Извор: Влада на РСМ

Со оценката дека Пауновски е разрешен поради „непрофесионално однесување“, Владата ја извртува вистината, со што се прави дополнителна забуна во јавноста за вистинските причини околу разрешувањето и целисходноста на таа одлука со која формално, засега, е разрешена оваа несекојдневна епизода од дејствувањето на актуелната Влада на Зоран Заев, пишува Вистиномер.мк.

Во соопштението од седницата на Влада на која била донесена одлуката за разрешување на Стојко Пауновски, директор на ДПИ, се наведува:

Согласно член 10, став 1 од Законот за Државен пазарен инспекторат (ДПИ) според кој Владата го именува и разрешува директорот на ДПИ, на денешната седница Владата го разреши Стојко  Пауновски од функцијата директор на ДПИ, поради неговото непрофесионално однесување.

Оваа консензуално донесена одлука е донесена според Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата и според Законот за Државен пазарен инспекторат.

[ИЗВОР: Влада на РСМ – Соопштение од седница, датум: 27.04.2021]

Контраспин: Целото образложение на самата Влада и сите претходни соопштенија и изјави укажуваат дека Пауновски не покажал нестручно однесување или законски прекршувања, што би било основа за квалификативот „непрофесионално однесување“ (види тука и тука за значењето на зборовите).

Напротив, годишните и полугодишните извештаи за работата на ДПИ, како и состојбата во самиот инспекторат пред да почне да раководи со него Пауновски, јасно зборуваат за професионалното однесување на разрешениот директор.

Но, според соопштението на Владата, Пауновски бил непрофесионалец зашто, според овој државен орган, тој не го почитувал Кодексот, што би се рекло дека се однесувал неетично или што би рекол премиерот Зоран Заев, недозволиво, односно „пркосел“.

Кодексот не е над законот

И претходно (на 23.04.2021), Владата, т.е. Заев и вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби соопштија дека Пауновски меѓу другото го прекршил Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, поточно член 4 и член 6:

Според членот 4 носителите на извршни функции ги вршат своите јавни овластувања и должности согласно Уставот, законот и другите прописи донесени врз основа на закон.

Согласно членот 6 носителите на извршни функциите слободно и отворено ги изразуваат ставовите во врска со предложените политики, но солидарно ги поддржуваат владините политики и одлуки откако тие ќе бидат донесени, а во своите јавни настапи политиките ги презентираат во согласност со овој Кодекс – велат вицепремиерите.

Ден потоа од Владата излегоа и со соопштение во кое се тврди дека 24 лица од 35-те ги исполнувале условите за помлади соработници и референти и дека „членот 5 од Законот за преземање на административни службеници вработени преку K-5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, (кој) е донесен во декември 2020 година, (и кој) утврдува дека раководните лица во институциите, се должни да ја започнат постапката за усогласување на актите за систематизација на работните места со одредбите од овој закон во рок од 30 дена од денот на усвојувањето на Планот за преземање“.

Но, да повториме, во соопштението од Владата за разрешување на Пауновски не се споменуваат лошо управување, законски прекршувања од овој или други закони, туку се споменува Кодексот и Законот за ДПИ според кој токму Владата именува и разрешува.

Но, дури и да е така, да прекршен Кодексот во членовите 4 и 6 што ги издвојуваат Груби и Николовски, треба да се има предвид дека Кодексот не е над законот, што го тврди и дел од универзитетската јавност (види ја изјавата на професорката Ана Павлоска Данева), а и секако извештајот на ГРЕКО за спроведување на 5-тиот круг евалуација на мерки од борбата против корупција, според кој извештај, позицијата на Николовски е противречна и е неприфатливо да ја извршува функцијата спроведувач и толкувач на Кодексот.

Павловска Данева зборува јасно и прецизно дека Кодексот е под Законот, правно гледано, а дури и да го прекршил законот за распоредување на рамковно вработените, треба во правна процедура да се докаже тоа, па дури и да се докаже, следува прекршочна одговорност. Но, не само тоа, Данева тврди и дека Пауновски не можел да го спроведе овој закон за вработување на рамковните, бидејќи нема законска основа за смена на систематизација. Од друга страна, треба да се има и ставот на ГРЕКО, дека Николовски не би требало да предлага мерки околу евентуално прекршување на Кодексот, а токму премиерот, не за прв пат, изјави дека чека од Николовски предлог за разрешување на Пауновски.

Заев е јасен зошто е разрешен Пауновски

Вистината зошто е разрешен Пауновски, досега неколку пати ја кажа и самиот Заев, а како пример ќе ги наведеме само дел од неговите изјави:

…Да се препукувате со премиерот преку медиумите, а да не дојдете да побарате директно помош, не е дозволиво. Тој е политички поставен на ДПИ, беше претседател на општински сојуз на СДСМ пред неколку дена. Го барав, не крена телефон. Имаме воспоставен однос, и не ни треба такво препукување

И втората:

Се работи за принцип. Ако Владата не постапи и не преземе ништо, зошто и останатите 1.179 директори во државата да не водат полемики во медиумите, да не ги спроведуваат законите, да не ги спроведуваат одлуките, вели Заев.

При согледувањата на причините, секако, не треба да се изуми и појаснувањето на Пауновски за Телма во кое вели дека „имал конфликт со шефот на кабинетот на Артан Груби, а не со премиерот“.

Според тоа, тврдењето дека причината за разрешување на Пауновски е „непрофесионално однесување“, е спин. Тој е разрешен само поради согледан (од премиерот и од Владата), прекршок на Кодексот за етичко однесување на функционерите на влада и именувани од влада, иако и самиот кодекс во одредени членови е противречен, бидејќи именуваните функционери треба да се однесуваат и „одговорно“, и „рационално“ и „економично“ и „транспарентно“ при извршувањето на својата функција и притоа, пред сè, да го почитуваат Уставот, па законите, па дури потоа другите документи, како што се наведува и во самиот Кодекс.