Нуредини ја презентираше климатската амбиција на земјава на климатскиот лидерски самит на САД

Фото: МЖСПП

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираат дека денеска министерот Насер Нуредини ја претстави климатската амбиција на земјава на виртуелната министерска тркалезна маса организирана од претседателскиот посебен претставник за клима Џон Кери, во рамките на лидерскиот климатски самит на претседателот на САД, Џо Бајден.

„На средбата, Министерот ја истакна сериозната амбиција на нашата држава како мала, но ранлива на климатските промени, како и поддршката која е потребна од развиените земји за постигнување на глобалните цели“ велат од МЖСПП.

Ревидираниот национално утврден придонес за 51 отсто намалување на емисиите на стакленичките гасови, односно 82 отсто нето редукција до 2030, беше презентиран пред министрите од преку 20 други земји во светот, како дел од заложбата на САД за враќање помеѓу водечките економии за постигнување на климатската неутралност.