде шанса, но ние ја изгубивме“.

Покрај него, на погребот беше забележан и блискиот соработник на Путин, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

Почина последниот советски лидер Михаил Горбачов, кој стави крај на Студената војна