Онлајн настава на факултетите: „Ништо не ги заменува столчињата во амфитеатар, сега сите сме во прв ред пред екраните“

Фото: Dylan Gillis, Unsplash

Наставата на факултетите низ државата се одвива со комбиниран пристап. Дел од нив се целосно насочени во спроведување на наставата преку електронските алатки, други пак, во помали групи посетуваат предавања или одат на консултации со физичко присуство. „Мета.мк“ разговараше со неколку студенти во врска со начинот на кој се одвива наставата на факултетите каде што тие студираат и за тоа како тие се задоволни од истата.

Доротеа Дамјановска, студентка по градежништво на „Градежен факултет“ – Скопје при УКИМ вели дека факултетот иако се соочил со минимални потешкотии во однос на предавањата минатиот семестар, сепак за овој донел правилна одлука, а тоа е целосна онлајн настава која се одвива редовно и без исклучок, најчесто преку алатката Зум.

Доротеа Дамјановска / Фото: Лична архива

„Имаме зададени виртуелни училни, под истиот назив како и во самиот факултет. Пример амфитеатар е пак амфитеатар итн. Нашиот распоред е фиксен на кој е и наведено која училна се користи за секој предмет. Приклучувањето на час е само со дозвола од професорот, значи ако си задоцнил, ја чекаш следната пауза, па се приклучуваш. Сметам дека Градежен факултет се стреми кон најоптималниот начин за одржување на предавањата, со оглед на условите. Ништо не ги заменува столчињата во амфитеатар, но нема никакви додатни потешкотии со онлајн наставата. Нема веќе борба за првите редови пред табла, сите сме прв ред“ изјави за „Мета.мк“, студентката Дамјановска.

Како што појаснува таа, присуството е важно исто како на предавања во живо. Се верификува со вклучување на камера, кај некои професори и со вклучени микрофони. Дамјановска вели дека немаат средби во живо на факултет, а терминот за консултации е повторно преку Зум во точно утврдено време и ден.

„Немаме никакви средби во живо. Терминот за консултации е повторно преку Зум во одреден ден во неделата во одредено време. Зависно од тоа како посебните катедри одлучиле, користиме и платформи како што се Piazza, Google Classroom и Canvas. Тие служат како плус начин за контакт, освен мејловите. Достапни ни се колку што можат. Нормално дека не е исто како што е во живо, но е најоптимално. Што се однесува на програмските задачи, истите ги изработуваме и ги праќаме во пдф формат за прегледување и оценување“ додава студентката.

Слична е ситуацијата и на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ каде што наставата воглавно се одвива онлајн.

Анастасија Ристеска / Фото: Лична архива

„Распоредот ни е со неколку физички посети на факултет, но тоа се најчесто за консултации така што сè уште не сме почнати да одиме. Главно сме онлајн, и со предавања и со вежби и оди одлично. Веќе сме навлезени и ние студентите и професорите во платформата која ја користиме и немаме никакви проблеми за разлика од оние кои беа јавени претходниот семестар“ вели за „Мета.мк“, Анастасија Ристеска, студентка на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Како што вели таа, немаат потреба од средби во живо со професорите, единствено кога станува збор за неопходни консултации за кои е попрактично средба во живо од причина што професорите можат директно на печатените листови да цртаат врз решението на студентот и на тој начин е поразбирливо за самиот студент.

На Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје пак, наставата во поголем дел се одвива со физичко присуство, што се должи на самиот карактер на студиите. Во склоп на сите тие практични предмети стои опцијата во некои периоди наставата/работата да се одвива од дома, со тоа што онлајн ќе се изведуваат консултации со соодветните професори секогаш кога се потребни.

„Одредени професори по овие практични предмети се имаат договорени со своите студенти (од класата која ја водат) работата да ја извршуваат од дома, со консултации по потреба (онлајн или физички), но тоа доминантно за областите кои можат да се приспособат за таков пристап (како на пример сликарство). Студентите исто така имаат и опција и во овие случаи да работат и во ателјеата на факултет. Како варијанта кај некои од овие предмети е во одреден период да се работи од дома (пример, за изработка на скици за графика или работа на графика во техниките линорез, сува игла, кои не бараат особени услови за работа), а во нареден период да се работи на факултет (пример, цртање акт по жив модел или работа на графички техники кои бараат специфични услови, алатки и процеси)“ појаснува студентот Стефан Божиновски, од ФЛУ.

Како што појаснува тој, во зависност од просториите и специфичниот капацитет, во ателјеата/работилниците можат во одреден момент да престојуваат и работат од 8 до 10 студенти, сè додека може да се обезбеди соодветно растојание помеѓу нив. Неопходно е сите оние коишто ќе доаѓаат физички на факултет и ќе работат да носат заштитна маска, како и често да користат средство за дезинфекција. Затворените простории често се проветруваат, а исто така на пократко време се прават паузи во работата за да се излезе и надвор, вели Божиновски.

Студентот посочува дека се изведува и онлајн настава за теоретските предмети, како и кај некои од практичните предмети (целосно или во комбинација со физичко присуство).

„Онлајн наставата, очекувано, кај одреден дел од тие предмети сè уште е во процес на најфункционално приспособување, но кај друг дел си тече во најдобар ред, со природни проблеми од техничка природа во одредени случаи кај професорите или студентите. Од она малку што јас лично го следам како онлајн настава, сосема сум задоволен и не чувствувам дека нешто значајно ми фали“ заклучува студентот.