Фото: Lukas on Unsplash

Веќе следната седмица, на 28 април, се очекува Европскиот парламент да даде зелено светло за дигиталниот пасош на ЕУ за ковид-19, откако веќе се согласи да примени итна постапка. Сепак, регулативите со кои се регулира ова прашање треба да ги усвои Советот на ЕУ – државите членки, а потоа треба да се донесат и спроведбени одлуки на Комисијата, за целиот систем да може да функционира. На ЕУ ѝ се брза – сака ова да се заврши до јуни, пред почетокот на туристичката сезона.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Официјален наслов на основната регулатива која се однесува на државјани на држави членки на ЕУ е „Регулатива на Европскиот парламент и на Советот за рамка за издавање, верификација и прифаќање на интероперативни сертификати за вакцинација, тестирање и оздравување за да се олесни слободното движење за време на пандемијата COVID-19 (дигитална зелена потврда)“. Во втората регулатива од пакетот само се обезбедува примена на основната и на лица со законски престој во ЕУ. Регулативите се применуваат и на Европската економска област – Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Со Швајцарија, со којашто Унијата има договор за слободно движење на лица, се предвидува признавање на потврдите врз реципрична основа со спроведбена одлука на Комисијата, a оваа земја веќе ја објави својата намера да учествува во проектот.

Популарно наречениот ковид пасош на ЕУ официјално е „дигитална зелена потврда“ која ќе се состои од три потврди: за вакцинација, за тестирање и за излекуваност. Регулативата ги прецизира податоците што тие ќе ги содржат. Потврдата ќе ја издаваат државите членки, односно нивни овластени тела за секоја од овие потврди. Таа ќе има QR шифра и дигитален клуч, кој ќе го добијат телата во државите членки кои ќе ги издаваат потврдите. Со оглед на тоа што државите членки ќе бидат тие што ќе ги издаваат потврдите, тие ќе воспостават бази на податоци. ЕУ ќе воспостави посебен портал со кој ќе се обезбеди верификација на потписите на потврдите. Сето ова бара сериозна инфраструктура за да може да се реализира.

Естонија побрзала, па веќе има подготвено свој дигитален пасош, но сега ќе мора да поработи на интероперабилноста. Токму обезбедувањето интероперабилност е клучно, а тоа подразбира единствени услови за издавање, верификација и прифаќање на потврдите и затоа Регулативата ги нормира нивниот формат и содржина. Комисијата допрва ќе донесе и посебни акти за технички стандaрди.

Меѓутоа, да не се грижиме за финансиските импликации врз државите членки. Потребните финансиски средства, проценети на 53,7 милиони евра, во најголем дел ќе бидат обезбедени од Инструментот за итна поддршка на ЕУ.

Според Регулативата, државите членки мораат да ги признаат потврдите издадени од другите држави членки кои се однесуваат на вакцините одобрени од ЕУ, но можат да прифатат и такви кои се однесуваат на вакцини признати од овластени тела на други држави членки, како и оние од итната листа на СЗО. Тоа го остава просторот за признавање на руските и кинеските вакцини, кои се одобрени од овластени тела на некои држави членки.

Во дебатите околу ковид пасошите се наметнуваат два клучни предизвици: ограничување на слободата на движење и заштита на личните податоци. ЕУ се обидува да ги совлада и двата. Прво, преку Регулативата изрично нагласува дека потврдата не претставува основа за ограничување на слободата на движење во ЕУ. Сепак, критичарите укажуваат дека поседувањето на потврдата значително ќе го олесни движењето на лицата во рамките на ЕУ, зашто државите членки можат да воспостават рестрикции. Второ, ЕУ дава приоритет на заштитата на личните податоци со ограничување за задржувањето на личните податоци при читањето на потврдата, како и преку примена на веќе строгите правила за заштита на личните податоци и на овој проект.

Рамката на ЕУ би требало да обезбеди кохерентност со глобални иницијативи, особено во рамките на СЗО, но тоа претпоставува интероперабилност. Меѓународни системи веќе се развиваат – како на пример оној на меѓународната организација за воздушен сообраќај ИАТА. Сепак, ЕУ не крие дека со издавањето на пасошот сака да воспостави пример за другите.

Она што е најважно и најпроблематично за нашиот регион, е што тој не е опфатен во овој потфат. Се третира или поточно не се третира исто како и сите други „трети земји“, иако е „заробен“ во границите на ЕУ. Нам ни останува да се договараме билатерално со држави членки на ЕУ, исто како и со други држави во светот, за меѓусебно признавање на дигиталните потврди, што евенуално би ги издавале. Значи, за граѓаните на нашиот регион овој ЕУ пасош нема да значи олеснување.

ЕУ најавува можно прифаќање на дигитални потврди на трети земји „на среден рок“, под услов да се во согласност со меѓународни стандарди и да се обезбеди интероперабилност. Во меѓувреме ние сами ќе треба да решиме дали и каков дигитален сертификат ќе имаме и како ќе обезбедиме интероперабилност. Ете, Израел има дигитални потврди и се договориле за меѓусебно признавање со Бахреин, a Грција и Кипар решиле унилатерално да ги признаат потврдите на Израел. Кина веќе издава свои, ги подготвува и Јапонија, а веројатно редот ќе се реди и натаму, секако зависно од интересите, можностите и приоритетите на секоја држава.