Студентите ѝ ја презентираа Декларацијата за млади, образование и иднина на министерката Царовска

Претставници на студентските собранија на средба со Мила Царовска / Фото: Универзитетско студентско собрание на УКИМ

Претставници на студентските собранија на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, „Мајка Тереза“, „Гоце Делчев“, „Св. Климент Охридски“ и „Универзитет на Југоисточна Европа“ вчера се сретнаа со новата министерка за образование и наука, Мила Царовска и ѝ ја презентираа Декларацијата за млади, образование и иднина.

Декларацијата за млади, образование и иднина / Фото: УСС УКИМ

Во декларацијата претставени се барањата за реформи за поквалитетно образование, инвестиции во науката и образовната инфраструктура, повисок студентски стандард и вклучување на младите во креирањето на образовните политики.

„На Министерката и го пренесовме нашето барање за отварање на студентските домови и решавање на проблемот со групата на студенти која не доби домашни платежни картички“ велат од Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Како што додаваат тие, се надеваат дека конечно ќе добијат квалитетно и транспарентно Министерство, спремно за политики и проекти кои ќе ја подобрат состојбата во руинираниот образовен систем.

За средбата информираше и министерката на МОН, Царовска. Таа на својот фејсбук профил вчера напиша дека младите се важен партнер во создавањето успешни политики.

„Сите заедно создаваме современо и квалитетно образование, но и ќе работиме на подобрување на младинскиот живот и стандард. За овие, но и за други приоритети денес разговаравме со преставници од Универзитетско студентските собранија“ соопшти Царовска.