Сојузот на средношколци: Не сме против дигитализација на учебници, но тоа не смее да биде постулат туку алтернатива

Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци / Фото: Влада на РСМ

Не сме против дигитализацијата, но тоа е тежок процес за нашата земја што го увидовме во текот на пандемијата за време на онлајн наставата, рече на денешната прес-конференциј, претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, кој се обрати по повод најавите за дигитализација на образованието и воведување дигитални учебници во основно образование.

„Голем од учениците немаат пристап до дигитална опрема. Кога зборуваме за дигитализација слушаме за нешто апстрактно, односно дигитализација без дигитални уреди“, изјави Ходаи.

Тој истакна дека како Сојуз нема да дозволат дискриминација врз учениците, а нивните ставови ги сумираше во четири точки, почнувајќи со тоа дека секој ученик има различен пристап за учење.

„Некои го претпочитаат старомодното вртење на хартиени страници, други сакаат да учат преку дигиталните алатки. Образовните институции мора да ги почитуваат индивидуалните желби и преференции на сите ученици. Сојузот смета дека чекорот кон дигитално образование е во добар правец, но сепак, дигиталното не смее да биде единствено решение“, порача претседателот на Сојузот на средношколци.

Како што истакна Ходаи, тие не познаваат земја која што целосно ги користи дигиталните учебници во својот образовен систем.

„Ако сакаме целосно дигитални учебници, тогаш училиштата мора да ја имаат соодветната структура, а ученици и наставниците мора да изучуваат дигитални вештини, односно дигитална писменост“, нагласи тој.

Меѓу другото, Ходаи истакна дека не може нешто да биде обврзувачко за граѓаните, а притоа тие да немаат средства да го исполнат барањето. Сојузот апелира доколку се воведуваат дигитални учебници, нивниот софтвер да биде поквалитетен од она што се случи со платформата за онлајн учење на првиот ден од наставата.

Како последно, но не и помалку важно, Ходаи го истакна печатењето на учебниците, за кое, како што рече треба да биде централизирано, односно да го спроведува МОН, а не самите училишта, бидејќи дел од нив немаат ни услови за тоа.

„Сметаме дека учебниците треба да бидат вистински учебници со корица, а не скрипти. Сепак пдф форма на учебниците е добра алтернатива, но не треба да биде постулат“ дециден е Ходаи.

Тој уште еднаш потенцираше дека Сојузот на средношколци е составен од средношколци и постои токму за нив, а не претставува „ниту туристичка агенција, ниту спортски клуб и постои за да биде консултиран кога се донесуваат одлуки во врска со средношколците“

Во однос на најавените протести и бојкот на наставата од страна на родителите кои се организираат на Фејсбук групи, Ходаи рече дека проблемите не се решаваат на Фејсбук, туку активно и конструктивно во живо.