Пандемијата ги истакна проблемите и потребата од функционална дигитализација во високото образование

Фото: Tyler Callahan, Unsplash

Празни амфитеатри, празни студентски домови, пандемијата ги испразни местата каде што студентите од цела држава живееја, учеа и се дружеа. Предавањата и испитите цела измината година се одвиваа од дома, а новите услови за студирање дополнително ги истакнаа проблемите со кои студентите се соочуваа и пред појавата на вирусот ковид-19.

Уште на почетокот на пандемијата, универзитетски професор и социолог Илија Ацески, во изјава за Мета.мк истакна дека последиците во високото образование ќе се видат по неколку години.

Минатата година неколку настани ја одбележаа академската година, односно крајот на 2019/2020 и почетокот на академската 2020/2021 година, а особено тоа што студирањето премина во учење на далечина. Но на почетокот на пандемијата, не сите беа согласни за овој пристап. Реакција имаше и од студентскиот лидер, Борјан Ефтимов, кој тогаш изјави дека ниту студентите ниту професорите ниту пак самите факултети се подготвени за онлајн испитна сесија. Наставата преку далечинско учење беше огромен предизвик и за студентите на Факултетот за ликовни уметности, за кои пишуваше Мета.мк. Други студенти пак, беа децидни дека онлајн наставата има предности, но и дека најмногу им недостасува интеракцијата за време на предавањата. Тие ги посочија комфорна атмосфера и видео снимки од онлајн наставата како дел од предностите на далечинското учење во услови на пандемија.

Испитните сесии се одвиваа различно во зависност од одлуката на самите универзитети. Па така, јунската испитна сесија на штипскиот универзитет се одвиваше онлајн, а на битолскиот со физичко присуство.

Мета.мк разговараше со студентите кои следат онлајн настава и ги сподели нивните искуства. Сепак, токму во тој период еден од предизвиците беше и комуникацијата помеѓу студентите и професорите. Па така, кога не одговараат на мејл, студентите им се обраќаа на професорите преку социјалните мрежи.

Пандемијата не спречи лани да се реализираат изборите за ректор, на кои повторно беше избран Никола Јанкуловски за ректор во наредните три години. Претходно, професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски ги отфрлија тврдењата дека се повлекуваат и го бојкотираат изборот за ректор. По низа перипетии во постапката за избор на ректор, реагираше и Државната комисија за спречување на корупција.

Покрај овие избори, имаше и студентски избори на кои се бираа студентските претставници, односно претседателите на факултетските собранија.

A oсвен случувањата со избор на ректор, реакција имаше и за избирањето претставник на студентите во Националниот совет за високо образование. Претседателот на УСС УКИМ, Борјан Ефтимов тврдеше дека ректорите и професорите го избрале претставникот на студентите, наместо самите студенти.

Освен овој настан, Мета.мк информираше за случајот со студентите кои се пожалија дека им недостигаат лични работи од собите во „Стив Наумов“.

Во меѓувреме додека се чекаше последниот збор на МОН и Комисијата за заразни болести, факултетите се подготвуваат за академската година. Мета.мк го проследи и првиот академски час во новата неизвесна академска година. А исто така го посетивме студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, каде поголем број студенти чекаа во ред за да ги добијат своите соби во домот, откако по шест месеци, со посебни протоколи студентските домови повторно ги отворија своите врати. Домовите се отворија со намален капацитет. Бевме сведоци и на гужвата со студенти чекаа ред за упис на семестар дури до дворот на Правниот факултет.

Со цел да им излезе во пресрет на студентите, Владата им овозможи да аплицираат за еднократна финансиска поддршка од 6.000 денари за уплата при запишување семестар, сместување во студентски дом или приватно сместување.

Новина за идните студенти, изминатата година беше и веста дека Министерството за одбрана ќе стипендира студенти под услов тие по дипломирањето да работат за Армијата. А уште една новина беше што Мајкрософт го издвои Универзитетот „Гоце Делчев“ како успешен пример за премин од физичко во онлајн учење

Студентите лани ѝ ја презентираа Декларацијата за млади, образование и иднина на министерката за образование и наука, Мила Царовска, во која се претставени барањата за реформи за поквалитетно образование, инвестиции во науката и образовната инфраструктура, повисок студентски стандард и вклучување на младите во креирањето на образовните политики.

А едно од последните случувања што ја одбележа изминатата 2020 беше и лажниот мејл кој повика на собир 300 студенти на Економскиот факултет, за што Мета.мк извести. Подоцна информиравме и дека Економскиот факултет не го пријавил овој случај во Агенцијата за заштита на личните податоци.

Пандемијата уште на почетокот се „протна“ низ лавиринтите на факултетите и го отежна студирањето. Промените кои ги донесе со себе ги истакнаа веќе постоечките слабости и проблеми во високото образование, особено неопходноста од итна дигитализација на универзитетите, како и помали административни трошоци.