Комфорна атмосфера и видео снимки од онлајн наставата дел од предностите на далечинското учење

Фото: Maya Maceka, Unsplash

Студентите се согласни дека учењето од дома освен недостатоци, има и предности. На овој начин, тие се заштитуваат себе и своите блиски, а воедно имаат повеќе време за подготовката околу испитите. Се чини дека ако едната половина од нив се прилагодува на условите, останатите се справуваат со несоодветната комуникација што пробуваат да ја остварат со професорите.

Студентот на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Филип Атанасов, не е изненаден што распоредот за полагање и оценување доцни. Тоа не е нова пракса и се случувало и пред воведувањето на онлајн наставата, вели тој. Атанасов посочува дека ситуацијата е релативно иста за сите студенти, односно предавањата се одвиваат преку онлајн платформата BigBlueButton, а истите се со квалитет како и претходно, кога наставата ја следеле од факултетските простории. Дополнителна предност е што за дел од предавањата имаат видео снимки.

Филип Атанасов, студент на ФИНКИ / Фото: Лична архива

„За мене олеснително е тоа што не треба да губам време од денот да одам на факултет и назад, а негативна страна е отсуството на социјализација и контактите кои ќе ги стекнам на факултет. Учењето од дома е добро затоа што имаме видео снимки од предавањата и доколку нешто не се разбира, стопирам преслушувам пак, а оваа работа ја нема на факултет, односно концентрацијата е поголема дома и видео записите се од голема помош“, смета Атанасов.

Како негативна страна за учењето од дома, тој го посочува фактот во однос на ограниченоста на прашања наспроти редовните консултации на факултет. Но, како што вели тој комуникацијата со професорите е подобрена за разлика од пред пандемијата.

„Многу побрзо добивам одговор на моите мејлови кои ги праќам доколку имам прашања за материјалот или ми треба било каква помош“ додава тој.

И студентката по психологија при Филозофскиот факултет, Илина Димовска, го посочува снимањето на одредени предавања како голема предност.

Илина Димовска, студентка на Филозофски факултет / Фото: Лична архива

„Во согласност на професорите и колегите, снимањето овозможува преслушување на материјалот доколку сметаме дека имаме потреба, како и можност предавањето да биде достапно за студентите кои во моментот на негова реализација имале технички проблеми или поради други причини не биле во можност да се вклучат“ – појаснува Димовска.

Сепак, како што вели таа предизвик е и справувањето со техничките проблеми со кои се соочуваат двете страни во процесот, а кои се јавуваат поради многу причини, како проблеми со платформата, дефекти на технолошките уреди или снемување интернет.

Олеснителна околност во овие услови за Димовска е тоа што има повеќе време да се посвети на учењето, но не само на материјали кои се предвидени во програмата, туку и релевантна слободна литература.

„Да имам лаптоп пред себе за време на предавања ми овозможува побрзо и поефикасно да „фаќам“ белешки кога сакам да забележам нешто клучно без притоа драстично да ја пренасочам концентрацијата од самото предавање. Друга можност која ја гледам со онлајн предавањата е пребарување релевантни материјали на интернет за кои во моментот ќе добијам идеја, нешто кое доколку би го правела на предавање надвор од виртуелниот свет би можело да претставува дистракција за мене, професорите и колегите“, изјави Димовска.

Таа вели дека и се допаѓа тоа релаксираната домашна атмосфера. Комфорот на својот дом во отсуство на неконтролирани околински дистрактори како бучава или други шумови, кои во факултетскиот простор се потешки за контролирање, заедно со можноста да се користат слушалки доведуваат до поголема релаксираност и концентрација, а тоа и овозможува на студентката Димовска, подлабински да ги апсорбира информациите.

Во однос на престојната јунска испитна сесија на факултетите, министерот за образование и наука, Арбер Адеми потенцираше дека дека сите колоквиуми, испити, одбрана на магистерски и докторски трудови ќе се одвиваат преку електронска комуникација.

„Повеќе универзитети започнаа и завршија со колоквиумите и до сега не е нотиран некаков проблем во тој процес. Во оделни студентски програми и по некои предмети постојат предизвици и проблеми и е невозможно преку онлајн средства да се огранизира испит или колоквиум. Каде што тоа не е возможно, тие ќе бидат ослободени од оваа обврска“, изјави на прес-конференција, министерот Адеми.

Сепак, од Универзитетското студентско собрание се на ставот дека не треба да се избрзува со онлајн испитната сесија, бидјеќи, како што велат, целиот систем не е подготвен за тоа.