Извор на фотографија: Влада на РСМ

Премиерот Зоран Заев смета дека постои основ за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски кој одби во институцијата да вработи 35 рамновни административци. Според премиерот е неприфатливо тоа што Пауновски не ја почитувал хиерархијата и јавно се препукувал со него и со потпретседателот на Владата, Артан Груби.

„Институциите кажуваат дали некој од тие што им се понудени може да се вработи или не може, имало и други институции кои одбиле дел од предлозите. Но, секој ден да се препукувате со потпретседателот на Владата, гледам сега и со претседателот на Владата не може. Очекувам да биде даден предлог за негово разрешување и тоа од Љупчо Николовски. Сметам дека постои основ за негово разрешување затоа што не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените“, изјави Заев.

Тој истакна дека иако Пауновски е негов пријател, „ова е пркос којшто е недозволен“. Освен ова, Заев посочи дека од 1.349 рамковни административци кои земаа плата, а не одеа на работа, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и одат на трансфер листа, а 13 сами си дале отказ.

Директорот на инспекторатот, Стојко Пауновски во изјава за Слободен печат е дециден дека нема да ги вработи 35 административци прераспределени во неговиот инспекторат, за кои рече дека се неквалификувани кадри.

„За 12 административци со Економски и Правен факултет, нема проблем, ќе ги примиме. Ама другите се со 180 кредити и можат да работат само обична администрација, зашто се детективи или со факултет за криминалистика од факултетот на Рамиз Мерко. Нас не ни треба администрација, туку луѓе за на терен, за во источна Македонија. Да ни дадат 20 инспектори за во источна Македонија, зашто немаме инспектори во Струмица, Кавадарци, Штип и Кочани“, вели Пауновски.