fbpx

Објава шири невистини дека Германија не го признава македонскиот јазик

Иако над фотографијата од Шолц се гледа логото на германскиот медиум Дојче Веле којшто објавува текстови и на македонски јазик, сепак пребарувањето на овој медиум покажува дека текст со ваков наслов никогаш не бил објавен таму. Исто така, пребарувањето на Гугл, покажува дека текст, со ваков наслов, не бил објавен никогаш на ниту еден медиум

-

Ниту Шолц, ниту Шулц изјавиле што било против македонскиот јазик, ниту Германија го негира македонскиот јазик. Напротив, Германија е силен поддржувач и пријател на С. Македонија, а тоа го докажа и со изгласување на резолуција во германскиот Бундестаг со којашто ги призна македонскиот јазик, идентитет и култура, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме во целост:

 

На  објава на социјалната мрежа Фејсбук неточно се тврди дека Германија не го признава македонскиот јазик и дека го нарекува северномакедонски.

Германија не го признава Македонскиот јазик и застанува на страната на Бугарија нарекувајчи го СЕВЕРНОМАКЕДОНСКИ, пишува во објавата.

На Фејсбук објава се тврди дека Германија не го признава македонскиот јазик. Притоа, како доказ е прикачена фотографија од германскиот канцелар Олаф Шолц, а под неговата фотографија е напишан текст што личи како да е наслов од некоја медиумска објава. Текстот внатре во сликата гласи:

Шулц до Радев: И ние го признавме тоа што вие и Северна Македонија го договоривте Северномакедонскиот јазик според уставот на државата.

Ова не е точно. Иако над фотографијата од Шолц се гледа логото на германскиот медиум Дојче Веле којшто објавува текстови и на македонски јазик, сепак пребарувањето на овој медиум покажува дека текст со ваков наслов никогаш не бил објавен таму. Исто така, пребарувањето на Гугл, покажува дека текст, со ваков наслов, не бил објавен никогаш на ниту еден медиум. Ова е целосна измислица.

Дополнително, на фотографијата е прикажан германскиот канцелар Олаф Шолц, додека во насловот стои името „Шулц“. Ова се двајца различни личности односно германски функционери. Мартин Шулц е сегашен претседател на фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент. Олаф Шолц е германски политичар и канцелар на Сојузната република од декември 2021 година.

Но, ниту Шолц, ниту Шулц немаат изјавено вакво нешто, ниту кога било зборувале против македонскиот јазик, ниту пак, некогаш го нарекле „северномакедонски“.

Напротив, Шолц во последната своја изјава на темава, на крајот на јуни минатата година, лично гарантираше дека Бугарија не смее да има нови билатерални услови за членството на Македонија во ЕУ.

Ќе бидам јасен. Не, тоа е јасно договорено. И треба така да биде, да биде редовен пристапен процес, според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други, што се однесува до билатералната состојба. Зад тоа стојам јас, гарантирам, рече Шолц.

Последната средба помеѓу Шолц и Радев била во 2022 година, при што не биле дадени никакви изјави, особено не изјави во кои што Шолц кажува дека не го признава македонскиот јазик.

Многу е важно да се напомене дека освен што Шолц не дал изјава со која го негира македонскиот јазик, Германија дефинитивно го призна македонскиот јазик и тоа со резолуција во нивниот парламент.

На средината на јуни минатата година, со мнозинство гласови на пратениците на трите владејачки партии, германскиот Бундестаг ја изгласа резолуцијата за поддршка на Северна Македонија.

Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство. Јазичната разноликост се практикува во повеќејазичноста на програмите и во работата на институциите. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа разноликост. Европската унија го смета зачувувањето и заштитата на ова богатство како една од нејзините најважни задачи, стои меѓу другото во резолуцијата.

Оваа објава ја оценуваме како невистинита, затоа што ниту Шолц, ниту Шулц изјавиле што било против македонскиот јазик, ниту Германија го негира македонскиот јазик. Напротив, Германија е силен поддржувач и пријател на С. Македонија, а тоа го докажа и со изгласување на резолуција во германскиот Бундестаг со којашто го призна македонскиот јазик, идентитет и култура.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ФЗО протестира – се бараат повисоки плати и разрешување на Управниот одбор

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денес протестираат со три барања, потврди претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски. Нивните...