На иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите нации, во партнерство со Националниот сојуз на слепи, започна процес на изработка на софтвер – апликација која на слепите и лицата со оштетен вид за првпат ќе им овозможи пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија. Дигиталната апликација – аудио читач, чија изработка се очекува да биде финализирана за околу два месеци, ќе биде бесплатна, достапна на македонски и албански јазик и лесно применлива за сите возрасти.
Аудио читачот, освен слепите лица, ќе може да го користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро ги разбираат во аудио формат. Апликацијата ќе биде достапна во мобилна и десктоп верзија согласно современите технолошки трендови.
„Аудио читачот, целосно ќе го промени начинот и квалитетот на живот на слепите лица и лицата со оштетен вид, затоа што ќе има примена во сите области на живеењето. Тој ќе овозможи, непречена комуникација, непречено движење, целосно вклучување во општеството“ потенцираше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
За Претседателот на Националниот сојуз на слепи, изработката на аудио читачот претставува исчекор во квалитетот на живот на оваа категорија на граѓани.
„Оваа дигитална апликација ќе ги зголеми шансите и можностите секое слепо лице полесно да се движи, да ги извршува секојдневните домашни работи, да учи, да се социјализира, да најде вработување и да остварува свој приход, а тоа е од непроценливо значење за сите нас“ изјави претседателот на Националниот сојуз на слепи, Жарко Селковски.
Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан истакна дека новиот продукт на слепите лица ќе им овозможи поголема и поефикасна дигитална пристапност, а со тоа ќе се исполнат и условите за независно живеење, слободен пристап до информации, слобода на говор и изразување и комуникација, не-дискриминација, целосно и ефективно учество и вклученост во општеството.
Аудио читачот за Андроид мобилните телефони ќе може да се преземе од Google Play Store при што ќе биде интегриран со постоечката Talkback платформа, што е инсталирана во секој андроид уред.