Од септември во средното „Михајло Пупин“ ќе има дуални паралелки за електротехничар и електромеханичар

Фото: PrimePoint Partners

Во рамки на наставната програма во „СЕТУ Михајло Пупин“, од септември започнуваат две нови дуални паралелки во профилите Електротехничар – Енергетичар и Електромеханичар. За таа цел, денеска е потпишан договор за соработка со АД Електрани на Северна Македонија, ЛИБЕРТИ АД Скопје, Раде Кончар Контактори и релеи доо и МАСАК СОЛУТИОН ДОО, кои ќе дадат поддршка за формирање на дуалните паралелки.

„Како училиште може да кажеме дека сме основачи на дуалното образование и го продолжуваме тој тренд. Со овие договори денеска „Михајло Пупин“ станува носител на дуалното образование и сите идни ученици што ќе се запишат во ова училиште од оваа година, на голем дел од нив веднаш ќе им биде загарантирано вработување во компаниите кои се подржувачи на ова училиште“ изјави директорот на училиштето Димитар Ѓорѓиев, кој им порача на родителите да ги насочуваат децата да се запишуваат во стручните училишта кои се иднината на генерациите што доаѓаат.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска рече дека секој ученик треба да се запише во средно училиште според своите потреби, желби и афинитети, но на учениците им порача да ја имаат предвид побарувачката на пазарот.

„Стручното образование нуди многу побрзо и поплатено вработување. Токму затоа МОН изминатите два месеци помина социјален дијалог во 19 општини со Стопанската комора и во повикот за средно образование има 97 дуални паралелки во различни општини во коишто јасно се позиционирани компаниите во кои ќе се одвива праксата и кој е потенцијалниот вработувач понатаму за истите ученици“ изјави Царовска.

Од АД ЕСМ посочија дека нивна заложба ќе биде што повеќе училишта да добијат можност за дуално образование, што исто така ќе биде во интерес и на фирмите во продуцирањето на нов работен кадар. Како што појасни генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски часовите за практична настава предвидени со наставните планови и програми ќе се одржуваат во училиштето и во просториите на назначените компании, а за АД ЕСМ тоа најверојатно ќе биде во когенеративната електрана „Енергетика“ во населбата Железара во Скопје.

„За АД ЕСМ од исклучителна важност е колку и какви кадри ќе продуцира ова училиште. Токму затоа донесовме одлука да се приклучиме во проектот за две паралелки и тоа: електротехничар автоматичар и електромеханичар, дефицитарни струки на пазарот на труд“ изјави Ковачевски.

Тој напомена дека во следниот период, ќе побараат спонзорства за ширење на овие проекти и за училишта во други градови каде АД ЕСМ има свои производни капацитети.