Тројцата професори не се повлекуваат од трката за ректор на УКИМ, туку кандидатурите ги ставаат во мирување

Професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски ги отфрлија тврдењата дека се повлекуваат и го бојкотираат изборот за ректор.

„Ние вчера јасно и гласно кажавме дека нашите кандидатури ги ставаме во мирување согласно со извештаите и препораките на ДКСК и ДПИ. Овие избори за ректор се нелегални, недемократски и неакадемски. Нашите кандитатури ги ставивме во мирување, затоа што не сакаме да учествуваме на вакви избори и да и дадеме легитимност на целата оваа нелегална постапка“ се вели во соопштението на Атанасов, Живковиќ и Димитриевски.

Тие како што велат, и понатаму остануваат на ставот дека денешното гласање за ректор на УКИМ е противзаконско.

„Во овој момент Универзитетската изборна комисија не работи во согласност со Законот за високо образование и Статутот на УКИМ. Денешниот ден е обид на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да се спроведат недемократски, нелегални и насилни избори од страна на ректорот Јанкуловски и на Универзитетската изборна комисија“ велат тројцата професори“ додаваат тројцата професори.

Претходно, Независниот академски синдикат ги повика колегите, професорите и студентите да не учествуваат на изборите за ректор на УКИМ и да одбијат да бидат дел од незаконскиот и недемократски начин за избор на ректор.

„Со тоа, академското јадро на УКИМ ќе покаже вистинска грижа и подготвеност да се бори против злоупотребата на функциите и процедурите, особено кога тоа доаѓа од сопствената средина. Свесни за можните притисоци и закани со последици, особено врз помладиот универитетски кадар и студентите, ги потсетуваме оние кои сепак ќе се решат да се појават на утрешните избори дека секогаш можат своето несогласување со ваквиот процес, подеднакво јасно и недвосмислено да го изразат и на гласачкото ливче“ посочија од НАкС.

Во соопштението на НАкС, се вели дека тројца од кандидатите, односно професорите Драги Димитриевски, Петар Атанасов и Вујица Живковиќ се повлекуваат од изборите за ректор, бидејќи како што стои во соопштението, на УКИМ му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер процедура. Со тоа, професорите и студентите се спречени директно да се запознааат со програмите на кандидатите, да им постават прашања, а кандидатите да дебатираат меѓусебно за сите теми.

„Независниот академски синдикат ја поздравува оваа одлука на кандидатите за ректор. (НАкС) континуирано ја информираше академската заедница на УКИМ, јавноста и институциите за бројните неправилности во постапката за избор на ректор на УКИМ“ се вели во соопштението на НАкС.

По низа перипетии во постапката за избор на ректор, реагираше и Државната комисија за спречување на корупција.