Денеска на платформата Зум се одржа студентската дебата на тема „I have something to say about my future“ (Имам нешто да кажам за својата иднина) во партнерска организација на Европското движење во Република Северна Македонија, како дел од Меѓународното Европско движење, заедно со Делегација на Европска Унија во РСМ и Фондацијата „Конрад Аденауер“. Поводот е одбележување денот на Европското обединување, 9 Мај.
Целта на дебата беше да се слушне гласот на младите, односно во какво општество сакаат да живеат тие. Младите во фокусот го ставија образованието, како главен фактор во градењето европски вредности, владеењето на правото, искоренувањето на сиромаштијата и невработеноста, како и менувањето на вкоренетите духовни, културни и социјални вредности.
Професорката и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска ја истакна важноста и своето задоволство за оваа студентска дебата, за која рече дека е еден од поважните настани, особено земајќи ја предвид поддршката од Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Делегацијата на Европската унија.
„Не сум сигурна дека успеавме да ги реализираме сите оние вредности со кои што ние како млади израснавме, но се надевам дека со вашите идеи ќе развиете пристап и методологија, како тие да станат реалност. Во актуелниот момент во Европската унија се води силна граѓанска дебата за иднината на Европа и оттаму дојде идејата да ја насловиме оваа дебата токму вака, за да видиме каде се наоѓаме ние во таа иднина“, изјави Ѓуровска.
На настанот се обрати и официјалниот претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун, кој посочи дека учењето за европските вредности од една страна создава очекувања за иднината, а од друга страна отвора можности.
„Јас ве поддржувам во тие можности, бидејќи ние мора да бидеме свесни дека вие не зборувате за иднината, вие сте иднината, вие сте идните генерации и како такви имате шанса и одговорност да се движите напред како држава, како општество, како култура, што навистина не е лесно“ рече Браун, кој им порача на младите да го кренат својот глас во креирањето на својата иднина.
Студентот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Никола Донев, истакна дека е неопходно и младите да се вклучат во процесот на демократизација на општествата, особено кога станува збор за Балканот, а конкретно и нашата држава.
„Местото на С.Македонија и на младите од земјава е во Европската Унија, но ние мора прво тие европски вредности да ги конкретизираме во нашите домашни наративи, што не значи дека ќе биде лесен процес имајќи го предвид нашето минато, но тоа не го исклучува фактот дека сме европјани“, рече Донев.
Студентот по меѓународните интеркултурни студии на Филозофскиот факултет, Ристо Савески, се надоврза на излагањето на Донев и посочи дека државата мора да го намали степенот на нееднаквост, односно да се зголеми младинската застапеност во општествените процеси за донесување одлуки.
„Не само што иднината останува на младите, туку ние и сега може да продуцираме квалитети за да живееме во подобро општество“, изјави Савески.
Јован Јанев, студент од Штипскиот факултет „Гоце Делчев“ истакна дека вкоренетата омраза низ текот на годините, не остава простор за видик кон иднината. Според него, решение за овој проблем е младите да го надминат она што постарите генерации не успеале, а европската визија ќе зависи од секој млад човек индивидуално.
Студентката Цвета Ангелова од Институтот за социологија ја изрази својата демотивираност и потиштеност кога се зборува за „тргнувањето напред“. Според неа, реалната ситуацијата е сосема поинаква, ако се погледнат условите во кои студентите живеат, учат и посетуваат настава.
Филип Миленковски од Американ Колеџ, пак, се осврна кон образованието како клучен аспект за интеграција во ЕУ, а студентката Адиса Личина направи споредба со студентите во Германија, каде на децата им се дава поширока можност да ја изберат својата професија и да изберат каде ќе живеат, а по 18 години почнуваат сами да се грижат за себе.
Сара Јосифовска, студентка на Американ колеџ, зборуваше за недостигот на мотивација кај младите, а Јована Станковска побара да се зголеми толеранцијата и да се намали сиромаштијата. Јасир Асани, студент од Тетово, укажа на фактот дека голем број од нивните врсници се заминати или се надеваат дека ќе заминат во земјите на ЕУ, бидејќи сметаат дека не можат да се најдат во својата држава.
И покрај тоа што во дебатата доминираше негативната перцепција на студентите за актуелната состојба и разочараност од стагнацијата на евроинтеграцијата, иселувањето и слабите перспективи, можеа да се слушнат и оптимистички дискусии.
Така, студентот Мурат Али не се согласува дека младите треба да ја напуштат државата, туку дека тие треба да останат тука и сами да се изборат и да го изодат патот до подобра иднина и да не чекаат тоа да го направи некој друг за нив. И студентката по медицина, Мила Младенова, зборуваше за членството во ЕУ и според неа, самото членство нема да ги реши проблемите во општеството, туку нив треба да решат самите млади.