Со заштитни маски и на дистанца студентите денеска чекаат ред за вселување во студентските домови (галерија)

Мета.мк го посети студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, каде поголем број студенти чекаа во ред за да ги добијат своите соби во домот | Фото: Арбнора Мемети

По шест месеци, со посебни протоколи студентските домови повторно ги отвораат своите врати, откако во март беа затворени согласно препораките од Владата за заштита и спречување на ширењето на корона вирусот. Годинава, иако наставата во најголем дел од факултетите ќе се одвива онлајн, сепак домовите се отвораат и тоа со намален капацитет.

Мета.мк го посети студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, каде поголем број студенти чекаа во ред за да ги добијат своите соби во домот. Најголем дел од присутните ги почитуваа протоколите, носеа маска и одржуваа растојаните. Од управата на домот редовно потсетуваа за обврската да се одржува дистанца.

Вчера од Државниот студентски центар ги објавија распоредите за вселување каде студентите имаат увид дали им е одобрен престојот во студентски дом и во кој ден од неделата ќе треба да се вселат во истиот за кој аплицирале.

Почнувајќи од денеска, по 100 студенти во период од 10 до 14 часот ќе имаат можност да се вселат во студентските домови, со претходно пополнета документација. Доколку студентот не е во можност да се всели денес, истото може да го направи било кој работен ден од до 15 октомври, согласно наведените термини.

Годинава, студентските домови ќе работат под посебни протоколи, така што во секоја соба каде што има две легла ќе се смести само еден студент, а онаму каде што има четири легла ќе сместуваат најмногу двaјца студенти. Исто така, забрането е користењето на заедничките простории, а мензите ќе функционираат на начин, така што масите ќе бидат одвоени на два метри, а на секоја маса за четворица ќе можат да седат најмногу двајца студенти.

Претходно, Владата одлучи финансиски да им помогне на студентите откако по препорака на Комисијата за заразни болести ја усвои одлуката за отворање на студентските домови со намален капацитет. Поради ова, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото каде се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти. Студентите до 10 октомври ќе може да аплицираат за еднократна финансиска поддршка од 6.000 денари за уплата при запишување семестар, сместување во студентски дом или приватно сместување.

Во последниот период, според очекувањата на здравствените власти бројот на заболени со ковид-19 се зголемува, поради што Владата донесе нови рестриктивни мерки за заштита со кои во угостителските објекти се забранува музика во живо, нема стоење на шанк, а на маса ќе може да седат максимум 4 лица.