УКИМ се подготвува за студентски избори

Фото: Арбнора Мемети

Факултетите на најголемиот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“, се подготвуваат за нови студентски избори. Филозофскиот факултет е првиот кој ќе ги спроведе изборите во понеделник. Студентите ќе имаат можност да го дадат својот глас за избор на членови и претседател на Факултетското студентско собрание.

Мандатите на членовите на факултетските и на Универзитетското студентско собрание, кои траат една година, истекуваат до крајот на годинава, па повеќето факултети веќе распишаа конкурси за избор на претседатели и членови.

Во соопштението од Филозофскиот факултет се наведува дека гласањето ќе се одвива од 10 до 13 часот, без преголемо задржување на студентите во библиотеките каде што ќе се гласа.

Овој факултет засега е единствениот кој најави и ќе одржи гласање во своите простории. На повеќето факултети на УКИМ ќе се гласа електронски, преку платформа која ќе ја изработи Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Изборите на ФЕИТ, пак, ќе се одржат на крајот на месецов, вели во кратка изјава за „Мета.мк“ Дејан Димитриев, актуелен претседател на Факултетското студентско собрание.

„Изборите се распишани и ќе се одржат на 30 ноември. Ќе се гласа електронски, за што нашиот факултет изготвува посебна платформа за гласање. Истата платформа ФЕИТ ќе ја понуди на ниво на УКИМ. Веруваме и се надеваме дека изборите ќе поминат во најдобар ред“, вели Димитриев.

Избори се закажани и на Факултетот за музичка уметност и ќе се одржат на 27 ноември.

Од Природно-математикиот факултет рекоа дека сè уште не е одреден датум за изборите, но гласањето ќе се случи на почетокот на декември и најверојатно преку платформата на ФЕИТ.

Од Факултетското студентско собрание на Филолошки велат дека датумот ќе биде договорен во понеделник. Тогаш ќе се одлучи и за начинот на гласање, иако Собранието тежнее кон онлајн опцијата.

Потврда дека на крајот на месецов или почетокот на наредниот ќе се одржат студентски избори добивме и од Технолошко-металуршкиот, Машинскиот и Медицинскиот факултет.

Студентските избори се важен процес за академската заедница, особено за студентското организирање, имајќи предвид дека избраните членови и претседатели учествуваат во процесот на донесување одлуки во академската заедница.