fbpx

Владата, синдикатите и работодавачите порачуваат дека зачувувањето на работните места останува приоритет

-

Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот (1 Мај), Економско социјалниот совет (ЕСС) одржа свечена седница. Заедничките пораки на претставниците на Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Организацијата на работодавачите (ОРМ) се дека поддршката на работниците и зачувувањето на работните места останува во фокусот на нивните ангажмани, што се потврди во сите досегашни мерки и програми кои даваат резултати. Како значаен успех на овој дијалог, социјалните партнери го посочија зголемувањето на минималната плата, од 9.000 денари, на 15.200 денари за период од неполни 4 години.

Премиерот Зоран Заев посочи дека трипартитниот социјален дијалог доби на интензитет со почетокот на пандемијата и дека заеднички донесените мерки за поддршка на компаниите досега спасија илјадници работни места и обезбедија исплата на платите.

„Останува наш приоритет благостостојбата на вработените и заштита на нивните права, а тоа може да се постигне само преку искрен дијалог меѓу социјалните партнери. Економските мерки даваат резултати, платите се исплаќаат редовно, се спречи падот на невработеноста, кој ќе беше многу поголем да не беа мерките и постепено економијата почнува да се стабилизира и да се враќа во нормала“, рече Заев на заедничката прес конференција, со вицепремиерот, Фатмир Битиќи, претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и секретарот на ССМ, Златко Цветковски.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека во центарот на пакет економските мерки беа и се работниците, задржувањето на работните места и редовноста на платите, како и дека граѓаните заслужуваат исполнување на законските работни права и повисок стандард.

„Со донесените мерки успеавме да го сведеме падот на БДП на 4,5 отсто, кој во спротивно ќе беше 8,7 отсто. Од буџетот досега се исплатени 13 милиони евра за финансиска поддршка за плати за над 190.000 вработени, а преку 44,1 милион евра кредити од МБПР се подобри ликвидноста на 4.078 фирми со над 37.000 вработени“, изјави Битиќи.

Шахпаска информира дека се во тек измените во Законот за работни односи, кој треба да донесе нов, европски квалитет, во интерес на работниците и на работодавачите и чија драфт верзија се очекува да биде готова во јуни оваа година. Таа потсети дека како резултат на трипартитниот дијалог, беше донесено решението за прогласување на неделата за неработен ден, како и дека МТСП спроведува интензивни контроли и надзор врз фирмите за почитување на правата од работен однос.

Според Златко Цветковски, социјалните партнери имаат единствен став-зачувување на работните места, преку мерки за поддршка на компаниите. Тој упати апел до Владата за побрзо и порешително делување за приоритетните економски проблеми, а до пратениците, да не ги кочат законските решенија кои се од значење за вработените.

Работодавачите оценија дека ковид кризата беше и е голем предизвик за домашните компании, поради прекинување на синџирите за набавка, нарачките и намалената потрошувачка.

„Но, иако со скромни ресурси, државата добро се справува со новите состојби. Петте пакета економски мерки овозможија драстично да се ублажи падот на невработеноста и да се зачуваат голем број на работни места. Компаниите и работниците треба да имаат еднаков мотив за опстанок, преку сигурна, обезбедена работа, до повисоки плати и стандард“, изјави Димитров од ОРМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...