Онлајн наставата предизвик за студентите на Факултетот за ликовни уметности

Фото: ФЛУ
Фото: Факултет за ликовни уметности - Скопје

Поради ковид-19 пандемијата, со вонредните услови се затворија училиштата, но и сите факултети. Наставата која се одвива од дома преку електронски пат, професорите и студентите ги стави во ситуација во која се приморани да се прилагодат на новиот начин на кој се одвива образовниот процес. Овој предизвик се чини дека најмногу ги погоди оние кои студираат на факултетите, каде што е потребна практична настава и физичко присуство. Уште на почетокот на кризата, ова прашање ги засегна токму студентите од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје.

Стефан Божиновски, студент на ФЛУ | Фото: лична архива, се користи со дозвола

Стефан Божиновски, студент на ФЛУ и претседател на Факултетското студентско собрание при ФЛУ, вели дека уште на 18 март се одржал првиот онлајн час по историја и теорија на уметност. Подоцна, започнала и комуникација и планови со останатите професори. Меѓутоа, за жал, како што вели тој, дел од професорите не одговориле на овие обиди, со изговор дека не се во можност или планираат да ја пролонгираат наставата, за подоцна да ја сублимираат кога ќе се создадат услови. Најголемиот дел од теоретските предмети почнале да се изведуваат со предавања или со проекти и презентации.

„Ситуацијата беше малку покомплексна со практичните предмети. Оставено беше на секој професор заедно со студентите да си ја организираат работата, секако преку електронските мрежи. Она кое што беше генерално договарано со професорите беа алтернативи и можности за изведување на вежбите во домашни услови“, изјави за Мета, студентот Стефан Божиновски.

Тој појаснува дека на студентите им се даваат широки можности околу изработката за вежбите кои бараат цртање, во однос на материјали и формати, за да се излезе во пресрет и да можат колку-толку да се изработат. Божиновски вели дека поголемиот дел од вежбите за сликарство може да се изведат во домашни услови, наспроти оние за графика и вајарство, за кои се потребни посебни студиски услови и опрема. Затоа најчесто и овие вежби се сведуваат на моделирање со пластелин или сопствени интерпретации. Но и покрај ова, студентот вели дека нема соодветни услови за сите предмети.

„Дел од активностите се поврзани за настава под директно менторство, а и со тоа прилично врзани за просторот во кој ги работевме на факултетот. Дома тешко дека можеш сам да работиш мозаик или ѕидно сликарство. Многу од графичките техники не можеш да ги работиш дома, како ни да вајаш или лиеш скулптури. Токму затоа, настанува една дупка за одредени предмети, без разлика колку и да ги приспособуваме на новите услови“, посочува Божиновски.

Во процесот, не сите професори се еднакво ангажирани за наставата, вели тој. Дел од професорите редовно задаваат вежби и ја следат работата на студентите, но има и други кои освен општи насоки, немаат постојана активна комуникација со студентите.

„Добро е што во солиден дел од случаите се одржува некаков континуитет и динамика во комуникацијата, што е прилично клучно во процесов и во актот на студирањето“, посочува тој.

Божиновски вели дека за него во моментов олеснително е што нема постојан дневен распоред, па затоа може и да го организира времето на поинаков начин. Од друга страна, изостанува динамиката и средината.

„Фактот што сум дома и не одам никаде за да ги извршувам обврските ми влијае психолошки и не ми дава со иста динамика да ги правам овие работи. Претходно, штом бев дома, во голем дел од случаите го користев времето за да одморам и да поминам време со семејството и роднините, а не толку активно да работам. Како и да е, претпоставувам дека е прашање на приспособување и време“, вели тој.

Во однос на оценувањата, Божиновски вели дека според одлуката на Деканатот истите ќе бидат редовно спроведени. За теоретските предмети е оставена можност да се одбере начин на кој би биле оценети студентите, било тоа да е преку усни испити на крајот на семестарот, било да е преку тековни проекти и презентации. Од друга страна, пак, практичните предмети би биле оценувани со континуираното следење на работата на студентот од страна на професорот.

“Иако ова донекаде е слично како и во нормалните, автоматски во сегашните услови се појавуваат проблеми, главно во однос на претходно споменатите поенти од аспект на наставата. Со самото тоа што ние не можеме да работиме тоа што соодветно ни е планирано за соодветните предмети, со самото тоа што не можеме баш дома да припремаме и печатиме графики или да делкаме камчиња и да редиме мозаик, се налага прашањето: За што, всушност, ќе бидеме оценети по тие соодветни предмети? Одговорот, за жал, го немам“, вели студентот.

Тој се поистоветува со мислењата на критичарите дека мометалната криза претставува точка на паѓање на воспоставените норми и досегашни принципи.

„Оваа криза сметам дека беше кулминација на некаква летаргична атмосфера која во последниот период ја имаше на Факултетот, и искрено се надевам дека периодот кој ќе следува само ќе стане поле на кое сите колеги ќе настапат со став и ќе предводат акција. Можеби телото на креативецот мирува во ситуацијава, но умот – потешко“, заклучува Божиновски.