Денови на поезијата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Покрај на македонски, песни на Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Даница Ручигај, Евгенија Шуплинова и од уште десетина современи македонски поети, за првпат беа прочитани и во превод на албански јазик

Фото: Филолошки факултет

Соживотот може да биде и поезија, е една од пораките што одекнаа од вечерта на современа македонска поезија „Лицето на зборовите“, што Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, ја одржа во рамките на манифестацијата „Денови на поезијата“.

Како што информираат од фалкултетот, заедно со македонски поети и со доајенот на македонскиот театар, Благој Чоревски, студенти што студираат македонистика, пренеле антологиски стихови од македонски автори од сите генерации.

Покрај на македонски, песни на Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Даница Ручигај, Евгенија Шуплинова и од уште десетина современи македонски поети, за првпат биле прочитани и во превод на албански јазик.

„Преводите ги подготвија студентите на кои мајчин им е албанскиот јазик, а со љубов и голема посветеност на Факултетот ги изучуваат македонски јазик, книжевност и култура, со решеност професионално да ѝ се посветат на македонистиката. Поттикот за ваквиот потфат е од наставата по современа македонска книжевност на Катедрата за македонска книжевност и култура и преку оствареното, уште еднаш се покажа – на Филолошкиот факултет при УКИМ, љубовта кон македонскиот збор ги обединува сите“, наведено е во соопштението.