Недостаток на доверба во системот, недоволна транспарентност на софтверите за аплицирање, како и ниска дигитална и компјутерска писменост се најчестите пречки со кои се соочуваат земјоделците при дигитализирање на услугите поврзани со земјоделството. Над половината од земјоделците преферираат услуги на шалтер бидејќи немаат доверба во електронските услуги и нивната валидност. Ова го покажува истражувањето на Рурална коалиција за нивото на дигитална писменост и користењето на е-услугите во руралните средини. Во истражувањето опфатени се 246 испитаници од 6 плански региони, а истото е спроведено во периодот јануари – март 2021 година.
Воедно денеска на настанот беше презентирана и дигиталната платформа www.e-zemjodelskiuslugi.mk, која што има за цел на едно место да ги содржи сите е-услуги и информации за секторот земјоделство и е насочена кон унапредување на дигитализацијата.
„Од испитаниците приближно 60 отсто преферираат издавање на услуги на шалтер. На самите земјоделци им е подобро да отидат во институцијата и на лице место да ја завршат работата отколку тие услуги што можат да ги завршат електронски, да го сторат тоа на тој начин. Доколку им се овозможи поддршка или едукација за користење на тие услуги, дури 93 отсто одговорија дека услугите ќе ги направат електронски. Ова укажува на фактот дека е неопходно да им се пружи можност и обуки како да ги користат тие услуги“ истакна на денешната прес-конференција за презентирање на наодите од истражувањето, Елизабета Ристеска Мрческа од Рурална коалиција.
Како што рече таа, земјоделците во државата се запознаени со електронските услуги особено од нивниот домен, меѓутоа малку ги користат. Досега најмногу ги користеле веб страните на Управата за јавни приходи, Платежната агенција и веб страната на Министерството за земјоделство.
„На 54 проценти од испитаниците не им е познат порталот e-uslugi.gov.mk. Станува збор за национален портал за е-услуги што претставува платформа преку која можат да добијат информации за услугите што ги нудат институциите во државата. Од оние пак, што се запознаени, само 17,5 отсто користеле услуги токму од оваа платформа“.
Како што потенцираше Мрческа, земјоделците немаат доверба во издавањето електронски документи, односно не веруваат во нивната валидност и притоа имаат ниска доверба во системот.
Освен ова, истражувањето покажува дека 76 отсто од испитаниците имаат мејл адреса, 87 отсто имаат Фејсбук профил, а 62 отсто се членови на социјални групи коишто ги користат за размена на искуства од земјоделскиот сектор. Високи се процентите и на оние кои поседуваат паметни телефони, односно 85 проценти, а 55 отсто од испитаниците исто така имаат и лаптопи, а дури 93 отсто имаат пристап до интернет.
Меѓу другото, податоците посочуваат дека иако руралното население, односно 92 отсто од испитаниците имаат електронска банкарска картичка, но сепак 60 отсто од нив ја користат картичката за подигнување средства од банкомат, а само 26 проценти ја користат за електронско плаќање на услуги.
„Бевме и сè уште сме сведоци на бројни гужви пред подрачните единици за земјоделство и пред банките каде што во време на криза се загрозува здравјето на двете страни, и на земјоделците и на вработените во институциите. Ова треба да го вклучи алармот за итно дејствување во самиот сектор со цел дигитализација и запознавање на руралното население со дигиталната агенда“ додава Мрческа.
Според неа, дигитализацијата во земјоделството е важна, не само за полесен пристап до информации и јавни услуги, туку таа овозможува и малите земјоделски стопанства да можат полесно да се прилагодат на новите пазарни ситуации и многу поуспешно и побрзо да направат реформи со што ќе станат поконкурентни и ќе го задржат своето место на пазарот.
Извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски ги истакна препораките до институциите МИОА и Министерството за земјоделство, и како што потенцираше, општиот заклучок е дека е неопходно зголемување на дигиталните знаења и вештини кај локалното население, особено кај земјоделците во руралните средини.
„Од една страна имаме над 90 процети население кое користи интернет со основни познавања, што би требало да се надогради за целосно искористување на потенцијалот на електронските услуги кои заштедуваат време, пари и ресурси. Драго ми е што на овие препораки наидовме на разбирање од страна на самите министерства, што ќе резултира со изготвување на посебни курикулуми за надградување на знаењата на локалното население“ изјави Јоноски.
Маријана Јанчевска, специјалист за мониторинг и евалуација во Фондација Метаморфозис даде појаснување за тригодишниот проект „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“.
„Мрежата на ИЦЕДА која во моментов брои 26 члена граѓански организации од Западен Балкан, има за цел да го зголеми учеството на граѓанските организации во промоција на спроведувањето на дигиталната агенда на Западен Балкан, а воедно да им обезбеди на граѓаните во регионот целосно да ги искористат придобивките и да го зголемат знаењето за дигиталната трансформација“ посочи Јанчевска.
Регионалниот проект е финансиран од Европската унија, а спроведуван од Фондација Метаморфозис во соработка со МИОА, како и со партнерските организации од Естонија и Западен Балкан и тоа: со Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА – Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).