Ефтимов: Ректорите и професорите го избраа претставникот на студентите во Националниот совет за високо образование

Борјан Ефитмов, претседател на Универзитетско студентско собрание / Фото: Лична архива

Претседателот на Универзитетското Студентско Собрание на УКИМ, Борјан Ефтимов, преку отворено писмо кое го објави на својот Фејсбук профил, обвини за нерегуларности и нетранспарентност при изборот на нов претставник во Националниот совет за високо образование.

Ефтимов истакна дека изборот поминал без дискусија и можност за проверка на единствениот кандидат.

„Интеруниверзитетската конференција не организираше седница на која ќе може да се дискутира во однос на единствениот кандидат и неговите компетенции, туку само организираше тајно гласање“, вели Ефтимов додавајќи дека ваквиот начин на избор сигнализира дека гласањето било проформа без намера да се утврди квалитетот на единствениот кандидат.

Тој прашува зошто не била овозможена дискусија преку видеоконференциска платформа и дали изборот за една таква важна позиција треба да се реализира без претходна дискусија.

„Дали единствениот претставник на студентите на национално ниво треба да биде избран без претставување, само со испратено CV?“ прашува Ефтимов.

Според Ефтимов, претседателите на Универзитетските студентски собранија биле против изборот на единствениот кандидат, претставникот на студентите не добил поддршка од студентите, а сепак бил изгласан со гласовите на ректорите и професорите (22 за, 10 против и 4 прешкртани ливчиња).

Тој понатаму ја оспорува легитимноста на изборот, бидејќи според него, е спротивна на вољата на студентите.

Димитар Стевчев, студентот кој се пријавил на конкурсот за избор на претставник на студентите во Националниот совет за високо образование во изјава за Мета.мк вели дека до него сè уште не се стигнати официјалните резултати од конкурсот.

„За конкурсот се информирав преку весникот Нова Македонија, каде и беше објавен самиот конкурс. Не знаев дека сум единствениот кандидат, сè додека тоа не ми го кажа Борјан Ефтимов. Борјан ме контактираше и јас се согласив за средба сметајќи дека на истата ќе дискутираме за понатамошна заедничка соработка, но тој побара да се повлечам од конкурирањето“, изјави Стевчев.

Стевчев смета дека има доволно искуство, па затоа и се пријавил на конкурсот.

„До мене сè уште не се стигнати официјалните резултати од конкурсот. Правно сè уште не е завршена процедурата, бидејќи Собранието ќе треба да ги изгласа членовите на Националниот совет“, додава Стевчев, кој е шеста година на Медицинскиот факултет.

Според Закон, Националниот совет за високо образование е составен од 15 члена кои ги избира Собранието на Р.С. Македонија и тоа: шест членови од редот на професорите во работен однос на универзитетите во РСМ, кои се избираат на предлог на Интеруниверзитетската конференција со тајно гласање, шест членови од редот на професорите во работен однос на универзитетите во РСМ, кои се избираат на предлог на Владата на РСМ, еден член на предлог на Македонската академија на науките и уметностите од редот на членовите на МАНУ, еден член од деловната заедница и еден член од редот на студентите на предлог на Интеруниверзитетската конференција.