Јунската испитна сесија на штипскиот универзитет ќе се одвива онлајн, а на битолскиот со физичко присуство

Економски факултет, УКИМ | Фото: Арбнора Мехмети

По речиси три месеци одржување на наставата преку средства за учење од далечина, високото образование во државата се најде пред нов предзивик: спроведување на испитна сесија во вонредни околности. Растечкиот тренд на новозаразени лица со коронавирус и најавата од Министерството за образование дека студентските домови ќе останат затворени, ги алармираше  студентските претставници  и факултетите дека треба да се воведат посебни мерки.

Разговаравме со студентските лидери на универзитетите во Штип и Битола, како и со претседателите на неколку факултетски собранија при УКИМ. Според информациите, секој универзитет различно ќе ја спроведе претстојната испитна сесија, во зависност од интересите и можностите на студентите.

Испитната сесија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип започнува во понеделник. Ректорската управа донела одлука испитите да се полагаат онлајн. Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УГД, Мирко Наџаков, вели дека оваа одлука е донесена за да се намали опасноста од ширење на вирусот, но и поради тоа што најголем дел од студентите биле против полагањето со физичко присуство.

„Здравјето на студентите и нивните семејства ни е најважно. Сметавме дека ако се полага физички, тоа може да придонесе кон поголем број на заразени, со оглед на фактот што студентите доаѓаат од различни градови. УГД не сака да преземе одговорност доколку некој биде заразен. Онлајн полагањето никако нема да ги замени физичките полагања, но затоа сесијата ќе биде продолжена и ќе трае до 17 јули.  Направивме и онлајн анкета, при што речиси 70% од студентите се изјаснија дека сакаат да полагаат електронски“, вели Наџаков.

Кампус 4, Универзитет „Гоце Делчев“- Штип / Фото: http://3d.ugd.edu.mk

Според него, одлуката важи за сите факултети во рамки на универзитетот. Сепак, студентите имаат право да побараат да полагаат и со физичко присуство.

„Доколку од различни причини не е возможно електронско полагање, студентите заедно со професорот единствено по тој предмет ќе поднесат барање до Ректоратот и истиот со посебни протоколи  и мерки на претпазливост ќе им овозможи да полагаат физички“, додава Наџаков.

Тој најави дека на УГД  студентите ќе можат да ги полагаат испитите онлајн и по завршувањето на вонредната состојба.

Сосема различна е ситуацијата на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Претседателката на Универзитетското студентско собрание, Дона Петрова, вели дека  на  тамошните факултети полагањето претежно ќе се одржи во предавалните и амфитеатрите.

„Спроведовме неколку анкети пред извесно време и студентите се изјаснија дека сакаат да полагаат физички, но никој не знаеше дека за еден месец бројот на заболени ќе се зголеми и дека студентските домови нема да бидат отворени. На ниво на универзитет не се донесе никаква одлука, се остави факултетите сами да одлучат. Генерално, секаде ќе се полага со физичко присуство, но се прават отстапки, на пример, за оние кои живеат подалеку од педесет километри од факултетите или за хронично болните. Се намалуваат критериумите и за оние студенти кои се на помалку од педесет километри до факултетите, но немаат превоз. Тие студенти ќе полагаат онлајн“, вели Петрова.

УКЛО, Ректорат | Фото: УКЛО

Таа додава дека е формирано работно тело  составено од стручни лица и професори од Факултетот за информатички и комуникациски технологии. Доколку некој професор се одлучи за онлајн полагање, ова работно тело ќе му помогне на професорот во делот на одржување на полагањето и протоколите. Птрова тврди дека е задоволна од начинот на кој универзитетот се справува со кризата.

„Од почетокот на вонредната состојба е формирано и универзитетско Кризно тело, во рамки на кое се разговара за проблемите на кои студентите можат  да наидат и истите се решаваат веднаш. Иако моја задача како претседател е да ги критикувам недостатоците, можам да кажам дека со ректоратот функционираме и  се согласуваме многу добро“, заклучува Петрова.

На најголемиот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“, секој факултет сам одлучува кој начин на полагање е најсоодветен.

Продолжува…