Извор: Хелсиншки комитет за човекови права

Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираше да не се злоупотребуваат, односно да престане манипулацијата на децата за политички цели, по денешните случувања во врска со најавениот бојкот на наставата поради актуелните реформи во образованието за дигитализација на учебниците. Според Комитетот, децата се подложни на бројни манипулации, лажни вести и дезинформации, кои дополнително ја усложнуваат и онака сериозната состојба која ја наметна пандемијата со ковид-19 во однос на нивната едукација и секојдневното функционирање.

„Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности, кои не само што не се во најдобар интерес на детето, туку претставуваат злоупотреба на децата поради политичко дејствување – нешто што е забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Ги повикуваме сите релевантни фактори во државата да ги изземат децата од своите политички активности, да преземат мерки за нивно точно и навремено информирање и на прво место да го стават интересот и добробитта на детето“ децидни се од Хелсишнки комитет.

Инаку, членот 12 став 4 од Законот за заштита на деца предвидува забрана на злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.’

Денеска и Министерството за образование и наука излезе со реакција дека промената која носи квалитет на образованието, не смее да биде причина за бојкот на настава од учениците.

„Нагласуваме дека исклучително е важно во целиот овој процес да се следат сите официјални информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници, кои транспарентно и на дневна основа ги дава Министерството за образование и наука и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените. Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства,“ додаваат од МОН.

Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи за ММС изјави дека тие не организираат никаков бојкот на наставата и дека организацијата е на одредени групи кои манипулираат со јавноста.

„Сојузот на средношколци не донел таква одлука. За бојкотот во некои училишта утринава дознавме од вас медиумите. Сигурно тоа се користи за манипулација на учениците и политичко поентирање,“ рече Ходаи.