fbpx

Атлантик: Со среќа во борбата против дезинформации

Угледниот американски магазин Атлантик објавува сторија за тоа како еден медицински работник се борел да им се одземат лиценците на медицинските лица кои шират дезинформации за вакцините. Но, без многу успех

-

Угледниот американски магазин Атлантик објави опширен напис, во авторство на Квинта Џуресик, со наслов „Со среќа во борбата против дезинформациите“. Сторијата се однесува на Ник Сојер, доктор во Калифорнија. Во првите месеци на ковид-пандемијата во 2020 година, тој волонтирал во ургентен центар во Њујорк, град кој се соочувал со исклучително висок број на заболени во тој период. Како што раскажува тој, додека работел таму, имал директен контакт со суровоста на вирусот.

Откако вакцните станаа достаптни, Сојер и Тејлор Николс, колега од Калифорнија, биле сведоци на смртно болни луѓе кои одбивале да се вакцинираат, многумина од нив за жал потоа починале.

Токму овие искуства го водат Сојер до фрустрација околу дезинформациите кои се ширеле околу коронавирусот. Сојер особено бил исфрустриран од луѓето од неговата фела, кои или директно им давале неодговорни совети на своите пациенти или го злоупотребувале својот кредибилитет како медицински лица за јавно да шират дезинформации за Ковид-19.

Сојер се заинтересирал за легалните механизми кои постојат за казнување и одземање на лиценците на докторите кои шират дезинформации кај своите пациенти.

Во меѓувреме, Федерација на државните медицински одбори (ФСМБ), непрофитна асоцијација на државни медицински регулатори, се вклучила во борбата со дезинформациите, објавувајќи дека докторите кои шират дезинформации околу коронавирусот и вакцините можат да ги изгубат лиценците, со одлука на медицинските одбори.

Сепак, соопштението служело само како „потсетник“, бидејќи веќе постоел закон кој овозможува казнување на доктори кои им наштетуваат на пациентите.

Сојер испраќа прашања до ФСМБ за како точно би се спровело казнувањето на докторите, но не добил одговор. Потоа, во септември 2021 година, заедно со колегата Николс, Сојер одлучува да ја формира организацијата „Нема лиценци за дезинформации“ (НЛФД).

Веста за формирањето на НЛФД стига до јавноста преку напис во Вашингтон пост, во кој се ветува дека ќе се изгради веб-страница на која би можело да се пријават лекари кои шират дезинформации, а чија работа би била испитана од НЛФД, што пак би можело да доведе до нивно суспендирање или одземање на нивните лиценци.

НЛФД е директен противник на популарни организации формирани од лекари како „Американски доктори на фронтот“ (АФД), кои протестирале пред Уставниот суд во САД против заштитните мерки против Ковид-19. Тие исто така го промовирале хидроксихлорокин како лек за Ковид-19, лек кој беше промовиран и од тогашниот американски претседател Доналд Трамп, за кој не постои никаков доказ оти помага за закрепнување од Ковид-19.

НЛФД јавно го поддржува предлог-законот АБ 2098, кој би му дал дозвола на медицинскиот одбор во Калифорнија да врши инспекции врз доктори кои шират дезинформации кои не се во согласност со научниот консензус.

Но, што е консензус? Особено при нови научни проблеми, ризично е да се ограничи тоа што смее ли не смее да се каже или дискутира. Дополнително, еден од главните проблеми со кои се соочиле НЛФД во нивната мисија било регулирањето на објавите на докторите, што не влегува во надлежност на законот кој овозможува одземање на лиценца при наштетување на пациенти бидејќи не станува збор за директна консултација со пациент. Не само тоа, тука ограничувањето на јавниот говор директно се пркоси со познатиот Прв амандман на американскиот Устав.

Сепак, законот АБ 2098 поминал во Калифорнија. Но, во законот не било доволно јасно што всушност се смета за дезинформација. Дополнително, по критиките околу прекршувањето на уставното право за слобода на говор, се ограничува законот да важи само за директно ширење дезинформации на пациент.

По донесувањето на законот, претседателката на медицинскиот одбор во Калифорнија се соочува со јавно малтретирање од група луѓе. Подоцна, тие биле идентификувани како членови на претходно споменатата анти-ваксерска група „Американски доктори на фронтот“.

НЛФД исто така применува поагресивна стратегија од други групи со слична дејност. Организацијата отвора профил на Твитер, на кој директно и без влакно на јазик посочуваат конкретни лекари кои шират невистини, барајќи од нив да преземат одговорност.

Нивниот профил на Твитер како и нивната подршка за АБ 2098 ја прави НЛФД мета на закани за смрт и демнење, мноштво навреди онлајн и тужби. Разочарани, уморни и уплашени, Николс и Сојер ја затвораат својата организација во октомври 2022 година.

Покрај личниот емоционален товар, тие биле разочарани од колку малку всушност успеале да постигнат – на речиси сите доктори кои тие посочиле дека шират чисти невистини не им биле одземени лиценците за работа.

На крај, законот АБ 2098 бил повлечен. Ова следело како реакција на бројни тужби против калифорниското собрание од страна на анти-ваксерски здруженија, како тоа предводено од Роберт Ф. Кенеди помладиот (син на Роберт и внук на Џон Кенеди), како и организации за заштита на граѓанските права кои сметале дека законот ја ограничува слободата на говор.

Но, Квинта Џуресик, авторката на текстот на Атлантик, потенцира дека не постојат само легални или уставни препреки во борбата против дезинформации.

Таа го потенцира мноштвото актери кои се спротивставуваат на борбата со дезинформации. Го истакнува преземањето на Илон Маск на Твитер, кој континуирано се залага за помалку регулирање на говорот на омраза на платформата. Дополнително, медицинските одбори се справуваат со републикански политичари кои гласаат за закони кои го ограничуваат правото да вршат инспекции врз доктори кои шират дезинформации.

Џуресик заклучува дека постојат придобивки за тие политичари кои се против вакцините, што ја прави институционалната борба против нив исклучително тешка.

Згора на тоа, тие кои зборуваат за дезинформации се соочуваат со вознемирување, „а нема институција која ќе те поддржи и стои зад тебе“, вели Наталија Соленкова, докторка од НЛФД, која била жртва на дезинформациска кампања откако се проширил невистинит твит, во кој таа „вели“ оти не би зажалила дека се вакцинирала дури и ако дознае дека имало отров во вакцината.

Соленкова се присетува на почетоците на НЛФД, кога биле убедени дека ако едноставно ја шират вистината и ги посочат лажговците, дека моќните медицински лица сигурно би реагирале соодветно.

„Бевме наивни“, заклучува Соленкова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...