Денеска се одбележува Меѓународниот ден на слобода на медиумите – 3 Мај, кој се одржува 28 година по ред. Фондацијата Метаморфозис им го честита овој ден на новинарите, медиумските работници, и на сите борци за слобода на изразување кои се залагаат за целосно почитување на човековите права.
Слободните и професионални медиуми имаат клучна улога во обезбедувањето на знаење и глас на граѓаните, откривање на корупцијата и развивање на една култура на критика каде граѓаните се сѐ помалку исплашени да ги доведат во прашање дејствијата на властите и се овластени на корисен начин да учествуваат во демократските процеси.
Фондацијата Метаморфозис препознава дека едно информирано општество е суштествено за обезбедување одговорност како на јавниот, така и на приватниот сектор.
Според мерењето на меѓународната невладина организација „Репортери без граници“ слободата на медиумите во земјава во последните неколку години бележи подобрување. Но, има уште многу предизвици кои треба да се надминат.
Како што посочуваат „Репортери без граници“ во последниот извештај за 2021 година, во Северна Македонија, високи владини претставници продолжуваат да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека сајбер малтретирањето и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи се случуваат сè почесто.
„Сето ова служеше за зајакнување на добро вкоренетата култура на неказнивост. Во исто време, пандемијата го усложни известувањето“, наведуваат од Репортери без граници за слободата на медиумите во земјава.
Фондацијата Метаморфозис одамна ги воочи негативните последици кои што може да произлезат од напливот на дезинформациите и потребата од точна, проверена и кредибилна информација, што во време на ковид-19 пандемијата се покажа како исклучително важно.
Минатогодишното истражување на Метаморфозис изготвено согласно достапните податоци до крајот на февруари 2020 година укажува на опасностите доколку не се продолжи со реформите во медиумскиот сектор.
Изминатата деценија Метаморфозис разви богата медиумска програма што во последните неколку години прерасна во посебен дел од работата на фондацијата означен како Медиуми за демократија.
Целта е да се обезбеди токму информирање на јавноста базирано врз факти. Тоа ја вклучува работата на планот на едукација за медиумска писменост и развој на критичкото мислење преку Критинк, како и алатката за проверка на факти Вистиномер.мк, што е првата и за сега единствена членка на Меѓународната мрежа за проверка на факти. Исто така, Метаморфозис е исклучително посветена и на точното и проверено известување, анализи и визуелизации на податоци преку Новинската агенција Мета.мк и порталот на албански јазик, Порталб.мк.