МОН: Дезинформација е дека дигитализацијата има за цел да го замени учењето на училиште со онлајн учење

Фото: Tim Gouw на Unsplash

По денешната прес-конференција на Сојузот на средношколци во врска со дигиталните учебници, од Министерството за образование и наука излегоа со појаснување и потсетуваат дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години. Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците, велат од МОН.

„Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија, а со новото законско решение се предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За оваа цел, во рамки на училиштата веќе се прават проценки и подготовки за обезбедување на одреден таканаречен „библиотечен фонд“ на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои имаат потреба од ваков тип на поддршка согласно законот“ изјавија од министерството.

Оттаму исто така ги демантираат информациите дека дигитализацијата има за цел да го замени учењето на училиште со онлајн учење.

„Целосна манипулација е дека дигиталните учебници се воведуваат за намерно да се продолжи со онлајн наставата. Учениците ќе се вратат во клупите каде им е местото. Реформата е така структурирана да се спроведува во училиштата, со поголем фонд на часови, повеќе интересни воннаставни активности и поквалитетно поминато време на училиште“ децидни се од МОН.

Тие додаваат дека децата пред сè ќе учат на училиште, во директна комуникација со наставниците, а учебниците ќе ги користат за брзо пребарување, потсетување и достапност на материјалот во соодветен формат како презентации и други мултимедијални содржини. Покрај ова, учениците ќе продолжат да користат печатени материјали на часовите, да пишуваат и да учат од напишаното.

Од МОН појаснуваат дека, доколку ученикот изрази потреба за користење на печатен учебник, истиот ќе му биде обезбеден од страна на училиштето со што дигитализацијата ја елиминира дискриминацијата, бидејќи учебниците ќе бидат достапни и во аудио формат, на сите наставни јазици, и за прв пат ќе се печатат и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.

Од ресорното министерство сметаат дека дигитализацијата ќе придонесе за лесното пребарување по нив и користењето на напредни мултимедијални содржини ќе овозможи побрзо и поефикасно да учат и се развиваат.

„Оваа модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште. Дополнително, ќе може да научат и да го користат интернетот и дигиталните алатки за учење и истражување, не само за играње игри и социјални мрежи“ велат од МОН.