На 29 април, со почеток во 11 часот, на Зум платформата, Рурална Коалиција како дел од ИЦЕДА мрежата и организација која што ќе служи како локален центар за е-поддршка при користење на дигиталните услуги, ја организира првата национална прес-конференција за презентација на наодите од извештајот за нивото на дигитална писменост и користењето на е-услугите во руралните средини.
На презентацијата и промоцијата на резултатите, но и заклучоците и препораките од извештајот, свое воведно обраќање ќе имаат претставниците на Фондацијата Метаморфозис како имплементатори на регионалниот проект „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ поддржан од Европската унија, кој го спроведуваат во партнерство со Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА – Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).
Резултатите, пак од истражувањето ќе ги презентираат извршната директорка на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски, и програмската соработничка Елизабета Ристеска – Мрческа. Воедно, на настанот ќе се промовира и првата платформа за е-земјоделски услуги, која што на едно место ги собира сите електронски достапни услуги и информации поврзани со секторот земјоделство и рурален развој.
Истражувањето е спроведено во периодот јануари – март 2021 година, а опфаќа 246 испитаници од 6 плански региони,
Една од главните цели на проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА“ е зголемување на информираноста и видливоста на предизвиците со коишто се соочува населението во руралните средини, кога станува збор за користењето на услугите и познавањето на Дигиталната агенда на државата воопшто.
Сите заинтересирани лица може да го проследат настанот преку вклучување на овој линк.
Европската унија поднесе тужба во Белгија против фармацевтската компанија „АстраЗенека“ за, како што рече, прекршување на договорот при испораката на вакцината против ковид-19 од страна на компанијата, пренесува Гардијан.
Односот на ЕУ со компанијата се влоши откако АстраЗенека во јануари изјави дека нема да може да ги испорача закажаните дози на вакцини за првиот квартал од годината, со што кампањата за вакцинација заостанува неколку недели.
„Европската комисија во петокот, на 23 април покрена судска постапка врз основа на повреда на претходно утврден договор за продажба. Причината за ова е што некои услови од договорот не беа исполнети и компанијата не беше во позиција да претстави сигурна стратегија што ќе обезбеди навремено доставување на потребните дози на вакцини“, изјави портпаролот на ЕК, Стефан Керстмакер.
Судската постапка која е покрената од Европската комисија во име на институцијата, е подржана од 27 земји членки на ЕУ.
Еврокомесарката за здравство, Стела Кирјакидес денеска на својот твитер профил напиша дека приоритет на унијата е да се обезбеди достава на вакцини бидејќи секоја доза на вакцина спасува живот.
„Наш приоритет е да обезбедиме достава на вакцини против ковид-19 за да се заштити здравјето на знамето на Европската унија. Ова е причината зошто Европската комисија одлучи заеднички со сите земји-членки да покрене правни постапки против АстраЗенека. Секоја доза на вакцина е значајна. Секоја доза на вакцина спасува живот“ напиша Кирјакидес.
Унијата претходно нарача 300 милиони првични дози на вакцини од компанијата, со дополнителни 100 милиони дози од оваа вакцина.
По денешната прес-конференција на Сојузот на средношколци во врска со дигиталните учебници, од Министерството за образование и наука излегоа со појаснување и потсетуваат дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години. Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците, велат од МОН.
„Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија, а со новото законско решение се предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За оваа цел, во рамки на училиштата веќе се прават проценки и подготовки за обезбедување на одреден таканаречен „библиотечен фонд“ на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои имаат потреба од ваков тип на поддршка согласно законот“ изјавија од министерството.
Оттаму исто така ги демантираат информациите дека дигитализацијата има за цел да го замени учењето на училиште со онлајн учење.
„Целосна манипулација е дека дигиталните учебници се воведуваат за намерно да се продолжи со онлајн наставата. Учениците ќе се вратат во клупите каде им е местото. Реформата е така структурирана да се спроведува во училиштата, со поголем фонд на часови, повеќе интересни воннаставни активности и поквалитетно поминато време на училиште“ децидни се од МОН.
Тие додаваат дека децата пред сè ќе учат на училиште, во директна комуникација со наставниците, а учебниците ќе ги користат за брзо пребарување, потсетување и достапност на материјалот во соодветен формат како презентации и други мултимедијални содржини. Покрај ова, учениците ќе продолжат да користат печатени материјали на часовите, да пишуваат и да учат од напишаното.
Од МОН појаснуваат дека, доколку ученикот изрази потреба за користење на печатен учебник, истиот ќе му биде обезбеден од страна на училиштето со што дигитализацијата ја елиминира дискриминацијата, бидејќи учебниците ќе бидат достапни и во аудио формат, на сите наставни јазици, и за прв пат ќе се печатат и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.
Од ресорното министерство сметаат дека дигитализацијата ќе придонесе за лесното пребарување по нив и користењето на напредни мултимедијални содржини ќе овозможи побрзо и поефикасно да учат и се развиваат.
„Оваа модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште. Дополнително, ќе може да научат и да го користат интернетот и дигиталните алатки за учење и истражување, не само за играње игри и социјални мрежи“ велат од МОН.
Денеска се одбележуваат 35 години од катастрофата во Чернобил, која беше најтешката цивилна нуклеарна несреќа во историјата на човештвото. Обединетите нации го прогласија 26 април за Меѓународен ден на сеќавање на катастрофата во Чернобил, а овој ден за прв пат беше забележан во 2016 година, по повод 30 годишнината од нуклеарната катастрофа во 1986 година.
Пред 35 години, реакторот 4 во електраната на 110 километри северно од Киев, главниот град на Украина, експлодираше, што предизвика катастрофална експлозија и пожар, ослободувајќи невидени нивоа на радиоактивни материјали во атмосферата. Веднаш по експлозијата на 26 април 1986 година, околу 30 работници во погоните и пожарникари починаа од радијација. Подоцна, илјадници луѓе починаа од болести поврзани со зрачење, како што е рак.
Долгорочните ефекти врз здравјето на луѓето и натаму остануваат предмет на интензивна научна дебата.
Иако нивото на зрачење во зоната е доволно ниско за да можат да го посетат туристи, сепак е забранет постојан престој.
Ова место стана туристичка атракција по серијалот на HBO, „Чернобил“ што ја прикажува приказната за нуклеарниот инцидент од 1986 година.
Градот Скопје информира дека во текот на утрешниот ден (27.04.2021 година) на подрачјето на градот Скопје ќе се врши авионска и терестрична дезинсекција против ларви од комарци.
„Авионската дезинсекција (втора фаза) против ларви од комарци ќе се врши во раните утрински часови, а терестричната дезинсекција (втора фаза) ќе се реализира во текот на денот. Доколку временските услови не го дозволуваат прскањето, авионската дезинсекција ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин“ се вели во соопштението од градските власти.
Од Град Скопје апелираат до пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Не сме против дигитализацијата, но тоа е тежок процес за нашата земја што го увидовме во текот на пандемијата за време на онлајн наставата, рече на денешната прес-конференциј, претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, кој се обрати по повод најавите за дигитализација на образованието и воведување дигитални учебници во основно образование.
„Голем од учениците немаат пристап до дигитална опрема. Кога зборуваме за дигитализација слушаме за нешто апстрактно, односно дигитализација без дигитални уреди“, изјави Ходаи.
Тој истакна дека како Сојуз нема да дозволат дискриминација врз учениците, а нивните ставови ги сумираше во четири точки, почнувајќи со тоа дека секој ученик има различен пристап за учење.
„Некои го претпочитаат старомодното вртење на хартиени страници, други сакаат да учат преку дигиталните алатки. Образовните институции мора да ги почитуваат индивидуалните желби и преференции на сите ученици. Сојузот смета дека чекорот кон дигитално образование е во добар правец, но сепак, дигиталното не смее да биде единствено решение“, порача претседателот на Сојузот на средношколци.
Како што истакна Ходаи, тие не познаваат земја која што целосно ги користи дигиталните учебници во својот образовен систем.
„Ако сакаме целосно дигитални учебници, тогаш училиштата мора да ја имаат соодветната структура, а ученици и наставниците мора да изучуваат дигитални вештини, односно дигитална писменост“, нагласи тој.
Меѓу другото, Ходаи истакна дека не може нешто да биде обврзувачко за граѓаните, а притоа тие да немаат средства да го исполнат барањето. Сојузот апелира доколку се воведуваат дигитални учебници, нивниот софтвер да биде поквалитетен од она што се случи со платформата за онлајн учење на првиот ден од наставата.
Како последно, но не и помалку важно, Ходаи го истакна печатењето на учебниците, за кое, како што рече треба да биде централизирано, односно да го спроведува МОН, а не самите училишта, бидејќи дел од нив немаат ни услови за тоа.
„Сметаме дека учебниците треба да бидат вистински учебници со корица, а не скрипти. Сепак пдф форма на учебниците е добра алтернатива, но не треба да биде постулат“ дециден е Ходаи.
Тој уште еднаш потенцираше дека Сојузот на средношколци е составен од средношколци и постои токму за нив, а не претставува „ниту туристичка агенција, ниту спортски клуб и постои за да биде консултиран кога се донесуваат одлуки во врска со средношколците“
Во однос на најавените протести и бојкот на наставата од страна на родителите кои се организираат на Фејсбук групи, Ходаи рече дека проблемите не се решаваат на Фејсбук, туку активно и конструктивно во живо.
Хеликоптерот „Инџенуити“ а испрати првата фотографија во боја од површината Марс, направена 5,2 метри над површината.
„Инџенуити“ со својата камера успеа да ја направи фотографијата за време на вториот успешен тест за лет, а на неа може да се видат разни детали и траги од роверот „Персеверанс“.
НАСА претходно објави изработена фотографија на НАСА која визуелно ги покажа температурните разлики на Марс. Од националната аеронаутичка и вселенска управа на САД објавија и аудио снимки од површината на Марс.
Освојувајќи три награди во категориите најдобар филм, најдобра режија и најдобра главна актерка, драмата „Номадленд“ (Nomadland) го одбележа вчерашното доделување на наградата Оскар во Лос Анџелес. Режисерката на филмот, Клои Жао испиша историја откако стана првата жена која не е белкинка што ја освоила наградата за најдобра режија. Жао претходно освои Златен глобус за најдобра режисерка, а нејзиниот филм исто така ја доби оваа награда за најдобра драма.
„Секогаш се прашувам како понатаму кога е тешко. Луѓето се добри кога ќе се родат, а Оскарот го посветувам на сите оние луѓе кои имаат верба и храброст да се држат до таа добрина“, истакна Жао на церемонијата.
Во категоријата за улоги, со свои 83 години, Ентони Хопкинс стана најстариот актер кој освоил оскар, откако ја доби наградата за најдобар актер за филмот „Татко“ (Father). Хопкинс го победи покојниот Чедник Боузман, кој важеше за фаворит.
Награда за најдобра актерка доби Френсис Мек Дорманд за „Номадленд“ (Nomadland), а за најдобар спореден актер беше прогласен Даниел Калуја за филмот „Јуда и црниот месија“ (Judah and the Black Messiah). Додека пак, за најдобра споредна актерка, Јоун Ју Јунг, за нејзината улога во „Минари“ (Minari).
За оригинално сценарио, Сскар освои филмот „Млада жена која ветува“ (Promising Young Woman), а за најдобро адаптирано сценарио доби филмот „Татко“. Во категоријата за кинематографија, наградата ја освои Филмот „Манк“ (Mank).
На вчерашното доделување награди, во категоријата за најдобар документарен филм победи „Мојот учител октоподот“ (My Octopus Teacher). А данскиот филм „Уште една тура“ (Another Round) беше прогласен за најдобар странски филм.
„Соул“ (Soul) победи во категоријата за најдобар анимиран филм, а „Тенет“ (Tenet) победи во категоријата за најдобри специјални ефекти, додека во категоријата за најдобра монтажа и најдобар звук наградите ги освои „Звукот на метал“ (Sound of Metal).
Церемонијата оваа година се одржа во живо во Лос Анџелес, два месеци подоцна од вообичаено и тоа со многу помал број гости и протоколи предвидени за заштита од ковид-19.
Целосната листа на освоените Оскари може да се погледне на овој линк.
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3.526 тестирања, од кои регистрирани се 564 нови случаи на ковид-19 и тоа во:
Скопје –192, Куманово – 45, Битола – 44, Прилеп – 40, Велес и Струмица – по 23, Охрид – 22, Гостивар – 19, Штип – 18, Тетово – 17, Кочани – 16, Берово – 13, Кавадарци и Кичево – по 11, Виница – 9, Свети Николе и Дебар – по 8, Струга и Ресен – по 7, Радовиш – 6, Валандово – 5, Неготино, Пропиштип и Крушево – по 4, Гевгелија, Крива Паланка и Делчево – по 2, Богданци и Демир Хисар – по 1.
Од компликации со корона вирусот во болнички услови починаа 22 лица, од кои 8 од Скопје (60г, 68г , 71, 72г, 74г, 74г, 82г и 85г), по 2 починати лица од Битола (79г и 85г), Прилеп (69г и 79г) и Кочани (72г и 73г), по едно лице од Охрид (61г), Кавадарци (80г), Гостивар (51г), Штип(75г), Свети Николе (80г), Делчево (65г), Ресен (71г) и Пробиштип (74г).
Регистрирани се 1.357 оздравени пациенти од: Скопје – 412, Охрид – 248, Кавадарци – 87, Куманово – 69, Битола – 67, Прилеп – 58, Струга – 46, Велес – 43, Тетово – 40, Неготино – 33, Струмица – 31, Кочани – 27, Гостивар – 25, Дебар – 21, Штип – 19, Крушево – 18, Гевгелија – 16, Виница, Валандово и Крива Паланка – по 15, Кичево – 13, Берово и Свети Николе – по 9, Делчево – 7, Богданци – 6, Ресен и Демир Хисар – по 2, Радовиш, Пробиштип, Демир Капија и Дојран – по 1.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 150.274, a бројката на оздравени пациенти е 128.496. Од компликации со вирусот починаа 4.650 лица, а бројот на активни случаи изнесува 17.128.
Досега во земјата се направени вкупно 707.095 тестирања на ковид-19.
Министерството за здравство информира дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 1.528 и има околу 550 празни болнички кревети во ковид центрите.
Од вкупниот број хоспитализации, 932 пациенти се сместени во ковид центрите во внатрешноста, а 596 пациенти во главниот град.
„Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти“ велат од ресорното министерство.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат до МЗ на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 124 пациент позитивен и суспектен на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 76 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 40 пациенти, во Велес се лекуваат 87 болни, а во Куманово 95 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.
Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 92 пациенти, во Прилеп 98, во ковид центарот во Гостивар 31, а во Струга 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 116 пациенти, во Кочани 34 во Кичево 37, Кавадарци 57, а во Гевгелија 22 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 42 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 21 прием.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 3 примени пациенти и 12 билe примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не билe примени нови болни, а 2 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 4 пациенти.
„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 219 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“
Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваaт 245 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 118 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 147 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти. На Клиниката за детски болести има 7 деца позитивни на ковид 19 вирусот и 4 мајки, а на ГАК има 2 позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 41 болен.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 79 оздравени пациенти.
Веќе следната седмица, на 28 април, се очекува Европскиот парламент да даде зелено светло за дигиталниот пасош на ЕУ за ковид-19, откако веќе се согласи да примени итна постапка. Сепак, регулативите со кои се регулира ова прашање треба да ги усвои Советот на ЕУ – државите членки, а потоа треба да се донесат и спроведбени одлуки на Комисијата, за целиот систем да може да функционира. На ЕУ ѝ се брза – сака ова да се заврши до јуни, пред почетокот на туристичката сезона.
Автор: Малинка Ристевска Јорданова
Официјален наслов на основната регулатива која се однесува на државјани на држави членки на ЕУ е „Регулатива на Европскиот парламент и на Советот за рамка за издавање, верификација и прифаќање на интероперативни сертификати за вакцинација, тестирање и оздравување за да се олесни слободното движење за време на пандемијата COVID-19 (дигитална зелена потврда)“. Во втората регулатива од пакетот само се обезбедува примена на основната и на лица со законски престој во ЕУ. Регулативите се применуваат и на Европската економска област – Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Со Швајцарија, со којашто Унијата има договор за слободно движење на лица, се предвидува признавање на потврдите врз реципрична основа со спроведбена одлука на Комисијата, a оваа земја веќе ја објави својата намера да учествува во проектот.
Популарно наречениот ковид пасош на ЕУ официјално е „дигитална зелена потврда“ која ќе се состои од три потврди: за вакцинација, за тестирање и за излекуваност. Регулативата ги прецизира податоците што тие ќе ги содржат. Потврдата ќе ја издаваат државите членки, односно нивни овластени тела за секоја од овие потврди. Таа ќе има QR шифра и дигитален клуч, кој ќе го добијат телата во државите членки кои ќе ги издаваат потврдите. Со оглед на тоа што државите членки ќе бидат тие што ќе ги издаваат потврдите, тие ќе воспостават бази на податоци. ЕУ ќе воспостави посебен портал со кој ќе се обезбеди верификација на потписите на потврдите. Сето ова бара сериозна инфраструктура за да може да се реализира.
Естонија побрзала, па веќе има подготвено свој дигитален пасош, но сега ќе мора да поработи на интероперабилноста. Токму обезбедувањето интероперабилност е клучно, а тоа подразбира единствени услови за издавање, верификација и прифаќање на потврдите и затоа Регулативата ги нормира нивниот формат и содржина. Комисијата допрва ќе донесе и посебни акти за технички стандaрди.
Меѓутоа, да не се грижиме за финансиските импликации врз државите членки. Потребните финансиски средства, проценети на 53,7 милиони евра, во најголем дел ќе бидат обезбедени од Инструментот за итна поддршка на ЕУ.
Според Регулативата, државите членки мораат да ги признаат потврдите издадени од другите држави членки кои се однесуваат на вакцините одобрени од ЕУ, но можат да прифатат и такви кои се однесуваат на вакцини признати од овластени тела на други држави членки, како и оние од итната листа на СЗО. Тоа го остава просторот за признавање на руските и кинеските вакцини, кои се одобрени од овластени тела на некои држави членки.
Во дебатите околу ковид пасошите се наметнуваат два клучни предизвици: ограничување на слободата на движење и заштита на личните податоци. ЕУ се обидува да ги совлада и двата. Прво, преку Регулативата изрично нагласува дека потврдата не претставува основа за ограничување на слободата на движење во ЕУ. Сепак, критичарите укажуваат дека поседувањето на потврдата значително ќе го олесни движењето на лицата во рамките на ЕУ, зашто државите членки можат да воспостават рестрикции. Второ, ЕУ дава приоритет на заштитата на личните податоци со ограничување за задржувањето на личните податоци при читањето на потврдата, како и преку примена на веќе строгите правила за заштита на личните податоци и на овој проект.
Рамката на ЕУ би требало да обезбеди кохерентност со глобални иницијативи, особено во рамките на СЗО, но тоа претпоставува интероперабилност. Меѓународни системи веќе се развиваат – како на пример оној на меѓународната организација за воздушен сообраќај ИАТА. Сепак, ЕУ не крие дека со издавањето на пасошот сака да воспостави пример за другите.
Она што е најважно и најпроблематично за нашиот регион, е што тој не е опфатен во овој потфат. Се третира или поточно не се третира исто како и сите други „трети земји“, иако е „заробен“ во границите на ЕУ. Нам ни останува да се договараме билатерално со држави членки на ЕУ, исто како и со други држави во светот, за меѓусебно признавање на дигиталните потврди, што евенуално би ги издавале. Значи, за граѓаните на нашиот регион овој ЕУ пасош нема да значи олеснување.
ЕУ најавува можно прифаќање на дигитални потврди на трети земји „на среден рок“, под услов да се во согласност со меѓународни стандарди и да се обезбеди интероперабилност. Во меѓувреме ние сами ќе треба да решиме дали и каков дигитален сертификат ќе имаме и како ќе обезбедиме интероперабилност. Ете, Израел има дигитални потврди и се договориле за меѓусебно признавање со Бахреин, a Грција и Кипар решиле унилатерално да ги признаат потврдите на Израел. Кина веќе издава свои, ги подготвува и Јапонија, а веројатно редот ќе се реди и натаму, секако зависно од интересите, можностите и приоритетите на секоја држава.
Денеска започна обуката наменета за 44-те обучувачи на наставници за основните принципи на новата Концепција за основно образование и начинот на примена на новите наставни програми за прво и четврто одделение, чија цел е наставниците да влезат подготвени во новата учебна година согласно предвидените програми.
„Од она што можев да го видам од наставниците кои треба да се обучувачи на наставниот кадар во прво и во четврто одделение се веќе со расчистени дилеми за голем дел од работите за кои дискутирале претходно, начинот на кој треба да се спроведува, како и што е она што треба да биде придобивка од концепцијата“ изјави денеска на прес-конференција министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Како што рече министерката, во периодот што следи тие ќе треба да изготват тренинзи и да ги спроведат истите во мај, исто така од 15 јуни и 15 јули, како и последниот модул, односно обука која ќе биде еднодневна и пред самиот старт на учебната година.
На прес-конференцијата се обрати и Соња Кирковска, дел од тимот обучувачи за Новиот концепт која потенцираше дека сите дилеми и стравови коишто ги имала за концепцијата полека, но сигурно се отстрануваат.
„Без промена на наставниците, нашето образование нема да може да оди напред. Сметам дека сме пред голем предизвик, а ние наставниците сме столбот на општеството и ќе дадеме сè од себе за да ги исполниме целите на Концепцијата базирана на осумте национални стандарди“ рече Кирковска.
Во врска со дигиталните учебници, министерката уште еднаш појасни дека Новиот Закон за учебници ќе обезбеди квалитетни материјали за учење, а воедно нуди и комбиниран модел на примена на печатени и електронски учебници, согласно потребите и можностите на учениците и семејствата. Секој од родителите којшто смета дека нема да може или не сака неговото дете да учи електронски, ќе може да си го испечати учебникот и нема да има никаков проблем. За децата од социјално загрозени семејства, Царовска потенцираше дека училиштата ќе обезбедат хартиени учебници.
Во однос на враќањето на учениците во училиштата од новата учебна година, Царовска потенцираше дека истото ќе зависи од епидемиолошката состојба во државата, за што и јавноста ќе биде навремено известена.
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека од 20 часот (23.04.2021) до 5 часот (24.04.2021) кога во тек е полицискиот час, констатирано е дека 35 лица не ја почитувале забраната за движење.
Во текот на изминатото деноноќие пак на територијата на државата, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 513 прекршоци.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите со цел спречување на ширењето на ковид-19.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ утре со почеток во 11 часот ќе протестира пред Владата, за како што најавија, слобода за уставобранителите.
„Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест!“ повика лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. .
Поддршка и повик за протестот во недела најави и поранешниот премиер Никола Груевски.
„Протестот на 25. Април со кој се бара ослободување или пат до брзо ослободување на затворените лица заради учеството во настаните на 27 Април 2017 година, како и на припадниците на МВР е оправдан. Нивните пресуди се неправедни. Осудени се со сурова конструкција на лажна квалификација за тероризам со цел не само да бидат затворени, туку тоа да трае по 10, 15 и повеќе години“ напиша Груевски на својот Фејсбук профил.
Оперскиот пејач Игор Дурловски, единствениот кој доби ослободителна пресуда во големиот судски процес за насилствата од 27 април, на својот Фејсбук профил соопшти дека на протестот ќе ја пее химната на државата.
Вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски вчера попладне излегоа со заедничко соопштение по најавата на премиерот Зоран Заев дека очекува предлог за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
Според нив, Владата нашла решение за деценски проблем, со кое не станува збор за нови вработувања, туку обезбедување конкретни ангажмани за вработени лица кои со години не добиваа никакви работни задачи од институциите.
„Овие лица се веќе вработени, за нив не се потребни дополнителни финансии, и согласно Планот, по распределбата во конкретните институции, нивната работа ќе биде оценувана според критериумите на мерит системот. Административните службеници кои се распоредуваат не се замена за редовните побарувања за кадри кои ги имаат институциите, како на пример, побарувањата што ги имаат инспекторатите. Побарувањата за нови вработувања одат низ засебна, целосно одвоена процедура врз која никако не влијаат овие распоредувања“ стои во заедничката изјава на Груби и Николовски.
Тие дополнуваат дека со Владата на 43-тата седница има донесено и одлука за 104 нови вработувања на инспектори во инспекторатите, при што ги има задолжено Министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за политички систем да ги одобрат годишните планови за вработување на инспекциските служби, а особено за Државниот пазарен инспекторат.
„Станува збор за нови вработувања кои никако не се поврзани со распределбата на веќе вработените според правична застапеност. Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок“ велат вицепремиерите.
Затоа, според нив, не треба да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри.
Меѓу другото, тие информираат дека премиерот Заев во текот на вчерашниот ден имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот.
„За секое несогласување околу владини одлуки постоеле и постојат јасни механизми истото да се оствари низ институциите преку соодветната организациска поставеност, преку службени белешки, преку работни состаноци, на кои се аргументираат спроведувањето на политиките и одлуките во реализацијата на програмите на Владата. Со истапувањето од јасно утврдени канали за комуникација во рамките на владините институции експлицитно се прекршува членот 4 и членот 6 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“ стои во изјавата на на Груби и Николовски.
Вицепремиерите додаваат дека досега се распоредени 635 лица кои имаат конкретни ангажмани, за конкретна јавна служба и кои конечно се внесени во систем на оценување и мерење на нивниот ангажман.
Освен ова, од почеток на следниот месец, започнува распоредувањето на друга група по утврдениот план и тоа: 18 во Агенцијата за вработување, три во Инспекторат за јазици и шест во Централен регистар. Исто така, 143 се во процедура да почнат со реален работен ангажман во МВР, а 101 во УЈП. Од вкупната бројка на лица што се распоредуваат, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и се на трансфер листа, 13 самите дале отказ, а останатите ги исполниле условите за старосна пензија.
Во меѓувреме, вчера вработените од Државниот пазарен инспекторат се организираа со петиција за поддршка на директорот и побараа итна средба со премиерот Заев.
Премиерот Зоран Заев смета дека постои основ за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски кој одби во институцијата да вработи 35 рамновни административци. Според премиерот е неприфатливо тоа што Пауновски не ја почитувал хиерархијата и јавно се препукувал со него и со потпретседателот на Владата, Артан Груби.
„Институциите кажуваат дали некој од тие што им се понудени може да се вработи или не може, имало и други институции кои одбиле дел од предлозите. Но, секој ден да се препукувате со потпретседателот на Владата, гледам сега и со претседателот на Владата не може. Очекувам да биде даден предлог за негово разрешување и тоа од Љупчо Николовски. Сметам дека постои основ за негово разрешување затоа што не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените“, изјави Заев.
Тој истакна дека иако Пауновски е негов пријател, „ова е пркос којшто е недозволен“. Освен ова, Заев посочи дека од 1.349 рамковни административци кои земаа плата, а не одеа на работа, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и одат на трансфер листа, а 13 сами си дале отказ.
Директорот на инспекторатот, Стојко Пауновски во изјава за Слободен печат е дециден дека нема да ги вработи 35 административци прераспределени во неговиот инспекторат, за кои рече дека се неквалификувани кадри.
„За 12 административци со Економски и Правен факултет, нема проблем, ќе ги примиме. Ама другите се со 180 кредити и можат да работат само обична администрација, зашто се детективи или со факултет за криминалистика од факултетот на Рамиз Мерко. Нас не ни треба администрација, туку луѓе за на терен, за во источна Македонија. Да ни дадат 20 инспектори за во источна Македонија, зашто немаме инспектори во Струмица, Кавадарци, Штип и Кочани“, вели Пауновски.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираат дека денеска министерот Насер Нуредини ја претстави климатската амбиција на земјава на виртуелната министерска тркалезна маса организирана од претседателскиот посебен претставник за клима Џон Кери, во рамките на лидерскиот климатски самит на претседателот на САД, Џо Бајден.
„На средбата, Министерот ја истакна сериозната амбиција на нашата држава како мала, но ранлива на климатските промени, како и поддршката која е потребна од развиените земји за постигнување на глобалните цели“ велат од МЖСПП.
Ревидираниот национално утврден придонес за 51 отсто намалување на емисиите на стакленичките гасови, односно 82 отсто нето редукција до 2030, беше презентиран пред министрите од преку 20 други земји во светот, како дел од заложбата на САД за враќање помеѓу водечките економии за постигнување на климатската неутралност.
Подготвена е физибилити студија за Законот за потекло на имот со кој ќе се испитува нелегално стекнат имот и капитал, најави заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.
„На наша иницијатива, а со експертска и техничка помош од Советот на Европа, првиот чекор е напрвен“, вели Николовски.
Тој додава дека е подготвена физибилити студија за Законот за потекло на имот, која содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение.
Како што информира тој, подготвената студија, содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение.
Николовски посочи дека веќе е формирана работна група која започнува со работа за подготовка на Законот. Со овој закон се предвидува дека ќе се воведе контрола на капиталот, а со тоа ќе се отвори патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот.
Во рамки на наставната програма во „СЕТУ Михајло Пупин“, од септември започнуваат две нови дуални паралелки во профилите Електротехничар – Енергетичар и Електромеханичар. За таа цел, денеска е потпишан договор за соработка со АД Електрани на Северна Македонија, ЛИБЕРТИ АД Скопје, Раде Кончар Контактори и релеи доо и МАСАК СОЛУТИОН ДОО, кои ќе дадат поддршка за формирање на дуалните паралелки.
„Како училиште може да кажеме дека сме основачи на дуалното образование и го продолжуваме тој тренд. Со овие договори денеска „Михајло Пупин“ станува носител на дуалното образование и сите идни ученици што ќе се запишат во ова училиште од оваа година, на голем дел од нив веднаш ќе им биде загарантирано вработување во компаниите кои се подржувачи на ова училиште“ изјави директорот на училиштето Димитар Ѓорѓиев, кој им порача на родителите да ги насочуваат децата да се запишуваат во стручните училишта кои се иднината на генерациите што доаѓаат.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска рече дека секој ученик треба да се запише во средно училиште според своите потреби, желби и афинитети, но на учениците им порача да ја имаат предвид побарувачката на пазарот.
„Стручното образование нуди многу побрзо и поплатено вработување. Токму затоа МОН изминатите два месеци помина социјален дијалог во 19 општини со Стопанската комора и во повикот за средно образование има 97 дуални паралелки во различни општини во коишто јасно се позиционирани компаниите во кои ќе се одвива праксата и кој е потенцијалниот вработувач понатаму за истите ученици“ изјави Царовска.
Од АД ЕСМ посочија дека нивна заложба ќе биде што повеќе училишта да добијат можност за дуално образование, што исто така ќе биде во интерес и на фирмите во продуцирањето на нов работен кадар. Како што појасни генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски часовите за практична настава предвидени со наставните планови и програми ќе се одржуваат во училиштето и во просториите на назначените компании, а за АД ЕСМ тоа најверојатно ќе биде во когенеративната електрана „Енергетика“ во населбата Железара во Скопје.
„За АД ЕСМ од исклучителна важност е колку и какви кадри ќе продуцира ова училиште. Токму затоа донесовме одлука да се приклучиме во проектот за две паралелки и тоа: електротехничар автоматичар и електромеханичар, дефицитарни струки на пазарот на труд“ изјави Ковачевски.
Тој напомена дека во следниот период, ќе побараат спонзорства за ширење на овие проекти и за училишта во други градови каде АД ЕСМ има свои производни капацитети.
Од Министерството за образование и наука (МОН) информираат дека измените на Законот за наставници и стручни соработници се веќе во собраниска процедура и истите предвидуваат, отсега сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација.
„Воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, вкупно 4.800 лица со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови. Со ова, значително ќе се намалат грижите за доделување отказ пред работниот однос да се трансформира на неопределено време. Исто така, се обезбедува и континуитет во реализација на наставата што е важно и за наставникот, но и за учениците кои ќе немаат грижа дали од следната учебна година ќе им предава друг наставник и ќе им биде потребна повторна адаптација“ појаснуваат од МОН.
Од министерството додаваат дека овие законски измени ќе овозможат дефинирање на компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје.
„Целосна плата за неполн неделен фонд на часови ќе добиваат наставниците кои реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум 10 наставни часови во неделата“, се наведува во соопштението на МОН.
Исто така, предвидено е МОН и репрезентативниот синдикат во областа на образованието да склучат спогодба, со која се утврдува износoт на вредностa на бодот за пресметување на платата на наставниците и стручните соработници, која за прв пат се поврзува и ќе расте со секое покачување на минималната плата.