ДЕБАТА: Институциите треба да работат со невладините и компаниите во борбата против корупцијата

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска, во рамки на Отворен форум за Антикорупција, ја организираше панел дискусијата „Како да се постигне подобра соработка во борбата против корупцијата меѓу јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот“

Фото: Мета.мк

Соработката помеѓу институциите, невладините организации и бизнис секторот треба да се засили за да се постигне успех во борбата против корупцијата во земјава. Ова беше потенцирано од учесниците на панел дискусијата „Како да се постигне подобра соработка во борбата против корупцијата меѓу јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот“ што беше организиран од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во Фондацијата Метаморфозис информираше дека утре ќе биде промовиран регионалниот Индекс на отвореност за 2023 година, којшто ги проценува перформансите на извршната власт за добро владеење во четири области: пристапност, транспарентност, интегритет и ефикасност.

Фото: Мета.мк

Таа потенцираше дека борбата против корупцијата е долгорочен процес, кој бара промена на институциите од корен, но и промена на културата на работењето на сите. Она што е клучно е зголемувањето на транспарентноста и соработката меѓу сите чинители. Притоа, соработката на надворешните актери како граѓанското општество е клучна, без која реално не може да се постигне борба против корупцијата.

Даниловска-Бајдевска откри дека Индексот на отвореност за 2023 година посочува на тоа дека институциите мора да овозможат консултативни процеси кои се предвидливи и навремено објавени како процеси што следуваат. Само шест министерства објавиле планови за консултација за определена политика, при што само едно министерство објавило извештај од консултативниот процес.

„Граѓанското општество мора да знае зошто предлозите се или не се прифатени, затоа што тоа е политика што ја носи државата и за поттик за понатамошно учество“, изјави Даниловска-Бајдевска.

Таа посочи дека Фондацијата Метаморфозис го поддржала Кабинетот на вицепремиерката за добро управување во процесот на креирање на Стратегија за транспарентност, бидејќи само на тој начин може да се постигне подобра борба против корупцијата.

Притоа, Даниловска-Бајдевска вели дека од Стратегијата за транспарентност научиле дека за спроведување на суштински консултативен процес потребно е многу време, а на крајот, по 9-месечниот период се подготвил Извештај како резултат од ваквиот процес, кој дава документ како производ кој треба да овозможи подобрување на културата на работењето на институциите.

„Преку Индексот на отвореност сфативме дека праксата на поднесување закони во скратена постапка треба да се избегнува, тогаш нема учество во засегнатите страни, и тогаш нема консултации“, децидна е Даниловска-Бајдевска, додавајќи дека научената лекција е дека за суштинска консултација меѓу сите засегнати страни како клучен фактор се јавува времето.

Никица Кусиникова, извршна директорка Здружението Конект на панел дискусијата се осврна на соработката помеѓу невладиниот и бизнис секторот во борбата против корупцијата. Таа потенцираше дека нивното здружение сака да промовира нулта толеранција на корупцијата кај компаниите.

„Секоја компанија има одговорност за да воспостави ефективни механизми за спречување на корупцијата“, рече Кусиникова.

Фото: Мета.мк

Таа потенцира дека корупцијата се јавува не само во релациите помеѓу бизнисот со државата, туку и во односите меѓу самите компании. Особено мали и средни претпријатија пријавуваат наместени тендери кај некои компании за да се добие услуга или договор, што покажува на воспоставена култура на коруптивно делување.

Излезно решение, според Никица Кусиникова, е самите компании да изградат програми за борба против корупција во рамки на нивниот бизнис и да ги поттикнуваат своите вработени да пријавуваат корупција. Оние компании кои имаат политики за антикорупција, светските искуства покажуваат дека до 50 отсто се помалку изложени на корупција.

„Работиме да направиме круг на поголеми компании кои во нивните синџири на снабдување ќе промовираат програми за спречување на корупција, кои ќе преферираат избор на компании кои ќе имаат токму вакви програми“, посочува Кусиникова.

Таа додава дека е важно поактивно вклучување на приватниот сектор во креирањето на пошироките политики за борба против корупција во државата, а ова го идентификува како барање и Националната стратегија за спречување на корупција.

Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк зборуваше за нивните спроведени истражувања за борбата со организираниот криминал во областа на дивата сеча на дрва и заштита на интегритетот на вработените во безбедносниот сектор.

Тој посочи дека за корупцијата се зборува, но организираниот криминал пак не е тема што е третирана многу од граѓанското општество. Направиле две истражувања, оделе на терен и барале информации од јавен карактер од страна на самите институции.

Истражувањата покажале институционални недостатоци, корумпираност во шумска полиција и ЈП Национални шуми, оставање на празнини во дејствувањето и префрлување на одговорноста кај институциите во делот на дивата сеча.

Фото: Мета.мк

„Се случи и по средбите, самите граѓани не бараа совети како да пријават незаконска сеча или организирани групи кои го прават тоа неказнето. Овие институции знаат за своите проблеми, но работат по инерција, нема притисок од јавноста“, вели Николовски.

Како резултат на истражувањето, направено било координативно тело за да се затворат дупките во координацијата меѓу институциите и се подобриле условите за работа на шумската полиција, а почнало и сериозно да се дискутира за нов Закон за шумска полиција и нов Закон за шумите.

Извршниот директор на Евротинк потсети дека преку Еврометар еднаш годишно го мерат јавното мислење на граѓаните, а во 2022 година резултатите откриле ниска доверба во судството и обвинителството. Полицијата била на трето место со 22% доверба кај јавноста, по армијата и религиозните заедници во земајва.

Во делот на МВР, тие имале соработка со секторите за транспарентност и внатрешна контрола во МВР. Тука било надминато нивото на антагонизам помеѓу граѓанското општество и институциите во однос на борбата против корупцијата и наишле на посветена и заедничка работа за да се направат матриците за набљудување на транспарентноста и отчетноста.

„Дојдовме до стратешка одлука дека нема да одиме директно како борба против корупцијата, туку за зацврстување на отпорноста на самата организација и намалување на јазот помеѓу граѓаните и институциите“, рече Николовски од Евротинк.

Фото: Мета.мк

Миша Поповиќ, истражувач од Институтот за демократија Социетас Цивилис посочи дека клучната улога на невладиниот сектор е да игра корективна улога за институциите во насока на достигнување на фазата на успех во борбата против корупцијата.

Соња Мираковска пратеничка во Собранието на РСМ на дебатата посочи дека механизмите и алатките што ги има Собранието во борбата против корупцијата не се незначителни, но прашање е колку се користат.

Меѓу овие механизми и алатки, пратеничката Мираковска се задржа на надзорната расправа и можноста таа да се искористи во борбата против корупцијата. Со усвоениот нов Деловник за работењето на Собранието во иднина, тоа ќе може поефикасно да ја врши надзорната функција. Посочи дека е важно што се усвоила Постапката за надзорни расправи, во рамките на Деловникот како новост.

Пратеничката Мираковска посочи дека многу е важно да се упростат постапките, бидејќи сегашната надзорна расправа е во 33 чекори.

„Целото Собрание застанува со работа која се има надзорна расправа“, изјави Мираковска.

Фото: Мета.мк

Како позитивен пример, иако не е директно поврзана со корупцијата, таа ја посочи надзорната расправа на Собранието за Законот за матична евиденција. Во февруари направиле надзорна расправа за Законот за неевидентираните лица, а на самата надзорна расправа се видело дека тој е неупотреблив, лош и ги дискриминира најзагрозените лица во земјава. Пратениците донеле одлука дека бездржавјанството мора да се решава низ надзорна расправа.

Пратеничката посочи дека додека системот не се стави на нозе, ваков систем за работа и во делот на корупцијата ќе мора да го прави Собранието многу почесто преку користењето на надзорната расправа.

„Собранието сфати дека има огромна моќ која не ја користи. Пред се, надзорната улога мора да стане секојдневие“, изјави Мираковска.

Пратеничката додаде дека спрегата со невладините организации е исклучително важна за Собранието, бидејќи информациите кои ги добиваат од нив се многу ценети. Невладините организации се на терен и знаат точно што е потребно да се направи, а особено за оние прашања коишто не се решени, а кои би можеле да водат кон корупција.

Во однос на тоа што би сакале да видат како промена за една година од денес, Никица Кусиникова од Здружението Конект рече дека би сакала да има бизнис лидери кои јасно и недвосмислено кажуваат дека имаат нулта толеранција кон корупцијата и дека бизнис секторот мора да се вклучи во борбата против корупцијата.

Димитар Николовски пак спомена дека би сакал во анкетите да види подобрена перцепција кај граѓаните во однос на полицијата, за нивната транспарентност и отчетност, да се види преку конкретни примери дека се борат против корупцијата во своите редови.

Данче Даниловска Бајдовска посочи дека за една година од денес сака да види значителен зголемен процент на подобрување на индексните поени кај јавните консултации и вклучување на сите три чинители, како и помал број на променети закони.

Соња Мираковска посака политичките партии да размислат кои луѓе ќе ги изберат за да влезат како претставници Собранието и се надева дека со новиот Деловник парламентарниот дом поинаку ќе функционира.