четврток, 16 април, 2026
Meta.mk

Нови 62 случаи со корона вирус од 572 тестирања, починаа 25 лица

Во изминатото деноноќие направени се 572 тестирања, од кои регистрирани се 62 нови случаи на ковид-19. Новозаразените лица се од: Скопје – 32, Прилеп и Штип – по 7, Куманово – 5, Струмица – 4, Кавадарци – 3, Велес, Кочани, Кичево и Виница – по 1, соопшти Министерството за здравство.

Пријавени се 24 починати пациенти во болнички услови и еден во домашни услови. Од нив, 10 се регистрирани во од Скопје ( 69г, 71г, 71г, 71г, 72г, 73г, 76г, 83г, 86г и 86г), по 2 починати лица од Тетово (36г и 74г), Кавадарци (71г и 84г) и Струмица (56г и 69г) и по едно починато лице од Куманово (75г), Прилеп (79г), Битола (72г), Велес (78г), Штип (71г), Охрид (81г), Кочани (85г), Пробиштип (63г) и Демир Хисар (70г).

Регистрирани се 398 оздравени пациенти од: Скопје – 161, Куманово – 48, Битола – 42, Кочани – 24, Велес – 22, Штип – 16, Берово – 13, Гостивар – 12, Струмица и Гевгелија – по 10, Кичево – 7, Тетово – 6, Свети Николе и Дебар – по 5, Ресен, Пробиштип, Валандово и Богданци – по 3, Радовиш – 2, Прилеп, Охрид и Пехчево – по 1.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.747, а бројката на оздравени пациенти е 133.871. Од компликации си вирусот починаа 4.961 лице, а бројот на активни случаи изнесува 13.915.

Досега во земјата се направени вкупно 725.240 тестирања на ковид-19.

Контраспин: Пауновски е разрешен од политички причини, а не зашто бил „непрофесионалец“

Со оценката дека Пауновски е разрешен поради „непрофесионално однесување“, Владата ја извртува вистината, со што се прави дополнителна забуна во јавноста за вистинските причини околу разрешувањето и целисходноста на таа одлука со која формално, засега, е разрешена оваа несекојдневна епизода од дејствувањето на актуелната Влада на Зоран Заев, пишува Вистиномер.мк.

Во соопштението од седницата на Влада на која била донесена одлуката за разрешување на Стојко Пауновски, директор на ДПИ, се наведува:

Согласно член 10, став 1 од Законот за Државен пазарен инспекторат (ДПИ) според кој Владата го именува и разрешува директорот на ДПИ, на денешната седница Владата го разреши Стојко  Пауновски од функцијата директор на ДПИ, поради неговото непрофесионално однесување.

Оваа консензуално донесена одлука е донесена според Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата и според Законот за Државен пазарен инспекторат.

[ИЗВОР: Влада на РСМ – Соопштение од седница, датум: 27.04.2021]

Контраспин: Целото образложение на самата Влада и сите претходни соопштенија и изјави укажуваат дека Пауновски не покажал нестручно однесување или законски прекршувања, што би било основа за квалификативот „непрофесионално однесување“ (види тука и тука за значењето на зборовите).

Напротив, годишните и полугодишните извештаи за работата на ДПИ, како и состојбата во самиот инспекторат пред да почне да раководи со него Пауновски, јасно зборуваат за професионалното однесување на разрешениот директор.

Но, според соопштението на Владата, Пауновски бил непрофесионалец зашто, според овој државен орган, тој не го почитувал Кодексот, што би се рекло дека се однесувал неетично или што би рекол премиерот Зоран Заев, недозволиво, односно „пркосел“.

Кодексот не е над законот

И претходно (на 23.04.2021), Владата, т.е. Заев и вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби соопштија дека Пауновски меѓу другото го прекршил Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, поточно член 4 и член 6:

Според членот 4 носителите на извршни функции ги вршат своите јавни овластувања и должности согласно Уставот, законот и другите прописи донесени врз основа на закон.

Согласно членот 6 носителите на извршни функциите слободно и отворено ги изразуваат ставовите во врска со предложените политики, но солидарно ги поддржуваат владините политики и одлуки откако тие ќе бидат донесени, а во своите јавни настапи политиките ги презентираат во согласност со овој Кодекс – велат вицепремиерите.

Ден потоа од Владата излегоа и со соопштение во кое се тврди дека 24 лица од 35-те ги исполнувале условите за помлади соработници и референти и дека „членот 5 од Законот за преземање на административни службеници вработени преку K-5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, (кој) е донесен во декември 2020 година, (и кој) утврдува дека раководните лица во институциите, се должни да ја започнат постапката за усогласување на актите за систематизација на работните места со одредбите од овој закон во рок од 30 дена од денот на усвојувањето на Планот за преземање“.

Но, да повториме, во соопштението од Владата за разрешување на Пауновски не се споменуваат лошо управување, законски прекршувања од овој или други закони, туку се споменува Кодексот и Законот за ДПИ според кој токму Владата именува и разрешува.

Но, дури и да е така, да прекршен Кодексот во членовите 4 и 6 што ги издвојуваат Груби и Николовски, треба да се има предвид дека Кодексот не е над законот, што го тврди и дел од универзитетската јавност (види ја изјавата на професорката Ана Павлоска Данева), а и секако извештајот на ГРЕКО за спроведување на 5-тиот круг евалуација на мерки од борбата против корупција, според кој извештај, позицијата на Николовски е противречна и е неприфатливо да ја извршува функцијата спроведувач и толкувач на Кодексот.

Павловска Данева зборува јасно и прецизно дека Кодексот е под Законот, правно гледано, а дури и да го прекршил законот за распоредување на рамковно вработените, треба во правна процедура да се докаже тоа, па дури и да се докаже, следува прекршочна одговорност. Но, не само тоа, Данева тврди и дека Пауновски не можел да го спроведе овој закон за вработување на рамковните, бидејќи нема законска основа за смена на систематизација. Од друга страна, треба да се има и ставот на ГРЕКО, дека Николовски не би требало да предлага мерки околу евентуално прекршување на Кодексот, а токму премиерот, не за прв пат, изјави дека чека од Николовски предлог за разрешување на Пауновски.

Заев е јасен зошто е разрешен Пауновски

Вистината зошто е разрешен Пауновски, досега неколку пати ја кажа и самиот Заев, а како пример ќе ги наведеме само дел од неговите изјави:

…Да се препукувате со премиерот преку медиумите, а да не дојдете да побарате директно помош, не е дозволиво. Тој е политички поставен на ДПИ, беше претседател на општински сојуз на СДСМ пред неколку дена. Го барав, не крена телефон. Имаме воспоставен однос, и не ни треба такво препукување

И втората:

Се работи за принцип. Ако Владата не постапи и не преземе ништо, зошто и останатите 1.179 директори во државата да не водат полемики во медиумите, да не ги спроведуваат законите, да не ги спроведуваат одлуките, вели Заев.

При согледувањата на причините, секако, не треба да се изуми и појаснувањето на Пауновски за Телма во кое вели дека „имал конфликт со шефот на кабинетот на Артан Груби, а не со премиерот“.

Според тоа, тврдењето дека причината за разрешување на Пауновски е „непрофесионално однесување“, е спин. Тој е разрешен само поради согледан (од премиерот и од Владата), прекршок на Кодексот за етичко однесување на функционерите на влада и именувани од влада, иако и самиот кодекс во одредени членови е противречен, бидејќи именуваните функционери треба да се однесуваат и „одговорно“, и „рационално“ и „економично“ и „транспарентно“ при извршувањето на својата функција и притоа, пред сè, да го почитуваат Уставот, па законите, па дури потоа другите документи, како што се наведува и во самиот Кодекс.

Метаморфозис го честита Светскиот ден на слобода на медиуми, најголем предизвик останува инфодемијата

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на слобода на медиумите – 3 Мај, кој се одржува 28 година по ред. Фондацијата Метаморфозис им го честита овој ден на новинарите, медиумските работници, и на сите борци за слобода на изразување кои се залагаат за целосно почитување на човековите права.

Слободните и професионални медиуми имаат клучна улога во обезбедувањето на знаење и глас на граѓаните, откривање на корупцијата и развивање на една култура на критика каде граѓаните се сѐ помалку исплашени да ги доведат во прашање дејствијата на властите и се овластени на корисен начин да учествуваат во демократските процеси.

Фондацијата Метаморфозис препознава дека едно информирано општество е суштествено за обезбедување одговорност како на јавниот, така и на приватниот сектор.

Според мерењето на меѓународната невладина организација „Репортери без граници“ слободата на медиумите во земјава во последните неколку години бележи подобрување. Но, има уште многу предизвици кои треба да се надминат.

Како што посочуваат „Репортери без граници“ во последниот извештај за 2021 година, во Северна Македонија, високи владини претставници продолжуваат да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека сајбер малтретирањето и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи се случуваат сè почесто.

„Сето ова служеше за зајакнување на добро вкоренетата култура на неказнивост. Во исто време, пандемијата го усложни известувањето“, наведуваат од Репортери без граници за слободата на медиумите во земјава.

Фондацијата Метаморфозис одамна ги воочи негативните последици кои што може да произлезат од напливот на дезинформациите и потребата од точна, проверена и кредибилна информација, што во време на ковид-19 пандемијата се покажа како исклучително важно.

Минатогодишното истражување на Метаморфозис изготвено согласно достапните податоци до крајот на февруари 2020 година укажува на опасностите доколку не се продолжи со реформите во медиумскиот сектор.

Изминатата деценија Метаморфозис разви богата медиумска програма што во последните неколку години прерасна во посебен дел од работата на фондацијата означен како Медиуми за демократија.

Целта е да се обезбеди токму информирање на јавноста базирано врз факти. Тоа ја вклучува работата на планот на едукација за медиумска писменост и развој на критичкото мислење преку Критинк, како и алатката за проверка на факти Вистиномер.мк, што е првата и за сега единствена членка на Меѓународната мрежа за проверка на факти. Исто така, Метаморфозис е исклучително посветена и на точното и проверено известување, анализи и визуелизации на податоци преку Новинската агенција Мета.мк и порталот на албански јазик, Порталб.мк.

Османи: Јунските самити на ЕУ нудат шанса за операционализација на одлуката за почеток на преговорите

Заокружување на стратешката цел, членството во Европската унија, како и амбициите на регионалните иницијативи како што е Берлинскиот процес беше главниот фокус на денешната средба на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, при работната посета на Османи во Сојузна Република Германија.

“Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор: операционализација на одлуката за почеток на преговорите, преку усвојување на преговарачката рамки и одржување на Првата Меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес“ изјави Османи.

Мас на заедничката прес-конференција во Берлин изјави дека Германија сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот.

„Тоа особено важи за Северна Македонија, која одамна ги исполни условите за почеток на преговорите. Затоа минатата година многу се заложивме за одржување на меѓувладината конференција, но тоа не беше можно. Сега го поддржуваме португалското претседателство да го стори тоа. Не само што тоа го сметаме за логично, туку и за неопходно, не само од аспект на довербата на граѓаните во Северна Македонија, туку и поради интересот на ЕУ, колку е можно побрзо да ја одржиме меѓувладината конференција“, рече Мас.

Меѓу другото, Османи го информираше германскиот шеф на дипломатијата Мас и за реформите за јакнење на правната држава и борбата против корупцијата, при што беше посочено дека оваа битка ќе остане непристрасна и неселективна.

Освен ова, соговорниците разговараа и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, состојбите поврзани со ковид-19 пандемијата, актуелни прашања од доменот на меѓународната политика, како и соработката во бројните мултилатерални организации. Во таа насока, Османи иницираше создавање на стратешко партнерство меѓу Сојузна Република Германија и Република Северна Македонија, што би било особено важно за забрзување и продлабочување не само на европските интегративни процеси, туку и на економската соработка меѓу двете земји.

“Потврда за успешноста на билатералната соработка е фактот што Германија е трговски партнер број еден за нашата земја. Над 200 компании од Германија се партнери на нашите компании, каде работат преку 20 илјади наши граѓани. Често повторувам затоа што лично сметам дека бизнисот треба да ги предводи дипломатските односи меѓу земјите и затоа посакувам многу повеќе германски бизнис кај нас“ рече Османи.

Посетата на министерот Османи на Берлин продолжува со средбата со државниот министер надлежен за Европа, Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе се сретне и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и Комисиите во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.

Од среда полицискиот час да почнува од 23 часот, предлага Кризниот штаб

Полицискиот час да почнува од 23 часот до 5 часот наредниот ден, а угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел односно, само летни тераси, градини, но не и во затворениот дел од објектот да работат до 22:30 часот, овие предлози од Министерството за здравство денеска ги разгледуваше и ги подржа Главниот координативен кризен штаб.

Наведените предлог-мерки на Министерството за здравство ќе се разгледуваат на следната владина седница и доколку се усвојат, би биле со важност од 5 мај 2021 година (среда).

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека синоќа од 21.00 часот (2 мај) до 5 часот (3 мај) 49 лица не ја почитувале забраната за движење т.е полицискиот час.

Во моментов, според последната одлука на Владата, полицискиот час почнува од 21 часот, а угостителските објекти се работат до 20:30 часот.

Поради празниците, полицискиот час не важеше во саботата кога верниците го прославуваа Велигден во верските објекти, а нема да важи ни за Рамазан Бајрам, вечерта на 12 мај.

Изгаснат шумскиот пожар кој вчера изби во Галичник

Месната заедница на Галичник изутринава на социјалните мрежи соопшти дека противпожарните екипи со помош на припадниците на Армијата, успеале во текот на вечерните часови да ги изгаснат сите жаришта од пожарот во Галичник.

„Во текот на вечерните часови, единиците на противпожарната служба заедно со специјалната единица Волци на АРМ ги згаснаа и последните остатоци од пожарот. Војниците овде ја поминаа ноќта, а дополнително во текот на целата ноќ во состојба на готовност беа единици координирани од ЦУК. Утрово извид на лице место направи пешадиска единица од земја и воздухопловен Винг – воздухопловната единица на АРМ со два хеликоптери од воздух. Сите жаришта се згаснати“ стои во нивната објава.

Центарот за управување со кризи вчера информираше дека пријавата за пожарот ја добиле вчера во 13.30 часот. Зафатeна била борова шума на непристапен терен, а поради силниот ветар имаше потенцијална опасност за селото и куќите во Галичник.

За помош во гаснењето на пожарот, беше ангажиран и хеликоптер на Армијата, но поради ветерот не можеше да дејствува. Веднаш потоа 20 војници од АРМ беа пратени за да го гаснат пожарот и да го заштитат селото со другите присутни сили, додека пак, хеликоптерот беше вратен во армиската база во Скопје.

Во ковид центрите низ земјава се лекуваат 1.085 пациенти, има 757 слободни болнички кревети

Министерството за здравство денеска соопшти дека вкупно 1.085 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава, додека пак, во ковид центрите има 757 слободни болнички кревети.

Од вкупниот број хоспитализации, 617 пациенти се лекуваат во внатрешноста на земјата, а останатите 468 во главниот град.

Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 77 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 59 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 24 пациенти, во Велес се лекуваат 72 болни, а во Куманово 79 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 70 пациенти, во Прилеп 55, во ковид центарот во Гостивар 18, а во Струга 15 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 59 пациенти, во Кочани 30 во Кичево 21, Кавадарци 32, а во Гевгелија 6 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во главниот град пак, во изминатите 24 часа во ковид центрите во хоспитализирани се 22 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 11 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 4 примени пациенти и 4 билe примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени болни, a на Клиниката за Детски болести имало два приеми. На Институтот за физикална медицина исто така немало примени.

„Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 290 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од МЗ, од каде што додаваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 11 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваaт 177 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 125 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 129 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 14 пациенти. На Клиниката за детски болести има 1 дете позитивно на Ковид 19 вирусот и 2 мајки, а на ГАК има 3 позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 17 болни.

ЗНМ, СЕММ, МИМ: Корона кризата ги покажа сите доблести и слабости на новинарството

По повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, од Здружението на новинари во Македонија (ЗНМ) и Советот на етика во медиумите на Македонија (СЕММ) се децидни дека во услови на светска здравствена криза, повеќе од кога и да е претходно стана јасно значењето на независното и професионално новинарство.

„Кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19 ги исфрли на врвот сите доблести, но и слабости на новинарството кое во изминатиот период минува низ сериозни промени и премрежја. Професионалното наспроти пропагандистичкото новинарство, денес е повеќе од било кога предизвик за сите нас, да се обидеме да го одржиме квалитетот на новинарите кои ја негуваат слободната мисла како водич, низ пречките со кои се соочува светот, но и Северна Македонија. Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните“ велат од ЗНМ.

Оттаму заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, повикуваат на солидарност и поддршка, пред сè од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во изминатата година се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот соодветно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата поврзани со ковид-19 пандемијата.

„Борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции. Но, не е само пандемијата дел од сликата за новинарството и медиумите денес. Бавниот напредок на медиумските слободи на светските листи што ги мерат овие параметри покажува дека се потребни дополнителни напори на целата заедница во Северна Македонија, за посилен пробив кон листата на земји во кои медиумите се целосно слободни. Новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен“ потенцираат од ЗНМ.

На ова се надоврзуваат и од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), од каде што исто така сметаат дека пандемијата уште еднаш ги потврди предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите.

„Квалитетното и инклузивно новинарство е единствениот начин за премостување на поделбите и промовирање демократски вредности и професионални новинарски стандарди. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување“ стои во соопштението на СЕММ.

Советот за етика во медиумите од власта и институциите очекува да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви било ограничувања и препреки.

„Секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, ќе го разбереме како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите. Искуството потврдува дека најголемиот ризик за демократијата произлегува токму од медиумите што биле и остануваат под контрола на политичките центри на моќ“ велат од СЕММ.

Според нив, од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности.

Во изминатиот период статистиката на СЕММ го потврдува присуството на случаи на неетичко информирање. Речиси 40 проценти од пријавените случаи во изминатата година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, а загрижувачки е што во 67 отсто од вкупниот број на жалби, станува збор за неточни и непроверени информаци, а во речиси 20 проценти не се прави разлика меѓу фактите и мислењата, вестите и коментарот.

Oд Македонскиот институт за медиуми (МИМ) пак, упатија честитки до сите медиумски професионалци кои и оваа година посветено работеа за да ги информираат граѓаните за сите важни прашања од јавен интерес, а особено во контекст на тековната пандемија.

„Измината година нѝ покажа дека нашето општество има потреба од засилен ангажман и посветеност на сите релевантни чинители во адресирање на бројни тековни проблеми со кои се соочуваат медиумите, новинарството и медиумските професионалци, кои се столбот на оваа дејност. Истовремено, потребно е да се вложат сериозни напори и да се постават приоритети за долгорочен развој и напредок во медиумската сфера, преку натпартиски, транспарентни, инклузивни и модерни политики кои ги земаат предвид европските стандарди и практики, но и спецификите на нашиот медиумски пазар“

Поради ова, според МИМ потребно е да се продолжи со спроведување на започнатите реформи во аудиовизуелниот сектор, да се зајакнува улогата и позицијата на јавниот сервис МРТВ и да се создадат фер и конкурентни услови за развој на сите субјекти во медиумската сфера.

„Сметаме дека за високо развиена демократска сфера многу може да придонесе и медиумски образована и информирана публика, која критички ги вреднува содржините и информациите, врз основа на кои може да направи вистински избор. Заради тоа, МИМ ги поддржува иницијативите за унапредување на медиумската писменост кај различни сегменти на публиката, што треба да се спроведуваат во повеќе општествени сфери“ велат од МИМ.

МОН апелира до средношколците да не ја бојкотираат наставата, Законот за учебници не ги засегнува нив

Министерството за образование и наука (МОН) упатува апел за разумност и повторно приклучување на наставата на изолирани групи на ученици во неколку училишта во државата, кои по насоки од родителите и старателите ја бојкотираат наставата.

„Дигитализацијата на материјалите за учење е дефинирана во новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали и предвидено е истата да се случува етапно, почнувајќи во четврто одделение од следната учебна година, така што во овој момент тоа воопшто не ги засегнува средношколците и тие немаат причина за отсуство од настава по тој основ“ велат од МОН, од каде што потенцираат дека секој пропуштен час, особено кога воспитно–образовниот процес се организира во вонредни околности и во услови на пандемија, значи пропуштено знаење, кое тешко се надоместува“, велат од МОН.

Од министерството и натаму стојат на ставот дека причината за бојкотот на наставата е неоправдана, ако се има предвид дека дигитализацијата на образованието е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а државата мора да се приближува кон стандардите за квалитет на образование кои ги наметнуваат развиените општества.

„Никој не треба да поттикнува или поддржува отпор кон промени во чиј фокус е нивниот најдобар интерес и промени кои ќе ја унапредат наставата. Интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намалат обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесат подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем“ велат од министерството.

Оттаму уште еднаш упатија апел граѓаните да ги следат официјалните информации кое ги објавува самото министерство во врска со креирањето и имплементирањето на промените во образовниот систем, бидејќи сите други извори на информации, можат да бидат неточни и од манипулативна природа, со намера да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства.

Истражување на Рурална коалиција: Околу 60 отсто од земјоделците преферираат издавање на услуги на шалтер

Недостаток на доверба во системот, недоволна транспарентност на софтверите за аплицирање, како и ниска дигитална и компјутерска писменост се најчестите пречки со кои се соочуваат земјоделците при дигитализирање на услугите поврзани со земјоделството. Над половината од земјоделците преферираат услуги на шалтер бидејќи немаат доверба во електронските услуги и нивната валидност. Ова го покажува истражувањето на Рурална коалиција за нивото на дигитална писменост и користењето на е-услугите во руралните средини. Во истражувањето опфатени се 246 испитаници од 6 плански региони, а истото е спроведено во периодот јануари – март 2021 година.

Воедно денеска на настанот беше презентирана и дигиталната платформа www.e-zemjodelskiuslugi.mk, која што има за цел на едно место да ги содржи сите е-услуги и информации за секторот земјоделство и е насочена кон унапредување на дигитализацијата.

„Од испитаниците приближно 60 отсто преферираат издавање на услуги на шалтер. На самите земјоделци им е подобро да отидат во институцијата и на лице место да ја завршат работата отколку тие услуги што можат да ги завршат електронски, да го сторат тоа на тој начин. Доколку им се овозможи поддршка или едукација за користење на тие услуги, дури 93 отсто одговорија дека услугите ќе ги направат електронски. Ова укажува на фактот дека е неопходно да им се пружи можност и обуки како да ги користат тие услуги“ истакна на денешната прес-конференција за презентирање на наодите од истражувањето, Елизабета Ристеска Мрческа од Рурална коалиција.

Како што рече таа, земјоделците во државата се запознаени со електронските услуги особено од нивниот домен, меѓутоа малку ги користат. Досега најмногу ги користеле веб страните на Управата за јавни приходи, Платежната агенција и веб страната на Министерството за земјоделство.

„На 54 проценти од испитаниците не им е познат порталот e-uslugi.gov.mk. Станува збор за национален портал за е-услуги што претставува платформа преку која можат да добијат информации за услугите што ги нудат институциите во државата. Од оние пак, што се запознаени, само 17,5 отсто користеле услуги токму од оваа платформа“.

Како што потенцираше Мрческа, земјоделците немаат доверба во издавањето електронски документи, односно не веруваат во нивната валидност и притоа имаат ниска доверба во системот.

Освен ова, истражувањето покажува дека 76 отсто од испитаниците имаат мејл адреса, 87 отсто имаат Фејсбук профил, а 62 отсто се членови на социјални групи коишто ги користат за размена на искуства од земјоделскиот сектор. Високи се процентите и на оние кои поседуваат паметни телефони, односно 85 проценти, а 55 отсто од испитаниците исто така имаат и лаптопи, а дури 93 отсто имаат пристап до интернет.

Меѓу другото, податоците посочуваат дека иако руралното население, односно 92 отсто од испитаниците имаат електронска банкарска картичка, но сепак 60 отсто од нив ја користат картичката за подигнување средства од банкомат, а само 26 проценти ја користат за електронско плаќање на услуги.

„Бевме и сè уште сме сведоци на бројни гужви пред подрачните единици за земјоделство и пред банките каде што во време на криза се загрозува здравјето на двете страни, и на земјоделците и на вработените во институциите. Ова треба да го вклучи алармот за итно дејствување во самиот сектор со цел дигитализација и запознавање на руралното население со дигиталната агенда“ додава Мрческа.

Според неа, дигитализацијата во земјоделството е важна, не само за полесен пристап до информации и јавни услуги, туку таа овозможува и малите земјоделски стопанства да можат полесно да се прилагодат на новите пазарни ситуации и многу поуспешно и побрзо да направат реформи со што ќе станат поконкурентни и ќе го задржат своето место на пазарот.

Извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски ги истакна препораките до институциите МИОА и Министерството за земјоделство, и како што потенцираше, општиот заклучок е дека е неопходно зголемување на дигиталните знаења и вештини кај локалното население, особено кај земјоделците во руралните средини.

„Од една страна имаме над 90 процети население кое користи интернет со основни познавања, што би требало да се надогради за целосно искористување на потенцијалот на електронските услуги кои заштедуваат време, пари и ресурси. Драго ми е што на овие препораки наидовме на разбирање од страна на самите министерства, што ќе резултира со изготвување на посебни курикулуми за надградување на знаењата на локалното население“ изјави Јоноски.

Маријана Јанчевска, специјалист за мониторинг и евалуација во Фондација Метаморфозис даде појаснување за тригодишниот проект „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“.

„Мрежата на ИЦЕДА која во моментов брои 26 члена граѓански организации од Западен Балкан, има за цел да го зголеми учеството на граѓанските организации во промоција на спроведувањето на дигиталната агенда на Западен Балкан, а воедно да им обезбеди на граѓаните во регионот целосно да ги искористат придобивките и да го зголемат знаењето за дигиталната трансформација“ посочи Јанчевска.

Регионалниот проект е финансиран од Европската унија, а спроведуван од Фондација Метаморфозис во соработка со МИОА, како и со партнерските организации од Естонија и Западен Балкан и тоа: со Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА – Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

Музичкото радио Канал 103 на 1 мај ќе ја исклучи програмата во знак на протест за игноранцијата на МРТ и Владата

Музичкото радио Канал 103 на 1 мај, на денот на одбележувањето 30 години постоење ќе го исклучи радио-стримингот и ќе емитува молк во времетраење од 24 часа во знак на протест, за како што велат, „против глупоста, културната неписменост, глувоста и игноранцијата на оние што се повикани и одговорни да ги одржуваат и негуваат докажаните културни и медиумски вредности во државата“.

„Канал 103, за жал, е и културно наследство во опасност, нерегистрирано, непрепознаено и заборавено од страна на институциите. Пред околу две години радиото беше исклучено од ФМ етерот како нелегално, продолжувајќи да функционира исклучиво онлајн. И покрај сите ветувања од надлежните (МРТ и Владата) дека проблемот набргу ќе биде решен, враќањето на 103-та фреквенција никако да се случи, да дојде на дневен ред. Затоа, на денот што го означува 30-годишното постоење на Канал 103, се одлучивме гласно да замолчиме. Завршете си ја својата домашна работа, Канал 103 мора да се врати на ФМ скалата, веднаш!“ стои во известувањето на редакцијата од Канал 103.

Оттаму потсетуваат дека радиото има заслужен статус на „искра светлина во мрачните лавиринти на МРТ“, кој би бил невозможен без „фанатичната посветеност на екипата и комплетно независна уредувачка политика“.

„Во услови на бесконечна транзиција, брутална корупција, комплетно деградирање на сите општествени вредности и ужасна партизација на медиумите, Канал 103 остана недопрена оаза на независноста, интегритетот и непоткупливоста, како и вистински дом на македонската алтернативна музика и сцена воопшто. И сето ова е резултат на чистата љубов, искреност и ентузијазам на луѓето што ја креираат програмата еве веќе три децении, без никаков финансиски надомест. Феномен без преседан на овие простори“ велат од Канал 103.

Од редакцијата посочуваат дека и покрај сите успешно пребродени искушенија, сопки, навреди, понижувања, обиди за исклучувања, политички влијанија, но и внатрешни превирања, „Стотројка е сè уште тука затоа што е неверојатно пргава, жилава и затоа што има мисија. Благородна, културна, едукативна, цивилизациска, општествена задача која не само што не е завршена, туку, се чини, никогаш не била понеопходна“.

„Покрај промоцијата на добриот вкус, радиото ја препозна европската идеја уште одамна, далеку пред тоа да стане излитена флоскула. Во моментов, има свои „музички дописници“ од Лондон, Порто, Палермо, Остин (Тексас), Софија и Брисел, а вмрежено е и во две меѓународни радио платформи“ стои во соопштението.

Во последното деноноќие регистрирани 447 нови случаи на ковид-19, починаа 30 пациенти

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.034 тестирања, од кои регистрирани се 447 нови случаи на ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Оттаму информираат дека новозаразените лица се евидентирани во: Скопје –191, Куманово – 36, Прилеп – 26, Струмица – 21, Битола – 19, Велес – 18, Тетово – 17, Гостивар – 16, Кочани – 15, Неготино – 11, Охрид – 10, Кичево и Радовиш – по 7, Кавадарци – 6, Штип, Берово и Виница – по 5, Гевгелија, Свети Николе и Валандово – по 4, Богданци и Крушево – по 3, Струга, Крива Паланка и Демир Хисар – по 2, Ресен, Делчево, Дебар, Пробиштип, Демир Капија, Македонски Брод, Пехчево и Македонска Каменица – по 1.

Во болнички услови, пријавени се вкупно 30 починати лица и тоа: 8 од Скопје (57г, 57г, 60г, 64г, 64г, 67г, 86г и 92г), 6 лица од Струмица (66г, 68г, 72г, 72г, 73г и 77г), по 2 лица од Кичево (56г и 66г), Кочани (69г и 84г), Неготино (75г и 83г) и Прилеп (60г и 73г) и по едно починато лице од Берово (70г), Битола (70г), Гевгелија (76г), Гостивар (73г), Делчево (83г), Кавадарци (78г), Охрид (84г) и Пробиштип (68г).

Оздравени се 620 пациенти регистрирани во: Скопје – 272, Куманово – 56, Прилеп – 55, Битола – 34, Велес – 25, Тетово и Охрид – по 23, Струмица – 20, Штип – 18, Гевгелија – 15, Кичево – 11, Струга и Кочани – по 10, Радовиш – 7, Гостивар и Свети Николе – по 6, Ресен и Дебар – по 5, Богданци – 4, Крива Паланка и Виница – по 3, Кавадарци и Македонски Брод – по 2, Неготино, Берово, Валандово, Демир Хисар и Дојран – по 1.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 151.569, а бројката на оздравени пациенти е 131.530. Од компликации со вирусот починаа 4.772 лица, а бројот на активни случаи изнесува 15.267.

Искуствата на младите во фокус на форумот „Од локална стратегија до локална младинска акција“

Денеска се одржа младински форум на тема „Од локална стратегија до локална младинска акција“ во организација на Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Младински образовен форум (МОФ). На форумот, учениците ги споделија своите искуства од реализацијата на младински акции и како преку овие акции се стекнале со многу нови пријателства и научиле нови работи за волонтерството и правењето на вистински промени во општеството.

„Секој од нас може да создаде можности и да најде решенија на проблемите со кои се соочуваме. Ова е меѓу клучните Американски вредности. Вашата проактивност за разубавување на училишните дворови, јавните простори, паркови и игралишта, за подигнување на свесноста за проблеми со врсничко насилство и слични проблеми на младите и вашето застапување пред претставниците од општините за да се направи заедницата почиста, побезбедна и поубава се доказ за вашата светла иднина и иднината на вашата држава. Ние го поддржуваме младинскиот активизам и граѓанското учество. Вие сте иднината и силата во општеството“ порача амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска пак во своето излагање на настанот ја нагласи важноста од поттикнување на младински активизам и притоа истакна дека Министерството ќе продолжи да ги поддржува младите.

„Речиси во секоја работна група што ја формираме за било каква цел која ги засега, дали е креирање на законски решенија, концепции, концепти и слично, за унапредување на ученичкиот или студентскиот стандард, има по еден или повеќе претставници на категоријата која е во фокусот во конкретната акција. Преку таа соработка детектираме потреби и предизвици, разгледуваме иницијативи, креираме решенија и ги имплементираме истите“ изјави Царовска.

Во изминатите месеци, 150 ученици од 30 училишта во 10 општини учествуваа на онлајн работилници на коишто ги идентификуваа предизвиците и можните решенија за подобрување на состојбата во нивните општини. Преку онлајн средби за застапување, тие соработуваа и со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка.

Младинскиот форум се реализира во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, преку кој се создаваат можности за интеракција помеѓу учениците од различни етнички заедници и се поттикнува нивната креативност и младинско учество.

Хелсиншки комитет: Да престане злоупотребата и манипулацијата на децата за политички цели

Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираше да не се злоупотребуваат, односно да престане манипулацијата на децата за политички цели, по денешните случувања во врска со најавениот бојкот на наставата поради актуелните реформи во образованието за дигитализација на учебниците. Според Комитетот, децата се подложни на бројни манипулации, лажни вести и дезинформации, кои дополнително ја усложнуваат и онака сериозната состојба која ја наметна пандемијата со ковид-19 во однос на нивната едукација и секојдневното функционирање.

„Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности, кои не само што не се во најдобар интерес на детето, туку претставуваат злоупотреба на децата поради политичко дејствување – нешто што е забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Ги повикуваме сите релевантни фактори во државата да ги изземат децата од своите политички активности, да преземат мерки за нивно точно и навремено информирање и на прво место да го стават интересот и добробитта на детето“ децидни се од Хелсишнки комитет.

Инаку, членот 12 став 4 од Законот за заштита на деца предвидува забрана на злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.’

Денеска и Министерството за образование и наука излезе со реакција дека промената која носи квалитет на образованието, не смее да биде причина за бојкот на настава од учениците.

„Нагласуваме дека исклучително е важно во целиот овој процес да се следат сите официјални информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници, кои транспарентно и на дневна основа ги дава Министерството за образование и наука и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените. Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства,“ додаваат од МОН.

Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи за ММС изјави дека тие не организираат никаков бојкот на наставата и дека организацијата е на одредени групи кои манипулираат со јавноста.

„Сојузот на средношколци не донел таква одлука. За бојкотот во некои училишта утринава дознавме од вас медиумите. Сигурно тоа се користи за манипулација на учениците и политичко поентирање,“ рече Ходаи.

„Фридом Хаус“: С. Македонија бележи демократски напредок како единствена на Балканот меѓу земјите во транзиција

Северна Македонија како држава во транзиција бележи демократски напредок изиминатава година, со подобрување од 0.07 поени, односно го зголемила индексот на демократија од 3,75 на 3,82, за разлика од повеќето други земји во регионот, стои во извештајот на „Фридом Хаус“ насловен „Земји во транзиција 2021 година“. Ова е втор најдобар резултат од вкупно 29 земји кои се анализираат во извештајот. Сепак, и покрај ова подобрување, земјата и натаму е рангирана во групата „преодни или хибридни режими“.

„Во Северна Македонија и Узбекистан делумните напори вродија со позитивни промени во реалноста, што беа причина за подобрување на резултатите на овие држави. Во Северна Македонија, централно-левичарската влада на премиерот Зоран Заев поправи дел од институционалните штети кои ги направија нивните десничарско-популистички претходници, а и понатаму има можност да ги испорачаат придобивките од демократијата“, стои во делот од извештајот кој се однесува на земјите со најголема позитивна промена.

„Фридом хаус“ забележува дека државите од целиот Балкански регион се одвраќаат од демократијата или се наоѓаат заробени во циклусот на назадувања и делумни закрепнувања. Покрај напредокот во нашата земја, во регионот напредок во индексот на демократија има уште само во Босна и Херцеговина, а пад е забележан во Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и во Бугарија.

С. Македонија истовремено има втор најдобар резултат меѓу земјите во транзиција, и се наоѓа само зад Ерменија кога ќе се погледне напредокот или назадувањето во демократијата во последните пет години. Во истиот период, најголемо демократско назадување имало во Полска и Унгарија.

Земјава исто така има најдобра оценка во областа на граѓанското општество (4,75), а најлошата во областите на судската рамка и независноста и корупцијата (3,25). Според оценките на „Фридом Хаус“, корупцијата и натаму останува сериозен проблем и има широко распространета неказнивост за корупција на владини функционери, вклучувајќи и членови на парламентот и луѓе од судството.

Меѓу другото, во извештајот се наведува дека имало „чести случаи на политичари кои инструментализираа опасна реторика за политичка добивка“, како што е бугарското националистичко размислување за блокирање на преговорите за пристапување кон С. Македонија во Европската унија.

„Бугарија исто така започна кампања со закани против С. Македонија, ветувајќи дека ќе ги блокира нејзините разговори за пристапување во ЕУ доколку не успее да ги реши историските спорови со Бугарија – и покрај тоа што се постави како главен поддржувач на евро-атлантските интеграции на Скопје. Ова кулминираше со експлицитно вето против разговорите во ноември, помагајќи да се одложат, со тоа што Бугарија го поддржа ветувањето од 2019 година дека ќе го сврти својот курс за надворешна политика за С. Македонија (оној што го забрза нејзиниот европски пат), освен ако не бидат исполнети повеќе билатерални барања“ стои во извештајот.

Според наодите од извештајот, вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски оцени дека државата е на вистински пат, се подобрува и излегува од периодот од 2017 година наваму. Николовски рече дека сите препораки се добредојдени и ќе бидат сериозно разгледани.

ДИЖС најави кривична пријава за палењето трски во Струшко

По извршениот надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина и инспектори од Одделението за внатрешни работи од Струга на опожареното земјиште на потегот од плажите Версус, Аквариус и ресторанот Аполонија, во насока кон селото Калишта, Струшко, ќе биде спроведена истрага за откривање на сторителот, против кого ќе се поднесе кривична пријава, информираат од ДИЖС.

„Опожарени се трски и вегетација во појас ограничен со пешачката патека и брегот на Охридското Езеро, со должина од околу 450 метри и ширина од околу 50 метри. Овој настан се случи и покрај предупредувањата до сопствениците на земјиште што граничи со пешачката патека – дека ќе бидат казнети доколку палат трска на државно земјиште“ велат од инспекторатот.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, во изјава за сервисот Дојче Веле на македонски јазик ги осудува последните масовни опожарувања на крајбрежјето во близина на Калишта и тврди дека на струшкото крајбрежје каде што се потпалуваат трски нема да никне ниту една градба.

„Ги осудувам тие што намерно палат, затоа што палењето на секој оган е забранет и казнив, но јас како татко на градот не можам да го чувам тој предел. Со тоа треба да се занимава полицијата и да ставиме редари кои што ќе го чуваат тој потег. Па и народот треба да го чува, секој што ќе види да пријави“, вели градоначалникот Мерко.

Тој додава дека не се пали трската во езерото, туку таа на крајбрежјето и тоа најчесто од сопствениците на приватни имоти, коишто го чистат просторот.

Слепите лица за првпат ќе добијат дигитална апликација аудио читач

На иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите нации, во партнерство со Националниот сојуз на слепи, започна процес на изработка на софтвер – апликација која на слепите и лицата со оштетен вид за првпат ќе им овозможи пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија. Дигиталната апликација – аудио читач, чија изработка се очекува да биде финализирана за околу два месеци, ќе биде бесплатна, достапна на македонски и албански јазик и лесно применлива за сите возрасти.

Аудио читачот, освен слепите лица, ќе може да го користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро ги разбираат во аудио формат. Апликацијата ќе биде достапна во мобилна и десктоп верзија согласно современите технолошки трендови.

„Аудио читачот, целосно ќе го промени начинот и квалитетот на живот на слепите лица и лицата со оштетен вид, затоа што ќе има примена во сите области на живеењето. Тој ќе овозможи, непречена комуникација, непречено движење, целосно вклучување во општеството“ потенцираше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

За Претседателот на Националниот сојуз на слепи, изработката на аудио читачот претставува исчекор во квалитетот на живот на оваа категорија на граѓани.

„Оваа дигитална апликација ќе ги зголеми шансите и можностите секое слепо лице полесно да се движи, да ги извршува секојдневните домашни работи, да учи, да се социјализира, да најде вработување и да остварува свој приход, а тоа е од непроценливо значење за сите нас“ изјави претседателот на Националниот сојуз на слепи, Жарко Селковски.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан истакна дека новиот продукт на слепите лица ќе им овозможи поголема и поефикасна дигитална пристапност, а со тоа ќе се исполнат и условите за независно живеење, слободен пристап до информации, слобода на говор и изразување и комуникација, не-дискриминација, целосно и ефективно учество и вклученост во општеството.

Аудио читачот за Андроид мобилните телефони ќе може да се преземе од Google Play Store при што ќе биде интегриран со постоечката Talkback платформа, што е инсталирана во секој андроид уред.

Образованието и владеењето на правото во фокусот на студентската дебата: „Имам нешто да кажам за својата иднина“

Денеска на платформата Зум се одржа студентската дебата на тема „I have something to say about my future“ (Имам нешто да кажам за својата иднина) во партнерска организација на Европското движење во Република Северна Македонија, како дел од Меѓународното Европско движење, заедно со Делегација на Европска Унија во РСМ и Фондацијата „Конрад Аденауер“. Поводот е одбележување денот на Европското обединување, 9 Мај.

Целта на дебата беше да се слушне гласот на младите, односно во какво општество сакаат да живеат тие. Младите во фокусот го ставија образованието, како главен фактор во градењето европски вредности, владеењето на правото, искоренувањето на сиромаштијата и невработеноста, како и менувањето на вкоренетите духовни, културни и социјални вредности.

Професорката и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска ја истакна важноста и своето задоволство за оваа студентска дебата, за која рече дека е еден од поважните настани, особено земајќи ја предвид поддршката од Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Делегацијата на Европската унија.

„Не сум сигурна дека успеавме да ги реализираме сите оние вредности со кои што ние како млади израснавме, но се надевам дека со вашите идеи ќе развиете пристап и методологија, како тие да станат реалност. Во актуелниот момент во Европската унија се води силна граѓанска дебата за иднината на Европа и оттаму дојде идејата да ја насловиме оваа дебата токму вака, за да видиме каде се наоѓаме ние во таа иднина“, изјави Ѓуровска.

На настанот се обрати и официјалниот претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун, кој посочи дека учењето за европските вредности од една страна создава очекувања за иднината, а од друга страна отвора можности.

„Јас ве поддржувам во тие можности, бидејќи ние мора да бидеме свесни дека вие не зборувате за иднината, вие сте иднината, вие сте идните генерации и како такви имате шанса и одговорност да се движите напред како држава, како општество, како култура, што навистина не е лесно“ рече Браун, кој им порача на младите да го кренат својот глас во креирањето на својата иднина.

Студентот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Никола Донев, истакна дека е неопходно и младите да се вклучат во процесот на демократизација на општествата, особено кога станува збор за Балканот, а конкретно и нашата држава.

„Местото на С.Македонија и на младите од земјава е во Европската Унија, но ние мора прво тие европски вредности да ги конкретизираме во нашите домашни наративи, што не значи дека ќе биде лесен процес имајќи го предвид нашето минато, но тоа не го исклучува фактот дека сме европјани“, рече Донев.

Студентот по меѓународните интеркултурни студии на Филозофскиот факултет, Ристо Савески, се надоврза на излагањето на Донев и посочи дека државата мора да го намали степенот на нееднаквост, односно да се зголеми младинската застапеност во општествените процеси за донесување одлуки.

„Не само што иднината останува на младите, туку ние и сега може да продуцираме квалитети за да живееме во подобро општество“, изјави Савески.

Јован Јанев, студент од Штипскиот факултет „Гоце Делчев“ истакна дека вкоренетата омраза низ текот на годините, не остава простор за видик кон иднината. Според него, решение за овој проблем е младите да го надминат она што постарите генерации не успеале, а европската визија ќе зависи од секој млад човек индивидуално.

Студентката Цвета Ангелова од Институтот за социологија ја изрази својата демотивираност и потиштеност кога се зборува за „тргнувањето напред“. Според неа, реалната ситуацијата е сосема поинаква, ако се погледнат условите во кои студентите живеат, учат и посетуваат настава.

Филип Миленковски од Американ Колеџ, пак, се осврна кон образованието како клучен аспект за интеграција во ЕУ, а студентката Адиса Личина направи споредба со студентите во Германија, каде на децата им се дава поширока можност да ја изберат својата професија и да изберат каде ќе живеат, а по 18 години почнуваат сами да се грижат за себе.

Сара Јосифовска, студентка на Американ колеџ, зборуваше за недостигот на мотивација кај младите, а Јована Станковска побара да се зголеми толеранцијата и да се намали сиромаштијата. Јасир Асани, студент од Тетово, укажа на фактот дека голем број од нивните врсници се заминати или се надеваат дека ќе заминат во земјите на ЕУ, бидејќи сметаат дека не можат да се најдат во својата држава.

И покрај тоа што во дебатата доминираше негативната перцепција на студентите за актуелната состојба и разочараност од стагнацијата на евроинтеграцијата, иселувањето и слабите перспективи, можеа да се слушнат и оптимистички дискусии.

Така, студентот Мурат Али не се согласува дека младите треба да ја напуштат државата, туку дека тие треба да останат тука и сами да се изборат и да го изодат патот до подобра иднина и да не чекаат тоа да го направи некој друг за нив. И студентката по медицина, Мила Младенова, зборуваше за членството во ЕУ и според неа, самото членство нема да ги реши проблемите во општеството, туку нив треба да решат самите млади.

Во ковид центрите во земјава се лекуваат 1.368 пациенти, има слободни 570 болнички кревети

Министерството за здравство денеска информира дека вкупно 1.368 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава. Во моментов во ковид центрите има 570 празни болнички кревети.

„Од вкупниот број хоспитализации, во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 798 пациенти, а во главниот град 570 пациенти, од кои голем дел се на кислородна поддршка“ велат од ресорното министерство.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 110 пациент позитивен и суспектен на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 70 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 82 болни, а во Куманово 93 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 90 пациенти, во Прилеп 84, во ковид центарот во Гостивар 27, а во Струга 19 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 65 пациенти, во Кочани 32, во Кичево 30, Кавадарци 43, а во Гевгелија 18 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во главниот град пак, во изминатите 24 часа хоспитализирани се 50 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 22 приеми.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 160 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од МЗ.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 примени пациенти и 13 билe примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле бил примен еден нов болен, а 2 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина, не се примени нови пациенти.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 76 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваaт 225 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 130 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 144 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 26 пациенти. На Клиниката за детски болести има 6 деца позитивни на ковид-19 вирусот и 4 мајки, а на ГАК има 5 позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 30 болни.

МОН: Граѓаните и родителите да не подлегнуваат на политички манипулации за Законот за учебници

Министерството за образование и наука (МОН) денеска информираше дека не се откажува од носењето на целосно нов закон за учебници со кој се воведуваат современи материјали за учење и се нуди можност за дигитализација. Истиот ќе биде на дневен ред на Влада, а потоа ќе биде доставен и до Собранието, велат од министерството, од каде што уште еднаш реагираа за дезинформациите пласирани во јавноста во врска со наводно повлекување на законот од собраниската процедура.

„Ги повикуваме граѓаните и родителите да не подлегнуваат на грубите лаги и политички манипулации пласирани во јавноста од страна на пратеници од опозицијата. Во интерес на објективно и вистинито информирање најавноста по координација со Секретаријатот за европски прашања Законот е вратен за да се дополни само делот за усогласување со европските документи, како дел од процесот на усогласување на националното со европското законодавство. Законот денес е на дневен ред на Влада, по што ќе биде доставен до Собранието“ изјавија од МОН.

Инаку, изминативе денови од министерството излегоа со појаснување и потсетуваат дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години.

„Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија, а со новото законско решение се предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник“, децидни се од МОН.