Европската унија поднесе тужба во Белгија против фармацевтската компанија „АстраЗенека“ за, како што рече, прекршување на договорот при испораката на вакцината против ковид-19 од страна на компанијата, пренесува Гардијан.
Односот на ЕУ со компанијата се влоши откако АстраЗенека во јануари изјави дека нема да може да ги испорача закажаните дози на вакцини за првиот квартал од годината, со што кампањата за вакцинација заостанува неколку недели.
„Европската комисија во петокот, на 23 април покрена судска постапка врз основа на повреда на претходно утврден договор за продажба. Причината за ова е што некои услови од договорот не беа исполнети и компанијата не беше во позиција да претстави сигурна стратегија што ќе обезбеди навремено доставување на потребните дози на вакцини“, изјави портпаролот на ЕК, Стефан Керстмакер.
Судската постапка која е покрената од Европската комисија во име на институцијата, е подржана од 27 земји членки на ЕУ.
Еврокомесарката за здравство, Стела Кирјакидес денеска на својот твитер профил напиша дека приоритет на унијата е да се обезбеди достава на вакцини бидејќи секоја доза на вакцина спасува живот.
„Наш приоритет е да обезбедиме достава на вакцини против ковид-19 за да се заштити здравјето на знамето на Европската унија. Ова е причината зошто Европската комисија одлучи заеднички со сите земји-членки да покрене правни постапки против АстраЗенека. Секоја доза на вакцина е значајна. Секоја доза на вакцина спасува живот“ напиша Кирјакидес.
Унијата претходно нарача 300 милиони првични дози на вакцини од компанијата, со дополнителни 100 милиони дози од оваа вакцина.