Vladyslav Cherkasenko on Unsplash

Денеска се одбележуваат 35 години од катастрофата во Чернобил, која беше најтешката цивилна нуклеарна несреќа во историјата на човештвото. Обединетите нации го прогласија 26 април за Меѓународен ден на сеќавање на катастрофата во Чернобил, а овој ден за прв пат беше забележан во 2016 година, по повод 30 годишнината од нуклеарната катастрофа во 1986 година.

Пред 35 години, реакторот 4 во електраната на 110 километри северно од Киев, главниот град на Украина, експлодираше,  што предизвика катастрофална експлозија и пожар, ослободувајќи невидени нивоа на радиоактивни материјали во атмосферата. Веднаш по експлозијата на 26 април 1986 година, околу 30 работници во погоните и пожарникари починаа од радијација. Подоцна, илјадници луѓе починаа од болести поврзани со зрачење, како што е рак.

Долгорочните ефекти врз здравјето на луѓето и натаму остануваат предмет на интензивна научна дебата.

Иако нивото на зрачење во зоната е доволно ниско за да можат да го посетат туристи, сепак е забранет постојан престој.

Ова место стана туристичка атракција по серијалот на HBO, „Чернобил“ што ја прикажува приказната за нуклеарниот инцидент од 1986 година.