Се дигитализира творештвото на Анте Поповски

Во првата фаза, предвидено е поставување дигитална верзија од книгите „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Глас од дамнина“, „Провиденија“„Света песна“ и „Две тишини“

фото: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје потпиша договор со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „АНТЕВО ПЕРО“ за добивање дигитализирани материјали од неговиот опис, како и правата за дигитализација на книги и некнижен фонд од неговата приватна архива.

Од библиотеката велат дека целокупното творештво на Анте е од непроценливо значење за македонската култура и дека како институција се чувствуваат должни да го промовираат денес, но и да го остават достапно за идните генерации.

„Наша должност како библиотека е да го чуваме творештвото на македонски јазик, од македонските великани, од оние кои пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Една од тие фигури е секако и Анте Поповски, не само како поет и академик, туку и како значаен општественик и голем борец за зачувување и промоција на македонскиот јазик и македонското прашање во 20 век. Нашите ресурси и знаење, посебно Одделот за дигитализација, годинава, меѓу другото, го ставаме во функција на преземање дигитализирани единици или дигитализирање нови во координација со Здружението АНТЕВО ПЕРО. Силно веруваме дека творештвото на Анте допрва ќе се истражува и анализира од повеќе аспекти и во повеќе научни области“, изјави Снежана Стојчевска, директорка на Библиотеката Снежана Стојчевска.

Од „АНТЕВО ПЕРО“ информираа дека дигитализацијата на најголемиот дел од неговите книги, фотографии и дел од личната преписка со значајни творци од 20 век е направена од Атина Цветаноска.

„Овие материјали во дигитална форма ги отстапуваме на Библиотеката, бидејќи тоа значи поголема достапност за што повеќе почитувачи на Антевото дело, идни истражувачи на неговото творештво, неговата општествено-културна работа и силните заложби за зачувување на македонскиот јазик“, велат Александар и Жорж, синови на Анте Поповски и основачи на Здружението.

Дигитализираните единици ќе се поставуваат на платформата Дигитална библиотека во посебна секција.

Во првата фаза, предвидено е поставување дигитална верзија од книгите „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Глас од дамнина“, „Провиденија“„Света песна“ и „Две тишини“.

Исто така, ќе бидат поставени и фотографии од личниот и професионалниот пат на Анте, почнувајќи од најстарата зачувана фотографија од 1932 година на која е тој има само една година и е заедно со родителите.

Во делот со преписките ќе бидат поставени дигитализираните верзии од кореспонденциите со двајца добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата Рафаело Алберти (1979) и Хусто Хорхе де Падрон (1990), меѓу другото многу значајни и за македонскиот јазик и идентитет.