Компилација од фотографии на Груби, Николовски и Пауновски / Фотографии: Влада на РСМ

Вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски вчера попладне излегоа со заедничко соопштение по најавата на премиерот Зоран Заев дека очекува предлог за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Според нив, Владата нашла решение за деценски проблем, со кое не станува збор за нови вработувања, туку обезбедување конкретни ангажмани за вработени лица кои со години не добиваа никакви работни задачи од институциите.

„Овие лица се веќе вработени, за нив не се потребни дополнителни финансии, и согласно Планот, по распределбата во конкретните институции, нивната работа ќе биде оценувана според критериумите на мерит системот. Административните службеници кои се распоредуваат не се замена за редовните побарувања за кадри кои ги имаат институциите, како на пример, побарувањата што ги имаат инспекторатите. Побарувањата за нови вработувања одат низ засебна, целосно одвоена процедура врз која никако не влијаат овие распоредувања“ стои во заедничката изјава на Груби и Николовски.

Тие дополнуваат дека со Владата на 43-тата седница има донесено и одлука за 104 нови вработувања на инспектори во инспекторатите, при што ги има задолжено Министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за политички систем да ги одобрат годишните планови за вработување на инспекциските служби, а особено за Државниот пазарен инспекторат.

„Станува збор за нови вработувања кои никако не се поврзани со распределбата на веќе вработените според правична застапеност. Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок“ велат вицепремиерите.

Затоа, според нив, не треба да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри.

Меѓу другото, тие информираат дека премиерот Заев во текот на вчерашниот ден имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот.

„За секое несогласување околу владини одлуки постоеле и постојат јасни механизми истото да се оствари низ институциите преку соодветната организациска поставеност, преку службени белешки, преку работни состаноци, на кои се аргументираат спроведувањето на политиките и одлуките во реализацијата на програмите на Владата. Со истапувањето од јасно утврдени канали за комуникација во рамките на владините институции експлицитно се прекршува членот 4 и членот 6 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“ стои во изјавата на на Груби и Николовски.

Вицепремиерите додаваат дека досега се распоредени 635 лица кои имаат конкретни ангажмани, за конкретна јавна служба и кои конечно се внесени во систем на оценување и мерење на нивниот ангажман.

Освен ова, од почеток на следниот месец, започнува распоредувањето на друга група по утврдениот план и тоа: 18 во Агенцијата за вработување, три во Инспекторат за јазици и шест во Централен регистар. Исто така, 143 се во процедура да почнат со реален работен ангажман во МВР, а 101 во УЈП. Од вкупната бројка на лица што се распоредуваат, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и се на трансфер листа, 13 самите дале отказ, а останатите ги исполниле условите за старосна пензија.

Во меѓувреме, вчера вработените од Државниот пазарен инспекторат се организираа со петиција за поддршка на директорот и побараа итна средба со премиерот Заев.