Со новите законски измени, наставниот кадар ќе се вработува директно на неопределено време

Фото: Max Fischer from Pexels

Од Министерството за образование и наука (МОН) информираат дека измените на Законот за наставници и стручни соработници се веќе во собраниска процедура и истите предвидуваат, отсега сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација.

„Воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, вкупно 4.800 лица со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови. Со ова, значително ќе се намалат грижите за доделување отказ пред работниот однос да се трансформира на неопределено време. Исто така, се обезбедува и континуитет во реализација на наставата што е важно и за наставникот, но и за учениците кои ќе немаат грижа дали од следната учебна година ќе им предава друг наставник и ќе им биде потребна повторна адаптација“ појаснуваат од МОН.

Од министерството додаваат дека овие законски измени ќе овозможат дефинирање на компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје.

„Целосна плата за неполн неделен фонд на часови ќе добиваат наставниците кои реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум 10 наставни часови во неделата“, се наведува во соопштението на МОН.

Исто така, предвидено е МОН и репрезентативниот синдикат во областа на образованието да склучат спогодба, со која се утврдува износoт на вредностa на бодот за пресметување на платата на наставниците и стручните соработници, која за прв пат се поврзува и ќе расте со секое покачување на минималната плата.