По повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, од Здружението на новинари во Македонија (ЗНМ) и Советот на етика во медиумите на Македонија (СЕММ) се децидни дека во услови на светска здравствена криза, повеќе од кога и да е претходно стана јасно значењето на независното и професионално новинарство.
„Кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19 ги исфрли на врвот сите доблести, но и слабости на новинарството кое во изминатиот период минува низ сериозни промени и премрежја. Професионалното наспроти пропагандистичкото новинарство, денес е повеќе од било кога предизвик за сите нас, да се обидеме да го одржиме квалитетот на новинарите кои ја негуваат слободната мисла како водич, низ пречките со кои се соочува светот, но и Северна Македонија. Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните“ велат од ЗНМ.
Оттаму заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, повикуваат на солидарност и поддршка, пред сè од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во изминатата година се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот соодветно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата поврзани со ковид-19 пандемијата.
„Борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции. Но, не е само пандемијата дел од сликата за новинарството и медиумите денес. Бавниот напредок на медиумските слободи на светските листи што ги мерат овие параметри покажува дека се потребни дополнителни напори на целата заедница во Северна Македонија, за посилен пробив кон листата на земји во кои медиумите се целосно слободни. Новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен“ потенцираат од ЗНМ.
На ова се надоврзуваат и од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), од каде што исто така сметаат дека пандемијата уште еднаш ги потврди предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите.
„Квалитетното и инклузивно новинарство е единствениот начин за премостување на поделбите и промовирање демократски вредности и професионални новинарски стандарди. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување“ стои во соопштението на СЕММ.
Советот за етика во медиумите од власта и институциите очекува да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви било ограничувања и препреки.
„Секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, ќе го разбереме како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите. Искуството потврдува дека најголемиот ризик за демократијата произлегува токму од медиумите што биле и остануваат под контрола на политичките центри на моќ“ велат од СЕММ.
Според нив, од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности.
Во изминатиот период статистиката на СЕММ го потврдува присуството на случаи на неетичко информирање. Речиси 40 проценти од пријавените случаи во изминатата година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, а загрижувачки е што во 67 отсто од вкупниот број на жалби, станува збор за неточни и непроверени информаци, а во речиси 20 проценти не се прави разлика меѓу фактите и мислењата, вестите и коментарот.
Oд Македонскиот институт за медиуми (МИМ) пак, упатија честитки до сите медиумски професионалци кои и оваа година посветено работеа за да ги информираат граѓаните за сите важни прашања од јавен интерес, а особено во контекст на тековната пандемија.
„Измината година нѝ покажа дека нашето општество има потреба од засилен ангажман и посветеност на сите релевантни чинители во адресирање на бројни тековни проблеми со кои се соочуваат медиумите, новинарството и медиумските професионалци, кои се столбот на оваа дејност. Истовремено, потребно е да се вложат сериозни напори и да се постават приоритети за долгорочен развој и напредок во медиумската сфера, преку натпартиски, транспарентни, инклузивни и модерни политики кои ги земаат предвид европските стандарди и практики, но и спецификите на нашиот медиумски пазар“
Поради ова, според МИМ потребно е да се продолжи со спроведување на започнатите реформи во аудиовизуелниот сектор, да се зајакнува улогата и позицијата на јавниот сервис МРТВ и да се создадат фер и конкурентни услови за развој на сите субјекти во медиумската сфера.
„Сметаме дека за високо развиена демократска сфера многу може да придонесе и медиумски образована и информирана публика, која критички ги вреднува содржините и информациите, врз основа на кои може да направи вистински избор. Заради тоа, МИМ ги поддржува иницијативите за унапредување на медиумската писменост кај различни сегменти на публиката, што треба да се спроведуваат во повеќе општествени сфери“ велат од МИМ.