Заокружување на стратешката цел, членството во Европската унија, како и амбициите на регионалните иницијативи како што е Берлинскиот процес беше главниот фокус на денешната средба на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, при работната посета на Османи во Сојузна Република Германија.
“Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор: операционализација на одлуката за почеток на преговорите, преку усвојување на преговарачката рамки и одржување на Првата Меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес“ изјави Османи.
Мас на заедничката прес-конференција во Берлин изјави дека Германија сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот.
„Тоа особено важи за Северна Македонија, која одамна ги исполни условите за почеток на преговорите. Затоа минатата година многу се заложивме за одржување на меѓувладината конференција, но тоа не беше можно. Сега го поддржуваме португалското претседателство да го стори тоа. Не само што тоа го сметаме за логично, туку и за неопходно, не само од аспект на довербата на граѓаните во Северна Македонија, туку и поради интересот на ЕУ, колку е можно побрзо да ја одржиме меѓувладината конференција“, рече Мас.
Меѓу другото, Османи го информираше германскиот шеф на дипломатијата Мас и за реформите за јакнење на правната држава и борбата против корупцијата, при што беше посочено дека оваа битка ќе остане непристрасна и неселективна.
Освен ова, соговорниците разговараа и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, состојбите поврзани со ковид-19 пандемијата, актуелни прашања од доменот на меѓународната политика, како и соработката во бројните мултилатерални организации. Во таа насока, Османи иницираше создавање на стратешко партнерство меѓу Сојузна Република Германија и Република Северна Македонија, што би било особено важно за забрзување и продлабочување не само на европските интегративни процеси, туку и на економската соработка меѓу двете земји.
“Потврда за успешноста на билатералната соработка е фактот што Германија е трговски партнер број еден за нашата земја. Над 200 компании од Германија се партнери на нашите компании, каде работат преку 20 илјади наши граѓани. Често повторувам затоа што лично сметам дека бизнисот треба да ги предводи дипломатските односи меѓу земјите и затоа посакувам многу повеќе германски бизнис кај нас“ рече Османи.
Посетата на министерот Османи на Берлин продолжува со средбата со државниот министер надлежен за Европа, Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе се сретне и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и Комисиите во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.