Студентите се жалат дека им недостигаат лични работи од собите во „Стив Наумов“, надлежните работат на случајот

Студентски дом „Стив Наумов“
Студентски дом „Стив Наумов“ / Фото: Државен Студентски Дом - Скопје

Облека, обувки, средства за лична хигиена, постелнина се само дел од личните работи за кои група студенти сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје тврдат дека им недостасуваат во собите. Случајот прво го споделија на социјалните мрежи, при што наведуваат дека истото го забележале при иселувањето од домот.

Тие обвинуваат дека предметите исчезнале во периодот кога домовите беа затворени поради пандемијата, а студентите беа дома.

„Кога беше утврден датумот за иселување од студентскиот дом при собирањето на работите приметив дека ми нема патики, дел од гардеробата, средства за хигиена и слично. На мојата цимерка исто така и недостасуваат работи. Немаше знаци на насилно влегување, вратата не беше разбиена, прозорецот не беше отворен, се претпоставува дека внатре влегол некој што има пристап до клучевите од сите соби“, стои во објавата на студентката Сара Михајлова на социјалната мрежа Фејсбук.

Таа е сместена во студентскиот дом „Стив Наумов“ и за Мета.мк потврди дека по споделувањето на Фејсбук, увидела дека нејзиниот случај не е единствен и дека и други студенти се соочиле со истиот пробем.

„Имаме штета околу петнаесет илјади денари. Стапивме во комуникација со дуги студенти од домот и видовме дека не сме единствени кои се ограбени и дека има уште многу други на кои исто така им недотасуваат лични работи“, вели Михајлова.

Вели дека со ова се доведува во прашање безбедноста на студентите во домовите и дека како група очекуваат случајот да се расчисти.

„Во студентскиот дом има портири кои би требало да го чуваат домот, а има и управник на секоја зграда посебно. Кога забележавме дека ни недостасуваат работи веднаш се обративме до управниците. Сите добивме отприлика ист одговор – дека нема камери и дека е тешко да се докаже кој е виновен. Поради тоа решивме сите заеднички да направиме нешто, да се обратиме како група до сите надлежни. Секој ден чекаме нова информација и се надеваме дека ќе најдат начин да ни помогнат и да се реши случајот“, додава Михајлова.

Со случајот е запознаен и претседателот на Државниот студентски дом – Скопје, Дарио Николовски. Во изјава за Мета.мк, вели дека се работи на разрешување на проблемот.

„Во комуникација сме со студентите. Тие се пожалија дека им фалеле работи од собите и дека не забележале никакви оштетувања на вратите и прозорците. Во моментов работиме на расветлување на случајот. Можни се повеќе опции, но не сакам да грешам пред да ги разгледаме сите моменти. Ние како раководство сме на страна на студентите“, вели Николовски.

Дарио Николовски
Дарио Николовски / Фото: Архива

Тврди дека безбедноста на студентите е на прво место и дека постојано се работи на нејзино унапредување.

„Студентите не биле таму, така што директно нивната безбедност не била загрозена и никогаш нема да дозволиме да биде. Единствено се стави во прашање безбедноста на нивните лични работи кои биле таму. Ние за прв пат во студентскиот дом „Кузман Јосифовски- Питу“ поставивме видео надзор. Во планот за јавни набавки е ставено и надворешно  обезбедување. Да потсетам дека наследив институција со 300 милиони долг и сето ова оди отежнато. Сепак се движиме и сме на добар пат“, додава Николовски.

Ваков случај при иселувањето засега е забележан само во студентскиот дом „Стив Наумов“. Студентите имаат рок до 3 јули да се иселат од студентските домови.