Студентите може да аплицираат за еднократна помош од 6.000 денари

Фото: Арбнора Мемети

Објавени се резултатите од конкурсот за сместување на студентите во студентски домови во академската 2020/2021 година. Во меѓувреме, студентите до 10 октомври ќе може да аплицираат за еднократна финансиска поддршка од 6.000 денари за уплата при запишување семестар, сместување во студентски дом или приватно сместување.

Студентите пријавата може да ја поднесат електронски преку веб страната digitalizirajse.mon.gov.mk или пак, хартиено, во Министерството за образование и наука.

На веб страната објавени се апликациите и обрасците кои треба да се пополнат, па така, оние студенти кои аплицираат за финансиска поддршка за уплата при запишување семестар и оние кои аплицираат за еднократка финансиска поддршка за плаќање на дел од партиципацијата за сместување во студентски дом, треба да достават изјава за начин на следење на наставата, потврда за редовен студент, потврда за финансиска состојба на семејството, потврда за последна плата на вработените членови во семејството, како и изјава за користење на личните податоци на студентот и неговото потесно семејство.

Додека пак, оние студенти кои аплицираат за финансиска поддршка за приватно сместување, освен изјавата за начин на следење на наставата ќе треба да го достават и договорот за закуп со закуподавач, кој е нотарски заверен и пријавен во УЈП, како и сметка на закуподавецот.

Владата одлучи финансиски да им помогне на студентите откако по препорака на Комисијата за заразни болести ја усвои одлуката за отворање на студентските домови со намален капацитет. Поради ова, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото каде се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти.