По извршениот надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина и инспектори од Одделението за внатрешни работи од Струга на опожареното земјиште на потегот од плажите Версус, Аквариус и ресторанот Аполонија, во насока кон селото Калишта, Струшко, ќе биде спроведена истрага за откривање на сторителот, против кого ќе се поднесе кривична пријава, информираат од ДИЖС.
„Опожарени се трски и вегетација во појас ограничен со пешачката патека и брегот на Охридското Езеро, со должина од околу 450 метри и ширина од околу 50 метри. Овој настан се случи и покрај предупредувањата до сопствениците на земјиште што граничи со пешачката патека – дека ќе бидат казнети доколку палат трска на државно земјиште“ велат од инспекторатот.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, во изјава за сервисот Дојче Веле на македонски јазик ги осудува последните масовни опожарувања на крајбрежјето во близина на Калишта и тврди дека на струшкото крајбрежје каде што се потпалуваат трски нема да никне ниту една градба.
„Ги осудувам тие што намерно палат, затоа што палењето на секој оган е забранет и казнив, но јас како татко на градот не можам да го чувам тој предел. Со тоа треба да се занимава полицијата и да ставиме редари кои што ќе го чуваат тој потег. Па и народот треба да го чува, секој што ќе види да пријави“, вели градоначалникот Мерко.
Тој додава дека не се пали трската во езерото, туку таа на крајбрежјето и тоа најчесто од сопствениците на приватни имоти, коишто го чистат просторот.