Денеска започна обуката на наставниот кадар за примена на новите наставни програми

Фото: Фејсбук профил на Мила Царовска

Денеска започна обуката наменета за 44-те обучувачи на наставници за основните принципи на новата Концепција за основно образование и начинот на примена на новите наставни програми за прво и четврто одделение, чија цел е наставниците да влезат подготвени во новата учебна година согласно предвидените програми.

„Од она што можев да го видам од наставниците кои треба да се обучувачи на наставниот кадар во прво и во четврто одделение се веќе со расчистени дилеми за голем дел од работите за кои дискутирале претходно, начинот на кој треба да се спроведува, како и што е она што треба да биде придобивка од концепцијата“ изјави денеска на прес-конференција министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Како што рече министерката, во периодот што следи тие ќе треба да изготват тренинзи и да ги спроведат истите во мај, исто така од 15 јуни и 15 јули, како и последниот модул, односно обука која ќе биде еднодневна и пред самиот старт на учебната година.

На прес-конференцијата се обрати и Соња Кирковска, дел од тимот обучувачи за Новиот концепт која потенцираше дека сите дилеми и стравови коишто ги имала за концепцијата полека, но сигурно се отстрануваат.

„Без промена на наставниците, нашето образование нема да може да оди напред. Сметам дека сме пред голем предизвик, а ние наставниците сме столбот на општеството и ќе дадеме сè од себе за да ги исполниме целите на Концепцијата базирана на осумте национални стандарди“ рече Кирковска.

Во врска со дигиталните учебници, министерката уште еднаш појасни дека Новиот Закон за учебници ќе обезбеди квалитетни материјали за учење, а воедно нуди и комбиниран модел на примена на печатени и електронски учебници, согласно потребите и можностите на учениците и семејствата. Секој од родителите којшто смета дека нема да може или не сака неговото дете да учи електронски, ќе може да си го испечати учебникот и нема да има никаков проблем. За децата од социјално загрозени семејства, Царовска потенцираше дека училиштата ќе обезбедат хартиени учебници.

Во однос на враќањето на учениците во училиштата од новата учебна година, Царовска потенцираше дека истото ќе зависи од епидемиолошката состојба во државата, за што и јавноста ќе биде навремено известена.